Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 и 14 април 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за усвојување на Генерален урбанистички план на град Тетово, бр.07-430/3 од 16 април 2003 година (“Службен гласник на град Тетово” бр.3/2003), донесена од Советот на општина Тетово на седницата одржана на 16 април 2003 година.
2. Фаузи Касами од Тетово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одлука била спротивна на Законот за денационализација од причини што за време траење на постапката во смисла на членот 72 од овој закон генералниот урбанистички план не можел да се менува со оглед на тоа што на овој начин се оневозможувала неговата примена, а барателите за денационализација на имот се доведувале во нерамноправна положба, бидејќи на некои ќе им се уважувале барањата, а на други поради измени на планот ќе им биле одбиени.
Во контекст на наведеното, подносителот на иницијативата се повикува и на одредбата од членот 10 на Законот за денационализација која што според неговото мислење се однесува на случаи во моментот кога овој закон влегол во сила, па и од тие причини урбанистичките планови не можеле да се менуваат по влегувањето во сила на овој закон.
Инаку, непосреден повод и причина за поднесување на иницијативата е тоа што нејзиниот подносител до надлежниот орган поднел барање за денационализација на земјиштето на КП.бр.5777 на КО-Тетово. Додека постапката била во тек, Советот на општина Тетово ја донел оспорената одлука со која го изменил Генералниот урбанистички план така што на оваа парцела се предвидувала изградба на објект за основно училиште што е од јавен интерес, поради што означената парцела не можела да биде предмет на денационализација, односно се оневозможувало нејзиното враќање во сопственост на предлагачот.
3. Судот на седницата утврди дека под бројот и датата наведени во иницијативата е донесена Одлука за усвојување на Генерален урбанистички план на град Тетово, а не Одлука за изменување на овој план, како што се наведува во иницијативата. Од тие причини како оспорен акт Судот ја сметаше Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Од увидот во оспорената одлука Судот утврди дека таа има само 3 члена, од кои во членот 1 се утврдува дека се усвојува Генералниот урбанистички план на град Тетово.
Според членот 2 од Одлуката, составен дел на оваа одлука е техничката документација изработена од јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови Скопје со тех. бр.01/03 од 1 јануари 2003 година и техничката документација со тех. бр.24/94, изработена од страна на АД “Комунапроект” – Тетово, кои не се објавуваат. Две копии остануваат во општината, а едно копие се доставува до Министерството за транспорт и врски ПЕ – Тетово.
Според членот 3, оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Тетово”.
Од текстуалниот дел на Генералниот урбанистички план за град Тетово е видно дека за идните потреби на образованието се предвидени три нови основни училишта од кои едно во блок се презема од претходниот Основен урбанистички план, додека за другите две се предвидени две нови локации и тоа: едното на локација на поранешниот сточен пазар во Мала Речица, а другото на локација во непосредна близина на новиот градски стадион. Исто така, и во Графичкиот дел од Генералниот план во кој е планирана намената на земјиштето, е предвидена зона за јавни објекти во чии рамки се и објектите за основно образование. Оваа зона зафаќа вкупно 95,21 ха.
4. Судот на седницата, исто така, утврди дека сега оспорената одлука е оценувана во предметот У.бр.205/2004. Во постапката по наведениот предмет оваа одлука е оценувана од аспект на нејзината согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање и притоа Судот со Решение У.бр.205/2004 од 16 и 17 март 2005 година не поведе постапка за оценување на нејзината согласност со овој закон од причини што утврди дека истата е донесена согласно постапката за донесување на генерален урбанистички план пропишана со Законот за просторно и урбанистичко планирање. Имено, Судот во таа постапка утврди дека по Нацртот на Генералниот урбанистички план на град Тетово е спроведена стручна расправа и извршена стручна ревизија, а на Предлогот на планот е дадена согласност од страна на министерството надлежно за работите на уредувањето на просторот.
5. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Со оглед на тоа што во конкретниот предмет подносителот на иницијативата законитоста на оспорената одлука ја доведува под сомнение од аспект на членовите 10 и 72 од пречистениот текст на Законот за денационализација, а поврзано со овој закон и со начелото на еднаквост на граѓаните, Судот во постапката по овој предмет ги имаше предвид означените одредби од овој закон.
Во членот 9 од Законот, односно член 10 од пречистениот текст на Законот (“Службен весник на Република Македонија” бр.43/2000), на кој се повикува подносителот на иницијативата, е утврдено дека не се враќа во сопственост поради постоење на јавен интерес, а се дава надомест, меѓу другото, и за неизградено градежно земјиште на кое според урбанистичкиот план е предвидена изградба на објекти од точките 1 и 2 на овој член и на други објекти од јавен интерес.
Во членот 64 став 1 од Законот, кој соодветствува на членот 72 од пречистениот текст на Законот, на кој, исто така, се повикува подносителот на иницијативата, е утврдено дека со денот на влегувањето во сила на овој закон не е дозволено располагање со имотот што е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кое се создаваат обврски на барателот. Според ставот 2 на овој член од Законот, правните дела и едностраните изјави на волја што се во спротивност со став 1 на овој член се ништовни.
Од содржината на членовите 9 и 64, односно 10 и 72 од пречистениот текст на Законот, според Судот не произлегува забрана за просторно и урбанистичко планирање, односно за донесување или измена на урбанистички планови по влегувањето во сила на овој закон, како што смета подносителот на иницијативата. Ова од причина што генералниот урбанистички план, како и другите планови утврдени во Законот за просторно и урбанистичко планирање, по својот карактер и содржина не претставува акт, односно правно дело во смисла на членот 64 од Законот за денационализација со кој се врши располагање со градежното земјиште, што според овој член од Законот по неговото влегување во сила не е дозволено. Исто така, постапката за донесување и изменување на урбанистичките планови и постапката за враќање на имотот кој е предмет на денационализација согласно Законот за денационализација се две суштински различни постапки и една со друга не се исклучуваат, ниту пак Законот упатува на тоа.
Оттука, имајќи го предвид наведеното, како и фактот дека Законот за денационализација воопшто не уредува прашања во врска со постапката за донесување на просторни и урбанистички планови со кои се врши планирање на просторот во смисла на обезбедување порамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот, како и услови за хумано живеење и работа на граѓаните, Судот утврди дека овој закон е ирелевантен за оценување на законитоста на оспорената одлука од аспект на постапката во која таа е донесена, па од тие причини и не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за денационализација, во однос на кој се оспорува со оваа иницијатива.
Меѓутоа, со оглед на тоа што Судот веќе ја оценувал законитоста на оспорената одлука во однос на Законот за просторно и урбанистичко планирање и со Решение У.бр.205/2004 од 16 и 17 март 2005 година не повел постапка за оценување на нејзината согласност со тој закон, а не наоѓајќи основи за поинакво одлучување по оваа иницијатива, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.25/2005
13 и 14 април 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова