151/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 и 17 март 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 136 став 2 во делот

2. Славе Димитров од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорениот дел од одредбата се повредувале член 8 став 1 алинеја 3 и член 15 од Уставот на Република Македонија. Имено, оспорениот дел од одредбата не обезбедувал двостепеност во одлучувањето по приговор на вработените во Јавното претпријатие, бидејќи наместо друг орган кој не учествувал во првостепената постапка и во втор степен одлучувал истиот орган, односно комисија именувана од генералниот директор.

Притоа, делот од одредбата се оспорува во однос на неговата релација со членот 20 став 3 од Колективниот договор, каде што било предвидено генералниот директор или работник што тој ќе го овласти да донесе одлука за распоредување на работник.

Поради наведеното подносителот на иницијативата предлага Судот да го поништи делот од оспорената одредба, како и да ги поништи сите акти донесени врз основа на овој дел од одредбата.

3. Судот на седницата утврди дека според член 136 став 2 од Колективниот договор на Јавното претпријатие Македонска радио телевизија, барањето, односно приговорот работникот го поднесува до комисија од три члена од кои еден преставник на синдикатот што ја именува генералниот директор, во рок од 15 дена од денот на врачувањето на одлуката со кое е повредено неговото право, односно од денот кога дознал за повредата на правото. Одредбата се оспорува во делот: “што ја именува генералниот директор”.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Според член 32 став 5 од Уставот, правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Тргнувајќи од содржината на член 15 од Уставот произлегува дека Уставот го гарантира правото на жалба против судските акти, управните акти, или актите на организациите или институциите што вршат јавни овластувања.

Во конкретниот случај со членот 136 од Колективниот договор, а со тоа и со оспорениот дел, не се предвидува поднесување на жалба како што предвидела устав- ната одредба, туку поднесување на приговор. Приговорот е специфично правно средство што се вложува, меѓу другото и во случаите кога вработените не се согласуваат со донесената одлука во врска со нивните права, обврски и одговорности што ги имаат кај конкретен работодавец. Притоа ова правно средство остава можност за внатрешно решавање на настанатата состојба и одбегнување на натамошно водење на судска или управна постапка, доколку по повод приговорот доносителот на актот против кој се вложува приговорот согледа дека повредил нечии права. Значи не станува збор за заштита на права во постапка пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања, туку станува збор за заштита на права, обврски и одговорности што произлегуваат од работен однос.

Со оглед на тоа што станува збор за право на приговор против одлуки донесени во врска со работниот однос на вработените во Јавно претпријатие што не врши јавни овластувања, Судот оцени дека оспорениот дел од одредбата не може да се доведе во релација и подведе под сомнение по однос на согласноста со членот 15 од Уставот.

Понатаму Судот утврди дека членот 135 став 2 од Законот за работни односи и членот 82 став 1 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и другите правни лица кои вршат нестопанска дејност оставаат можност работникот, заради остварување на правата од работен однос, да поднесе барање, односно приговор до органот утврден со колективен договор. Наведените акти не содржат поблиско уредување за начинот на конституирање на органот што треба да одлучува по барањата, односно приговорите.

Прифатената регулатива во оспорениот дел од одредбата, генералниот директор да ја именува комисијата што одлучува по приговор, призлегува од содржината на законската норма и нормата од Општиот колективен договор за нестопанската дејност што е во согласност со членот 32 став 5 од Уставот.

Со оглед на тоа што станува збор за орган утврден со колективен договор на начин предвиден во законската одредба, како и одредбата од Општиот колективен договор за нестопанската дејност, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од одредбата и со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозиниство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 151/2004
16 и 17 март 2005 година
С к о п ј е
мл/л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова