Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 април 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 25 став 2, член 31, член 32 и член 33 од Законот за туристичката дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2004).
2. Весна Цветкова од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорените одредби од Законот се предвидувале различни лиценци и различни услови за нивно стекнување под кои агенциите можеле да ја вршат туристичката дејност, не заради подобрување на квалитетот на дејноста, туку заради елиминирање на дел од субјектите во стопанството во вршењето на туристичката дејност и добивање на монополски статус на други субјекти кои под привилегирани услови би ја вршеле туристичката дејност.
Од овие причини во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот, како спротивни на членот 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, кој се однесува на слободата на пазарот и претприемништвото и на членот 55 од Уставот во кој се утврдени основите на економските односи во Република Македонија.
Воедно, со иницијативата се бара Судот да донесе времена мерка односно решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија врз основа на оспорените одредби, согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека Законот за туристичката дејност со одредбата од членот 25 став 1 предвидел дека туристичките агенции за вршење на дејноста мораат да имаат лиценца за вршење на туристичката дејност, а со оспорената одредба од ставот 2 предвидел дека лиценцата може да биде: лиценца “А”, лиценца “Б” и лиценца “В”.
Според членот 31 од Законот, за добивање лиценца “А” туристичката агенција мора да ги исполнува следниве услови:
1) да склучи годишен договор со осигурително друштво за осигурување за одговорност од вршење на дејноста во износ од 50.000 евра во денарска противвредност;
2) да има позитивен бонитет за последните шест месеци пред поднесувањето на барањето, а за ново основаните агенции по истекот на шест месеци од денот на добивањето на лиценцата;
3) да има најмалку четири вработени лица, од кои две лица со доказ дека активно познаваат еден од светските јазици и еден од вработените да има положен ИАТА курс за продажба на авионски билети и
4) да има туристички водич и туристички придружник при секоја реализација на патувањето во земјата или странство за најмалку 15 лица.
Со членот 32 од Законот е уредено дека за добивање лиценца “Б” туристичката агенција мора да ги исполнува следниве услови:
1) да склучи годишен договор со осигурително друштво за осигурување за одговорност од вршење на дејноста во износ од 15.000 евра во денарска противвредност;
2) да има позитивен бонитет за последните шест месеци пред поднесувањето на барањето, а за ново основаните агенции по истекот на шест месеци од денот на добивањето на лиценцата;
3) да има најмалку две вработени лица, од кои едно лице со доказ дека активно познава еден од светските јазици и еден од вработените да има положен ИАТА курс за продажба на авионски билети и
4) да има туристички водич и туристички придружник при секоја реализација на патувањето во земјата или странство за најмалку 15 лица.
Согласно членот 33 од Законот, за добивање лиценца “В” туристичката агенција мора да ги исполнува следниве услови:
1) да има вработено лице со положен ИАТА курс за продажба на авионски билети и
2) да има туристички водич и туристички придружник при секоја реализација на патувањето во земјата или странство за најмалку 15 лица.
4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 7 од Уставот на Република Македонија темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е слободата на пазарот и претприемништвото.
Во делот на уставните норми кои се однесуваат на основите на економските односи, со членот 55 од Уставот е предвидено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Законот за туристичката дејност во членот 1 определил дека предмет на уредување со овој закон се условите и начинот на вршење на туристичката дејност. Според одредбите од овој закон, туристичката дејност можат да ја вршат трговски друштва и трговци поединци регистрирани во трговскиот регистар под услови и начин утврдени со овој закон. Тие во зависност од видот на услугата што ја даваат може да основаат туристичка агенција или туристичко биро кои според законот имаат различна класификација на услови и начин на вршење на туристичката дејност.
Според членот 12 од Законот, туристичките агенции ги вршат следниве услуги: организирање, продажба и реализација на туристички пакет аранжмани; продажба и посредување на продажба на угостителските и други туристички услуги; посредување и давање на услуги на патувања и престој и други услуги врзани со нив; организирање продажба на билети и спроведување на излетнички програми; прифаќање и превоз на патници и продажба на билети за сите видови превозни средства; резервирање на сместување и други услуги во угостителски објекти; застапување на домашни и странски туристички агенции; давање информации и туристички промотивни материјали; посредување во добивање на визи потребни за аранжмани во странство, дозволи за лов, риболов, нуркање и други дозволи за организирање и спроведување на различни видови туризам; организирање на служба на туристички придружници, прифаќање на гостите при доаѓање и заминување од местото во туристичката дестинација; давање на услуги од страна на туристички водичи и осигурување на патниците и предметите во случај на репатријација, несреќа и болест.
Туристичката агенција, согласно членот 13 од овој закон, може да врши комерцијални туристички информативно-советодавни и промотивни активности, а според членот 15, може да организира и дава услуги во врска со чековни картички и патни чекови, дава менувачки услуги, изнајмува и посредува во изнајмување на возила (рент-а-кар, пловни објекти, летала, чување и одржување на пловните објекти), потоа може да организира културни и спортски манифестации, продава сувенири, туристичка литература, весници, домашни ракотворби и друга стока, потоа продава влезници за културни, спортски и други приредби, среќки на лотарија и врши уплатување на лото и спортска прогноза.
Во рамките на правата и обврските за вршење на туристичката дејност утврдени во членот 15 од Законот, меѓу другото е предвидено дека туристичката агенција склучува договор со корисникот на услугата во кој треба да бидат јасно определени условите и начинот на давање на услугите.
Со одредбите од Законот се уредени и други прашања кои се однесуваат на издавањето на туристички ваучер и туристичка брошура со вистински и разбирливи информации, како и за реализацијата на пакет – аранжмани и на патувања и престој во странство, кои создаваат односи на определени права и обврски во трансферот на услугите како за вршителите на туристичката дејност, така и за корисниците.
Според членот 25 став 1 од Законот, туристичките агенции за вршење на дејноста мора да имаат лиценца за вршење на туристичката дејност, а според одредбата од ставот 2, која е оспорена со иницијативата, лиценцата може да биде: лиценца “А”, лиценца “Б” и лиценца “В”.
Со Законот е определено дека лиценцата ја издава органот на државната управа надлежен за работите од областа на туризмот или институција овластена од Владата на Република Македонија на предлог на министерот на наведениот орган. Лиценцата се издава во постапка пропишана со Законот, има важност од три години и лиценцата се запишува во регистарот на туристичките агенции кој го води давателот на лиценцата. Условите за давање на лиценците посебно се уредени со членовите 31, 32 и 33 од Законот, кои се оспорени со иницијативата пред овој Суд.
Имено, законодавецот со оспорените одредби од Законот предвидел туристичката дејност да се врши со лиценци поделени во три категории кои туристичките агенции можеле да ги добијат под определени услови во зависност од лиценцата.
Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби и наводите во иницијативата Судот утврди дека целисходноста на законските решенија во оспорените одредби и нивната примена не може да биде предмет на уставносудска оцена, меѓутоа, од аспект на нивната уставност во однос на определбите во членот 8 став 1 алинеја 7 и членот 55 од Уставот, врз основа на уставносудската анализа произлегува дека за оспорените одредби не може да се постави прашањето за несогласност со Уставот.
Имено, според Судот, уставно гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката која создава услови за реализација на стопанството и приватната иницијатива во сите области на стопанскиот систем како што е во случајов и во сферата на туристичката дејност. Меѓутоа, слободата на пазарот и претприемништвото не претставуваат исклучиво право на делување на субјектите на пазарот бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога во регулирањето на економските текови во стопанството. Државата, исто така, е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополската положба и монополското однесување на пазарот, овозможување на конкуренцијата и обезбедување на еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност.
Имајќи го предвид уставниот основ за законско уредување на правата и обврските во сферата на дејностите во стопанството според Судот произлегува и основот за уредување на условите и начинот на вршењето на туристичката дејност како дел од стопанството. Во тие рамки со Законот за туристичката дејност е уреден правниот режим на вршењето на предметната дејност. Оттука, утврдувањето на лиценците, категоризацијата на лиценците и начинот на нивното добивање согласно оспорените законски одредби, претставуваат елементи востановени во правниот режим на вршењето на туристичката дејност кој подеднакво важи и се однесува на сите субјекти кои ја вршат дејноста, а од друга страна го определува односот во оваа сфера и на корисниците на туристичките услуги.
Со оглед на тоа што Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот за туристичката дејност со Уставот, произлегува дека не се исполнети условите согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за донесување на решение за запирање од извршување на оспорените одредби од Законот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.223/2004
6 април 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова