210/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 2 февруари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 75-а став 2 од Законот за локалните избори (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/1996, 12/2003, 35/2004, 52/2004 и 60/2004).

2. Серафим Наумовски и Славе Трајаноски од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оглед на тоа што со оспорената одредба од Законот за локалните избори постојните градоначалници и советници на општините стекнале право на продолжен мандат, биле повредени повеќе одредби од Уставот, и тоа: членот 2 кој се однесува на суверенитетот на Република Македонија кој произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните и власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, преку референдум и други облици на непосредно изјаснување; потоа членот 9 кој се однесува на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите и членот 23 според кој секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавните функции.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 75-а став 1 од Законот за локалните избори, е определено дека првите наредни локални избори за членови на совети и градоначалници ќе се одржат до 31 март 2005 година, а според ставот 2 од овој член од Законот, мандатот на постојните градоначалници и членовите на советите трае до изборот на нови градоначалници и членови на советите.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 5 и 9 од Уставот на Република Македонија, политичкиот плурализам и слободните непосредни демократски избори и локалната самоуправа, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во делот на уставните норми кои се однесуваат на локалната самоуправа, со членот 114 на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа. Според Амандманот ЏВИ со кој се заменува ставот 5 на овој член од Уставот, локалната самоуправа се уредува со закон. Тој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, а законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Со членот 115 од Уставот е определено дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење.

Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) во членот 33 утврдил дека советот на општината го сочинуваат претставници на граѓаните избрани на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање, а изборот на членовите на советот се уредува со закон.

Според членот 35 од овој закон, членовите на советот се избираат за време од четири години.

Со членот 49 од овој закон е определено дека градоначалникот се избира секоја четврта година, на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање во согласност со законот со кој се регулираат локалните избори.

Следствено на изнесените уставни и законски одредби, со Законот за локалните избори, во рамките на уредувањето на постапката и условите за избор, е уредено и прашањето за времето на одржувањето на првите наредни локални избори, како нужен елемент во реализацијата и спроведување на постапката и условите за избор и траењето на мандатот на постојните градоначалници и членови на советите, како прашање кое е поврзано со утврдениот термин за првите наредни избори.

Имено, со одредбата од членот 75-а став 1 од овој закон е предвидено дека првите наредни локални избори за членови на совети и градоначалници ќе се одржат најдоцна до 31 март 2005 година, а според ставот 2 од овој член од Законот кој е оспорен со иницијативата, мандатот на постојните градоначалници и членови на советите ќе трае до изборот на нови градоначалници и членови на советите.

Според Судот, од анализата на оспорената одредба од Законот произлегува дека таа го регулира мандатот кој е во тек на постојните градоначалници и членови на советите, како посебно право и обврска што треба да биде во согласност со конкретниот временски термин за одржување на првите наредни локални избори.

Поаѓајќи од уставната определба дека локалната самоуправа е материја која се уредува со закон и дека врз основа на ова уставно овластување со закон се уредени изнесените прашања од сферата на локалните избори, произлегува дека и конкретното прашање третирано со оспорената одредба е право на законодавецот да го регулира на начин кој ќе обезбеди синхронизација на траењето на мандатот на постојните градоначалници и советници со временскиот термин на новите локални избори.

Со одредбите од законот кој го уредува системот на локалната самоуправа, односно со Законот за локалната самоуправа, е определен мандатот на градоначалниците и членовите на советите. Меѓутоа, усогласувањето на траењето на мандатот со терминот на одржување на првите наредни локални избори, се прашања од сферата на локалните избори за кои Уставот исто така препуштил да се уредат со закон. Целите на оспорената законска одредба се да обезбедат континуитет во функционирањето на локалната самоуправа до новите избори. Ова е во функција на обезбедување и непречено остварување на локалната самоуправа како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Оттука, Судот утврди дека се неосновани наводите во иницијативата според кои со оспорената одредба од Законот за локалните избори се повредувале определбите во Уставот, во членот 2 кој се однесува на суверенитетот на Република Македонија кој произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, во членот 9 кој се однесува на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, и во членот 23 според кој секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавните функции, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со одредбите на Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.210/2004
2 февруари 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова