57/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 март 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на поднасловот “Одговорност поради дела на корупција” од Законот за спречување на корупцијата (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/2002, 46/2004 и 83/2004) и член 167 од Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/2001, 4/2002 и 5/2003).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата содржината на поднасловот “Одговорност поради дела на корупција” од Законот за спречување на корупцијата не била согласна со содржината на членот 167 од Законот за облигационите односи, двата закона и ги правело несогласни со Уставот.

3. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со оглед на тоа што со иницијативата се бара оценување на уставноста на поднасловот “Одговорност поради дела на корупција” од Законот за спречување на корупцијата и член 167 (кој ги уредува овие прашања) од Законот за облигационите односи, затоа што не биле меѓусебно усогласени, Судот оцени дека согласно погоре посочените одредби, не е надлежен да постапува по оваа иницијатива.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.57/2005
30 март 2005 година
С к о п ј е
лк