Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 февруари 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 19 став 2 од Законот за заштита и спасување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 36/2004 и 49/2004).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување пос-тапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од Законот било предвидено дека директорот на Дирекцијата за заштита и спасување е цивилно лице, со што се повредувала уставната определба за еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите при нивното вработување. Имено со оспорената одредба од Законот се вршела поделба меѓу воените и цивилните лица, а таква поделба не требало да има, па поради тоа со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената законска одредба како несогласна со членот 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 23, член 32 став 1 и 2, член 51 и член 97 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека во ставот 1 од членот 19 од Законот за заштита и спасување е предвидено дека со Дирекцијата за заштита и спасување раководи директор, кој го именува Владата со мандат од четири години.
Според ставот 2 од овој член од Законот, директорот на Дирекцијата е цивилно лице.
Согласно ставовите 3 и 4, директорот е самостоен во извршувањето на работите и за својата работа одговара на Владата, која именува и заменик на директорот на Дирекцијата со мандат од четири години.
4. Според членот 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон. Според ставот 3, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Со членот 96 од Уставот е определено дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Според членот 97 од Уставот, со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години.
Со Законот за организација и работа на органите на државната управа е уреден системот на организацијата на органите на државната управа, во кој се содржани видовите, бројот и називите на министерствата и другите органи на државната управа, како и нивните надлежности. Органите на државната управа, освен министерствата, исто така можат да се основаат, укинуваат и нивната надлежност да се утврдува со закон, а на одделни органи на државната управа, со законот со кој се основаат може да им се определи својство на правно лице.
Законот за заштита и спасување во членот 1 определил дека предмет на негово уредување е заштитата и спасувањето на луѓето и материјалните добра од природни непогоди, епидемии, епизоотии, епифитотии и други несреќи во мир и во војна и од воени дејства во Република Македонија.
Според одредбите од овој Закон, Собранието на Република Македонија на предлог на Владата на Република Македонија, донесува Национална стратегија за заштита и спасување за период од пет години, а Владата на Република Македонија, советите на општините и Советот на Градот Скопје, донесуваат годишни акциони програми за реализација на националната стратегија.
Заради извршување на работите од оваа сфера на заштитата и спасувањето, со членот 17 од Законот е пропишано дека се основа Дирекција за заштита и спасување како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице.
Според одредбата од ставот 1 на членот 19 од Законот, со Дирекцијата раководи директор кој го именува Владата со мандат од четири години, а според ставот 2, кој се оспорува со иницијативата, директорот на Дирекцијата е цивилно лице.
Поаѓајќи од изнесениве уставни и законски одредби и од анализата на содржината на оспорената законска одредба, произлегува дека право на законодавецот е со закон да ги уреди прашањата од сферата на заштитата и спасувањето на луѓето и материјалните добра од природните непогоди и други несреќи, на начин, со институционална подреденост и организација во управата, за кои сметал дека е тоа целисходно во правниот поредок во државата.
Основањето и организацијата на Дирекцијата за заштита и спасување како самостоен орган на управа која има надлежност да ги извршува работите утврдени со Законот, не се темелат на принципите на командна хиерархија и субординација типични за воената управа и воената власт, туку на односи во органите на државната управа кои се уредени со закон.
Оттука, соодветно на ваквата законска определба се и одредбите од Законот, кои предвиделе дека Владата го именува директорот на Дирекцијата, тој е цивилно лице и за својата работа одговара пред Владата. Тоа значи без оглед на претходниот работен однос или статус на воено лице, директорот на Дирекцијата е цивилно лице, како такво по именувањето ќе функционира и за својата работа во органот на управата ќе одговара пред Владата на Република Македонија.
Според Судот, со определбата за цивилниот статус на директорот на Дирекцијата, со оспорената одредба од Законот не се доведуваат во нееднаква положба граѓаните во достапноста на работно место, како што се наведува со иницијативата, бидејќи овој услов подеднакво се однесува за сите кои ќе ја вршат функцијата на директор на Дирекцијата. Исто така, неоснован е и наводот во иницијативата дека со оспорената законска одредба се вршела поделба меѓу воените и цивилните лица која не требало да се прави, па поради тоа одредбата била спротивна на Уставот. Ова поради тоа што со оспорената одредба се уредува каков статус ќе има лицето со именувањето за директор на Дирекцијата, што соодветно одговара на овој орган на управата и на односите во организацијата на органот на управата, а не се уредува поделбата меѓу воените и цивилните лица и разликата во нивните права.
Со оглед на наведеното, а имајќи предвид дека прашањето за цивилниот статус на директорот на Дирекцијата е право на законодавецот да го уреди со закон, како што тоа е уредено со оспорената законска одредба и важи подеднакво за сите, Судот оцени дека не би можело да се доведе во прашање нејзината уставност од наводите кои се изнесени во иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.193/2004
9 февруари 2005 година
С к о п ј е
сгј
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова