73/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 март 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9 во делот “обезбедување од страна на самиот работодавец без огласување со склучување и заверка на договор за работа” од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 14/1995, 53/1997, 21/1998, 25/2000, 3/2001, 50/2001, 25/2003 и 40/2003).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9-а став 3 од законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека со оспорените одредби од Законот, кои подносителот на иницијативата ги означува според пречистениот текст од Законот (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/2003) се овозможувало спротивно на уставната одредба од член 32 став 2, одредени граѓани да можат да се вработуваат на одредени работни места без јавен оглас и на тој начин под привилегирани услови да засноваат работен однос наспроти останатите граѓани кои според Законот, во постапка на јавен оглас во меѓусебна конкуренција претендираат за вработување и според оцена на условите кои тие ги исполнуваат да се врши изборот за вработување. Поради тоа граѓаните се доведувале во нееднаква положба во поглед на достапноста на работно место, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 32 став 1, 2 и 5 и член 51 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 9 од Законот за работните односи, работодавецот потребата од работници може да ја задоволи со обезбедување работник преку огласување на јавен оглас во дневниот печат на товар на работодавецот; објавување во службата надлежна за посредување при вработување без наплата; со посредување на службата за посредување при вработување преку упатување на лица за вработување од евиденцијата на невработените лица; обезбедување од страна на самиот работодавец без огласување со склучување и заверка на договор за работа и преку агенција за посредување при вработување со наплата од работодавец, во согласност со овој и друг закон.

Според членот 9-а став 2 од Законот, во јавна установа, јавно претпријатие и друго правно лице што врши дејност на јавна служба, државен орган и орган на општината односно градот Скопје потреба од работник се обезбедува со објавување на јавен оглас во најмалку два дневни весници од кои најмалку во по еден од весниците што се издаваат на македонски јазик и во весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

Според оспорениот став 3 на овој член, по исклучок, за итни и неодложни работи, работен однос може да се заснова и без јавно огласување, но најмногу до 30 дена, со посредување на службата надлежна за посредување при вработувањето.

5. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во делот на одредбите од Уставот кои се однесуваат на економските, социјалните и културните права, во членот 32 став 1 е утврдено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според ставот 5 остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Членот 9 од Законот за работните односи ги утврдува начините на кои работодавецот може да ја задоволи потребата од работници. Меѓу другите начини, овој член од Законот допушта обезбедување на работници од страна на самиот работодавец без огласување со склучување и заверка на договор за работа.

Уставната гаранција за достапноста на работното место секому под еднакви услови е едно од основните права на граѓанинот кое воедно претставува и гаранција за неговата економска и социјална сигурност и ја изразува определбата секој човек способен за работа тоа право да го оствари под определени услови и објективни можности и за секој вид работа.

Определбата содржана во членот 9 од Законот за работните односи за обезбедување на работници од страна на самиот работодавец без огласување, основано го поставува за нееднаквата положба на граѓаните во поглед на достапноста на работното место. Имено, пополнувањето на одредено работно место без огласување значи дека некои граѓани се привилегирани и полесно засноваат работен однос без притоа да има транспарентност и меѓусебна конкуренција.

Вработувањето односно пополнувањето на слободни работни места без огласување, може да се третира како нерамноправност на граѓаните и како ограничување на правото на достапност на секое работно место за оние граѓани кои воопшто не се запознати дека има слободни работни места, поради што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на членот 9 во оспорениот дел со членовите 9 и 32 од Уставот.

6. Обезбедување на работници во јавните установи, јавните претпријатија и други правни лица што вршат дејност на јавна служба, државните органи и органите на општините односно градот Скопје по правило се врши со објавување на јавен оглас во најмалку два дневни весника.

Огласувањето на потребата од работници во наведените субјекти преку објавување на јавен оглас е задолжително и на транспарентен начин со цел да се обезбеди примената на уставната одредба за еднаква достапност секому на секое работно место.

Само по исклучок согласно оспорениот член 9-а став 3 за итни и неодложни работи, работен однос може да се заснова и без јавно огласување, но најмногу до 30 дена, со посредување на службата надлежна за посредување при вработувањето.

Од оваа законска одредба произлегува дека засновање на работен однос без јавно огласување е можно само по исклучок; дека работниот однос е заснован на определено време со одреден максимален рок од 30 дена што значи дека овој рок може да биде и пократок; и дека е задолжително посредување на службата надлежна за посредување при вработувањето од што произлегува дека и во случај на вработување без јавно огласување работодавците во јавните служби, државните органи и органите на локалната самоуправа, не можат да обезбедуваат работници исклучиво по своја волја.

Притоа, законодавецот не го утврдил видот и степенот на итност и неодложност на работите што не трпат одлагање, а кои овозможуваат работен однос да се заснова без јавно огласување. Тоа претпоставува дека секој работодавец, во зависност од природата на работата што ја врши одредува за кои работи може да се заснова работен однос без јавно огласување, меѓутоа со определен рок и до спроведување на постапката за избор по пат на оглас. Оттука, според мислењето на Судот оспорениот член 9-а став 3 од Законот не засега во основните слободи и права на човекот и граѓанинот, во еднаквоста на граѓаните и во достапноста на секое работно место секому под еднакви услови поради што не може основано да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение под точката 1 Судот го донесе со мнозинство гласови, а под точката 2 Судот го донесе едногласно во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.73/2004
9 март 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова