У.бр.126/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 март 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 15, 32 и 33 од Законот за изменување и дополнување на Законот за телекомуникациите (“Службен весник на Република Македонија” бр. 37/2004).

2. Сашко Дукоски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата со оспорените одредби се повредувале член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија. Имено, договорите за концесија за кабелска радио – телевизија биле склучени според член 65 став 1 од Законот за радиодифузија, при што целата кабелска инфраструктура, материјални и технички услови биле направени според оваа одредба. Меѓутоа, истата престанала да важи со оспорениот член 33 од Законот, со тоа што наместо еден концесионер за кабелска радиотелевизиска мрежа, според член 65 став 1 од Законот за радиодифузна дејност, сега со оспорениот членот 15 од Законот се предвидувало бројот на концесионери на определено подрачје да не биде ограничен.

Со престанокот на важење на членот 65 став 1 од Законот за радиодифузна дејност можеле да бидат оштетени како обичните граѓани, така и носителите на правото на концесија. Имено, граѓаните што склучиле договори за користење на кабелска ТВ програма при услови на постоење на еден оператор, сега биле доведени во понеповолна состојба со тоа што требало повторно да склучуваат договори и тоа сега со повеќе оператори. Новите пак оператори морале да инсталираат нова опрема, па можело да се случи еден станбен објект естетески да биде нагрден, заради новата инсталација, а воедно таквиот објект можел да биде опасен за граѓаните.

Бидејќи Собранието на Република Македонија без важни причини со закон изменило одредба од закон и воспоставило систем на арбитрерност кога пристапило кон донесување на Законот во кој се содржани оспорените одредби и постапило спротивно на принципот на владеење на правото. Воедно се повредувал и принципот за забрана за повратното дејство на законите, бидејќи оспорените одредби се протегале и на склучените договори за концесија според претходниот член 65 став 1 од Законот за радиодифузна дејност.

Подносителот на иницијативата предлага Судот да ги поништи оспорените одредби и да донесе решение за запирање од извршување на сите поединечни акти и дејствија преземени врз основа на оспорените одредби поради можност од настанување на несогледливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека според член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за телекомуникациите, по член 28, меѓу другото, се додава нов член 28 а.

Според став 1 од новиот член 28-а од Законот, дистрибуција на радио и телевизиска програма и други телекомуникациски сигнали по кабелска радио-телевизиска мрежа врши јавен телекомуникациски оператор по добивање на концесија за кабелска радио-телевизиска услуга и склучување на концесиски договор.

Според став 2, предлог за доделување на концесија за кабелска радиотелевизиска услуга дава Советот за радиодифузија.

Според став 3, јавниот телекомуникациски оператор ќе отпочне со давање на услуги од ставот 1 на овој член по добиеното одобрение за употреба на кабелската радио-телевизиска мрежа од органот надлежен за работите за изградба на објекти.

Според став 4, бројот на концесионери на определено подрачје не е ограничен.

Според член 32 од Законот, со денот на влегувањето во сила на овој закон, постојните концесионери за кабелска радио-телевизиска мрежа продолжуваат да ја вршат дејноста на подрачјето за кое добиле концесија согласно со концесискиот договор, со тоа што можат со склучување на анекс на концесиски договор и исполнување на други услови предвидени со закон да ја прошират својата дејност и на други подрачја.

Според член 33 од Законот, со денот на влегување во сила на овој закон престануваат да важат одредбите на членот 65 став 1 од Законот за радиодифузната дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/1997).

Законот за изменување и дополнување на Законот за телекомуникациите влезе во сила на 22 јуни 2004 година.

4. Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 18 февруари 2005 година го донесе Законот за електронските комуникации (“Службен весник на Република Македонија” бр. 13/2005 од 25 февруари 2005 година).

Согласно член 153 став 1 од овој закон, со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи Законот за телекомуникациите (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/1996, 17/1998, 28/2000, 4/2002 и 37/2004), освен одредбите на членовите 70-а, 70-б, 70-в, 70-г и 70-д кои ќе престанат да важат на 31 декември 2005 година.

Иако со оспорениот член 33 е определен престанок на важењето на член 65 став 1 од Законот за радиодифузна дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/1997) и оваа одредба престана да важи сметано од 22 јуни 2004 година, сега со став 2 од членот 153 од Законот за електронските комуникации повторно се предвидува престанок на важењето на истата одредба сега пак сметано од 5 март 2005 година.

Имено, согласно член 153 став 2 од Законот за електронските комуникации, со денот на влегување во сила на овој закон престануваат да важат и одредбите од член 65 став 1 од Законот за редиодифузната дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/1997).

Според членот 154 Законот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, или Законот влегол во сила на 5 март 2005 година, што преставува истовремено и ден на престанок на важење, меѓу другото и на оспорените одредби.

Од изнесеното произлегува дека престанокот на важење на оспорените одредби преставува процесна пречка за одлучување по иницијативата.

Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за запирање на извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорените одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.126/2004
9 март 2005 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова