21/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 април 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 89 став 4 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека со предвидувањето наредба за работа подолга од полното работно време во случаите од став 2 точки 1 и 2 на член 89 од Законот за служба во АРМ донесува министерот за одбрана, доаѓало до деконцентрација на командните овластувања и вметнување на орган во вертикалниот линиски систем на командување и употреба на Армијата помеѓу претседателот на Републиката и Генералштабот на Армијата. Според подносителот на иницијативата, на овој начин се разводнувала функцијата на командувањето, а со самото тоа доаѓало до слабеење на одговорноста во системот на одбраната кој се заснова врз принципите на едностарешинство, субординација и единство во командувањето при употреба на силите и средствата. Имено, системот на командувањето бил строго хиерархиски уреден со еден наредбодавец и еден извршител.

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот дел од законската одредба се вршела поделба на функцијата помеѓу претседателот на Републиката како врховен командант на вооружените сили и министерот за одбрана, како старешина на орган на државната управа, а со самото тоа и до ограничување на ингеренциите на Врховниот командант. Според наводите во иницијативата, од уставноправен аспект било нелогично и неодржливо министерот за одбрана да донесува конкретна наредба за работа подолга од полното работно време и врз основа на подзаконски пропис на началникот на Генералштабот на Армијата.

Поради изнесените аргументи, подносителот на иницијативата смета дека со ваквото пропишување во оспорениот законски дел се отворала можност за повреда на принципите на едностарешинство, субординација и единство во комаднувањето при употреба на силите и средствата, со што се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 79 став 2 и член 122 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 89 став 4 во делот “во случаите од став 2 точка 1 и 2 на овој член донесува министерот за одбрана” од Законот за служба во Армијата на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во член 89 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија е предвидено:

“Работното време на професионален војник и воен старешина изнесува 40 часа во работна недела (полно работно време).

Работното време може да трае подолго од 40 часа во работна недела, во следниве случаи:

1) во случај на наредени мерки за зголемена борбена готовност;
2) во случај на потреба од дополнително ангажирање на одредени воени единици заради одржување на борбената готовност;
3) во случај на тревога во воените единици, односно установи;
4) за време на воена вежба;
5) во случај кога Армијата на Република Македонија учествува во отстранување последици од вонредна состојба;
6) за време на дежурство и слични должности во воени единици односно воени установи;
7) во услови кога се бара продолжување на започнатата работа чие запирање или преименување би имало штетни последици за борбената готовност на воената единица односно установа за извршување вонредни задачи или поради одредени состојби во единиците односно установата.

Во случаите од став 2 на овој член, професионалниот војник и воениот старешина се должни да работат подолго од полното работно време.

Наредба за работа подолга од полното работно време во случаите од став 2 точки 1) и 2)на овој член донесува министерот за одбрана, (оспорен дел), а во случаите од став 2 точки 3) до 7) на овој член, наредба донесува командантот на баталјон и нему рамен или повисок старешина.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 79 став 2 и 3 од Уставот, претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Македонија и претседателот на Републиката своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Согласно член 122 од Уставот вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независност на Републиката.

Одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Членот 1 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001 и 5/2003), утврдува дека одбраната на Република Македонија се организира како систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката. Одбраната ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како Армија на Република Македонија. Со овој закон се утврдуваат надлежностите во остварувањето на одбраната, на претседателот на Републиката и врховен командант на Армијата, како и надлежностите на Министерството за одбрана.

Согласно членот 18 став 1 од овој закон, во остварувањето на одбраната претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата ги определува мерките за зголемување на борбената готовност на Армијата и наредува нивно спроведување.

Со овој закон во членот 26 точка 20 е определено дека во извршувањето на работите и задачите од член 25 став 1 на овој закон, Генералштабот на Армијата донесува стручни правила и упатства што се однесуваат на употребата на единиците на Армијата, внатрешниот ред и односите во вршењето на службата во Армијата и други стручни правила и упатства од значење за работата во Армијата.

Законот за одбрана во системското уредување на прашањата од сферата на одбраната, поаѓајќи од изнесените уставни норми, јасно ги определил надлежностите на органите на државната власт односно на претседателот на Републиката и на Министерството за одбрана и статусот на Армијата како вооружена сила на сите граѓани на Републиката заради остварување на уставната функција за одбрана на земјата. Во тие рамки со Законот е определено дека оперативните и стручните работи за организирање, подготвување и командување со Армијата ги врши Генералштабот на Армијата, како највисоко стручно тело во состав на Министерството за одбрана, со кое раководи началник кој го поставува и разрешува претседателот на Републиката и кој одговара на претседателот на Републиката и министерот за одбрана.

Следствено на овој законски концепт, предмет на уредување со Законот за служба во Армијата на Република Македонија е статусот, правата и должносите и одговорнстите на лицата во служба во Армијата на Република Македонија, како и работното време, одмори и отсуства и други прашања во врска со службата во Армијата.

Работното време, одморите и отсуствата на воените лица, односно на лицата во служба во Армијата се уредени во Главата ИЏ со членовите од 88 до 112 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија.

Овластувањата определени во членот 89 (сега оспорен) се однесуваат на професионален војник и воен старешина.

Согласно член 4 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, служба во Армијата со засновање работен однос во Министерството за одбрана вршат офицери, подофицери (воени старешини) и професионални војници.

Во членот 49 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, меѓу другото се предвидува дека министерот кој раководи со министерството одлучува за правата, должностите и одговорностите на државните службеници и другите лица вработени во министерството кои немаат статус на државни службеници, доколку со закон не е поинаку определено. Членот 55 од истиот закон ја предвидува можноста министерот да донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Од анализата на наведената законска регулатива, според Судот, произлегува дека во конкретниов случај министерот одлучува за правата, должностите и одговорностите на воените лица кои имаат засновано работен однос во Министерството за одбрана, односно на воените старешини и професионалните војници. Работното време на вработените регулирано со овој закон трпи продолжување, односно зголемување на полното работно време, само во со закон определените случаи, меѓу кои и при наредени мерки за зголемена борбена готовност и потреба од дополнително ангажирање на одредени воени единици заради одржување на борбената готовност.

Имајќи го во вид фактот дека само претседателот на Републиката, како врховен командант на Армијата, ги определува мерките за зголемување на борбената готовност на Армијата и наредувањето на нивното спроведување, Судот оцени дека наредбата на министерот за одбрана за работа подолга од полното работно време е во функција на операционализација на мерките определени од врховниот командант. Оттука, оспорената одредба од Законот не значи деконцентрација на командните овластувања ниту разводнување на функцијата на командувањето и не е во спротивност со принципите на едностарешинство, субординација и единство во командувањето при употребата на силите и средствата, на кои околности се укажува во иницијативата. Напротив, според Судот донесувањето на наредбата од министерот за одбрана за работа подолга од работното време, всушност е последица на претходно определување од страна на претседателот на Републиката на мерките за зголемување на борбената готовност на Армијата на Република Македонија и наредувањето на нивно спроведување. Понатаму, во функција на навремено и ефикасно извршување на определените мерки, а со оглед на специфичниот карактер на истите министерот за одбрана ја донесува наредбата за работа за подолго работно време. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со наредбата за работа подолга од полното работно време донесена од министерот доаѓа до мешање на командните и извршните функции помеѓу претседателот на Републиката и министерот за одбрана, бидејќи нивните овластувања во однос на одбраната се јасни и децидно определени со позитивната законска регулатива.

Според Судот со оспорената законска одредба не се повредува член 8 став 1 алинеа 3, член 51, член 79 став 2 и член 122 став 1 од Уставот на Република Македонија, во однос на кои се оспорува уставноста на оваа законска одредба и поради тоа не може да се постави прашањето за нејзината согласност со овие членови од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.21/2005
6 април 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова