У.бр.158/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 март 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 126 став 2 од Законот за водостопанствата (“Службен весник на Република Македонија” бр.85/2003).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Законот е неодржлива од уставно правен аспект, затоа што била непрецизна и противречна. Имено, ако постојните водостопански претпријатија, други правни лица и делови од претпријатијата што вршат водостопанска дејност престануваат со работа со денот на влегувањето во сила на овој закон, а тоа било 8 јануари 2004 година (член 129 од Законот), тогаш не е можно, во периодот од престанувањето со работа до денот на бришењето од соодветниот регистар, овие исти субјекти да ги извршуваат и нужните работи за функционирање на хидросистемите и нивно одржување.

Од оспорената одредба ниту, пак, од Законот во целина, како што понатаму се наведува во иницијативата, не можело да се утврди кои се тие “нужни работи за функционирање на хидросистемите и нивно одржување” и кои лица од вработените, тие “нужни работи” ќе ги извршуваат, по престанувањето со работата до денот на бришењето од соодветниот регистар, односно, каков статус овие вработени лица ќе имаат? Потоа, дали тука нема да се појави субјективизам и привилегии при определувањето на извршителите на нужните работи, односно, нема ли да дојде и до нееднаквост на граѓаните пред Уставот и законите меѓу оние вработени на кои веднаш ќе им престане работата со денот на влегувањето во сила на овој закон и оние што ќе останат и понатаму да ги извршуваат нужните работи?!

Имено, според подносителот на иницијативата во случајот не само што се повредувала еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, туку се кршела и уставната одредба на член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија, според која секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Накратко, законодавецот, во случајот, направил голема “збрка” и покажал крајна непринципиелност. Прво затоа што определил наведените субјекти да престанат со работа со денот на влегувањето во сила на овој закон, што бил многу краток и нереален рок, а веднаш потоа, битно отстапувал од тоа, со втората реченица од став 2 на член 126 од Законот, кога предвидел во периодот по престанувањето со работа до денот на бришењето од соодветниот регистар, овие субјекти да ги извршуваат нужните работи.

Оваа одредба во практиката била неприменлива, затоа што за функционирање на хидросистемите и нивното одржување сите работи биле нужни и тука никако не можеле да се издвојат оние работи кои не се нужни. За ова предлага Судот да прибави и стручно мислење од надлежните институции.

Поради сето тоа, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената законска одредба се повредувале членовите 8 став 1 алинеја 3, 9, 32 став 1 и 2 и 51 од Уставот на Република Македонија.

Воедно, предлага Судот да изрече и времена мерка со која ќе се запре извршувањето на поединечните акти и дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на оспорената законска одредба.

3. Судот на седницата утврди дека според член 126 став 1 од Законот за водостопанствата со денот на отпочнувањето со работа на водостопанствата и донесувањето на одлуката на Владата на Република Македонија за престанок со работа на постојните јавни претпријатија од областа на водостопанството, овие субјекти
престануваат со работа.

Во оспорениот став 2 од овој член од законот е утврдено дека постојните водостопански претпријатија, други правни лица и делови од претпријатијата што вршат водостопанска дејност престануваат со работа со денот на влегувањето во сила на овој закон. Во периодот по престанувањето со работата до денот на бришењето од соодветниот регистар, овие субјекти ги извршуваат само нужните работи за функционирање на хидросистемите и нивно одржување.

Според ставот 3 од членот 126 од Законот, постапката за ликвидација на субјектите од ставот 2 на овој член се спроведува по предлог на Владата на Република Македонија и според одредбите од членовите 112 до 117 на овој закон.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е утврдено и владеењето на правото.

Според член 9 став 1 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 од овој член од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 32 став 1 од Уставот на Република Македонија е утврдено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а во ставот 2 од овој член е утврдено дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно ставот 5 од овој член од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Со Законот за водостопанствата се уредуваат: основањето, организирањето, работењето, финансирањето, контролата и престанокот на работењето на водостопанствата.

Во членот 2 од Законот се утврдени целите на законот и тоа:

– обезбедување на економично стопанисување, користење, функционирање и одржување на хидросистемите, системите за наводнување и системите за одводнување преку водостопанствата како автономни јавно правни субјекти;

– дефинирање на обемот на услугите кои водостопанствата ги даваат на корисниците на вода;

– уредување на условите за пренесување на правото на користење на системите и објектите на водостопанствата и воспоставување на услови за нормално и успешно работење на водостопанствата и користење на нивните услуги од корисниците на вода.

Оспорената законска одредба е поместена во Главата ЏИ во делот на преодните и завршните одредби од Законот, со која е утврдено дека постојните водостопански претпријатија, други правни лица и делови од претпријатија што вршат водостопанска дејност престануваат со работа со денот на влегувањето во сила на овој закон. Во периодот по престанувањето со работа до денот на бришењето од соодветниот регистар, овие субкети ги извршуваат само нужните работи за функционирање на хидросистемите и нивното одржување.

По однос на наводите во иницијативата, кои се нужните работи за функционирање на хидросистемите и нивно одржување, и кои лица тие нужни работи ќе ги извршуваат по престанувањето со работа на постојните водостопански субјекти до денот на бришењето од соодветниот регистар, Судот утврди дека надлежностите на водостопанствата се утврдуваат во Главата ИИ од Законот и тоа од членот 5 до членот 18.

Во членот 5 од Законот е утврдено дека водостопанството е јавно правно лице, кое врши економично стопанисување, користење, функционирање, одржување и контрола на системите во целина, заради:

– снабдување со вода за наводнување;
– снабдување со вода на комунално претпријатие за водоснабдување за консумирање од страна на човекот (вода за пиење и други потреби) и технолошки потреби;
– снабдување со вода за индустриски и технолошки (стопански) потреби вклучувајќи го и производството на електрична енергија и
– одводнување на земјиште.

Во членот 6 од законот е определено дека водостопанството ги снабдува со вода за наводнување:

– водните заедници и
– индивидуалните корисници (физички и правни лица), кои се надвор од територијата на водната заедница, а имаат можност и потреба од наводнување.

Согласно член 13 од законот при вршење на својата дејност, водостопанството:

– обезбедува подеднаков третман во давањето на услугите на сите корисници на вода, пресметува и наплаќа надоместоци за услугите кои ги обезбедува;
– презема мерки за рационално користење на водата, за намалување на загубите на вода на минимум;
– презема мерки за штедење на водата;
– совесно и одговорно управува со своите средства, работејќи со нив на внимателен и трошковно ефикасен начин;
– го одржува и обезбедува ефикасно и одржливо функционирањето и користењето на системот со кој стопанисува и
– ги спроведува прописите од областа на својата надлежност и општите и поединечните акти што ги донесува.

Од анализата на наведените законски одредби може да произлезе заклучок дека во овие законски одредби се опфатени работите кои можат да се сметаат како нужни работи за функционирање на хидросистемите и нивно одржување.

Значи, законодавецот дал можност постојните водостопански претпријатија, други правни лица и делови од претпријатијата што вршат водостопанска дејност во периодот по престанувањето со работа до денот на бришењето од соодветниот регистар да ги извршуваат само нужните работи за функционирање на хидросистемите и нивно одржување, а не и другите работи што се во надлежност на овие субјекти.

Оттука, Судот утврди дека не може да стане збор за несогласност на оспорената законска одредба со начелото на владеењето на правото.

Прашањето за согласноста на оспорената законска одредба не може да се постави ни по однос на членовите 9 и 32 став 1 и 2 од Уставот, затоа што Судот утврди дека причините поради кои во иницијативата се оспорува согласноста на оспорените одредби со овие членови од Уставот се неосновани со оглед на тоа што таа одредба не го уредува прашањето на статусот на работниците во постојните водостопански субјекти, туку вршењето на нужните работи до нивното бришење од судскиот регистар.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека оспорената законска одредба не е во несогласност и со членот 51 од Уставот.

Со оглед на фактот што Судот утврди дека нема основи за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорениот член од Законот за водостопанствата, нема основи Судот да донесе времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на оспорената законска одредба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.158/2004
30 март 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова