Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 2 февруари 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 56 став 5 алинеја 3 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/1994, 30/1996, 47/2000 и 73/2001).
2. Ферит Фејзулаху и Ќамил Кита, двајцата од Гостивар и Енвер Мурати и Ајдари Селман, двајцата од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителите на иницијативата оспорената одредба од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност, била во спротивност со член 9 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.
Имено, оспорениот член создавал нееднаквост, односно дискриминација меѓу работниците на работа во Скопје, кои живееле во Скопје каде имало локален сообраќај над 2 км. и на кои им биле надоместени патните трошоци во целост во однос на работниците кои доаѓале на работа во Скопје од другите градови на Република Македонија, а кои правеле поголеми патни трошоци од утврдениот износ од 900 денари. Со ненадоместувањето на реалните патни трошоци на вработените кои користат јавен сообраќај над 2 км., како што предвидува оспорениот член од колективниот договор подносителите на иницијативата сметаат дека истиот член од Општиот колективен договор е противуставен, односно спротивен конкретно на членот 9 од Уставот.
Поради наведеното, во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 56 став 5 алинеја 3 од Општиот колективен договор, а потоа и да го поништи.
3. Судот на седницата утврди дека во член 56 став 5 алинеја 3 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност е предвидено дека: “Покрај другите примања од ставот 3 на овој член на работникот му се исплатува и надоместок за трошоци за превоз во локалниот јавен сообраќај до и од работа над 2 км., или во случај кога нема организиран превоз”.
4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и колективните договори со Уставот и законите.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а не постојат основи за поинакво одлучување.
Оспорената одредба од колективниот договор од страна на Уставниот суд на Република Македонија, била предмет на оценување по однос на нејзината согласност со одредбите на Уставот и Судот донесе решение У.бр.29/2000 од 5 април 2000 година, со кое неповеде постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 56 став 5 алинеја 3 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност.
Судот утврди дека, предвидувањето на определени односи со колективен договор како и обемот на правата зависи од вољата на учесниците во колективното договарање, при што колективниот договор не може да пропише помали права, ниту пак, да ги менува односите утврдени со закон, туку може да разработува односи точно определени со закон како и да уредува права што воопшто не се предмет на законско регулирање.
Според тоа поаѓајќи од фактот што со колективниот договор регулирањето на определени односи зависи од волјата на учесниците во договарањето за подолг временски период при што со колективниот договор може да се предвидат и поголеми права од оние утврдени со закон, Судот смета дека оспорената одредба со која е предвидено дека надоместок за превоз до и од работа се исплатува во висина на стварните трошоци и за оддалеченост од над 2 км. може да опстојува доколку се создадат материјални можности за исплата. Ова оттаму што законското ограничување на износот на трошоците за превоз во висина од 900,00 денари и над 2,5 км. има свој основ во материјалните можности на државата. Судот оценил дека фактот што во овој период не може да дојде до примена на одредбата од колективниот договор која е поповолна за работникот истата не ја прави несогласна со законот.
Со Решение У.бр.94/2000 од 1 ноември 2000 година, по однос на истата одредба, иницијативата е отфрлена. Во споменатите постапки оспорената одредба била оценувана од аспект на членовите 9 и 32 од Уставот.
Во иницијативата по овој предмет повторно се оспорува согласноста на одредбата од општиот колективен договор по однос на членот 9 од Уставот на Република Македонија.
Имајќи предвид дека оспорената одредба веќе била предмет на оценување пред Уставниот суд на Република Македонија, а не постојат основи за поинакво одлучување, Судот одлучи да ја отфрли иницијативата.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.184/2004
2 февруари 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова