Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 мај 2005 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план на дел од 7-ма Урбана единица – Охрид, бр.07-408/12 од 7 април 2003 година, донесена од Советот на општина Охрид, објавена во “Службен гласник на општина Охрид” бр.2/2003.
2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА решението за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.176/2004 од 16 и 17 март 2005 година по иницијативата на Софија Петреска од Охрид, поднесена преку нејзиниот полномошник Коста Шеќеровски од Охрид, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро (“Службен весник на СРМ” бр.45/1997, 8/1980, 51/1988 и 10/1990 и “Службен весник на Република Македонија” бр.62/1993).
5. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од оспорената одлука се утврдува дека со неа се усвојува предлог измената и дополнувањето на дел од Деталниот урбанистички план за 7-ма Урбана единица.
Во членот 2 од оваа одлука е утврдено дека составен дел на Одлуката е графичкиот приказ бр. 5 и 6 изработен од ИН ПУМА Скопје под технички бр. 256 од 2002 година.
Според членот 3 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а истата ќе биде објавена во Службен гласник на општина Охрид.
6. Судот врз основа на известувањето на Советот на општина Охрид доставен на 8 февруари 2005 година утврди дека во врска со Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за дел од 7-ма Урбана единица не е побарано мислење од надлежниот орган за заштита на природните реткости.
7. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Согласно член 1 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро – нивните води, крајбежија, извори и водотеци, поради карактеристичните одлики и природни убавини, геолошки, геоморфолошки, хидролошки, хидробиолошки, лимнолошки и други научни вредности, културно, естетско, образовно – воспитно, здравствено, рекреативно, туристичко и друго стопанско значење се прогласуваат за споменици на природата од особено значење за општествената заедница и се ставаат под посебна заштита.
За заштита на езерата како добра од општ интерес кои се користат за задоволување на општи и поединечни потреби, Законот предвидел низа превентивни и други мерки за заштита. Меѓу другите, во членот 7 став 1 алинеја 5 од Законот, се предвидува дека заради заштита на езерата се забранува внесување во езерата непречистени води од населените места и индустриски објекти.
Во членот 9 став 1 од Законот се предвидува дека градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежијата на езерата можат да се изведуваат само под услови и на начин утврдени со просторните планови на регионите, просторните планови на општините Охрид, Струга, Ресен и Дојран, урбанистичките планови на населените места и урбанистичките планови на подрачјата со специјална намена, како и со прописите за спроведување на овие планови.
Согласно став 2 на членот 9 од истиот закон, плановите од став 1 на овој член се донесуваат по претходно прибавено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.
Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека основна задача на државата е воспоставување рамнотежа меѓу човекот и природата, меѓу економската и еколошката сфера. Оттука, развојот на економијата и индустријата не може да се одвива неконтролирано и без да се води сметка за последиците што од тоа произлегуваат за животната средина и природа. Имено, станува збор за темелна вредност која има универзален карактер и како таква треба да биде заштитена и да се негува во средината во која живееме.
Имајќи предвид дека во конкретниов случај Советот на општина Охрид во постапка која претходи на донесување на оспорениот план не побарала мислење од органот надлежен за заштита на природните реткости, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот и со член 9 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.176/2004
4 мај 2005 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова