Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 26 јануари 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 449 став 2 од Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 18/2001, 4/2002 и 5/2003).
2. Владимир Стефановски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Имено, преку цитирање и интерпретација на повеќе одредби од Законот за облигационите односи, во иницијативата најпрво се укажува на почитување на принципот на слободна волја на страните учесници во поименично наведени видови договори, што не било случај со оспорената одредба која содржела ограничување на слободната волја на страните при определувањето на висината на надоместокот за направена адвокатска услуга.
Во иницијативата, исто така, се цитираат и интерпретираат одредби од Законот за адвокатурата и Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите со цел да се укаже дека и во овие одредби е почитувана слободната волја на странките при договарањето на висината на наградата и трошоците, како и начинот и средствата за плаќање, што не било случај со оспорената одредба.
Според подносителот на иницијативата, преку ограничувањето на адвокатот-налогопримач за себе да договори учество во поделба на износот, досуден на неговиот клиент, адвокатите, според нивната општествена положба предвидена во Уставот, се ставале во нерамноправна положба по однос на останатите граѓани, што било во директна спротивност со член 9 од Уставот.
Понатаму се наведува дека сега оспорената одредба потекнувала од социјалистички политички систем и истата била идентична со одредбата од Законот за облигациони односи што престанал да важи, и како таква повеќе не можела да егзистира во услови на пазарно стопанство.
Членот 55 став 2 од Уставот ја утврдувал еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, а ставот 3 од истата одредба содржел децидни причини поради кои можело да дојде до ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото, меѓутоа оспорената одредба ги ставала адвокатите во нерамноправна положба и немало основ за ограничување на нивните права заради одбраната на Република Македонија, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Преку анализата на Договорот за застапување, за кој се посочува дека е прифатен во сите земји каде што има пазарно стопанство и прифатена “модерна европска адвокатура”, се образлагаат предностите на ваквиот вид на договори за договорните страни, како и можните начини за слободно договарање на висината и начинот на надоместокот за дадена адвокатска услуга.
Подносителот на иницијативата врз основа на наведените причини предлага Судот да ја укине или поништи оспорената одредба, како спротивна на закон, односно Устав.
3. Судот на седницата утврди дека според содржината на членот 449 став 1 од Законот за облигационите односи, спорно право може да биде предмет на договор за продажба.
Според содржината на оспорениот став 2 од член 449 од Законот, ништовен е договорот со кој адвокат или некој друг налогопримач би купил спорно право чиешто остварување му е доверено, или би договорил за себе учество во поделбата на износот досуден на неговиот налогодавец.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Во конкретниот случај Судот утврди дека по повод иницијатива на Димитрија Атанасовски од Скопје, која содржи слични наводи како предметната иницијатива, донел Решение У.бр.53/2003 од 30 април 2003 година, со кое не повел постапка за оценување на уставноста на член 449 став 2 од Законот за облигациони односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/2001, 4/2002 и 5/2003).
Според Судот, определбата на законската одредба за ништовност на договор за купување на спорно право, се однесува на адвокатите или други налогопримачи, во случај кога на истите им е доверено остварувањето на спорно право. Имено, својството и улогата на наведените лица при вршењето на адвокатската дејност и вршењето на правото, признато во правниот поредок, во рамките на нивната професија мора да се движи во нормирани рамки. Според Судот, нормирање од страна на законодавецот на конкретниот облигационен однос со оспорената законска одредба, на начин што не се дозволува продажба на спорно право и за таквата продажба се пропишува ништовност на договорот за купување, преставува директно ставање во функција на начелото на совесност и чесност пропишано во членот 5 од Законот, според кое во засновањето на облигационите односи и остварувањето на правата и обврските од тие односи учесниците се должни да се придржуваат кон начелото на совесност и чесност.
Имено, спорното право е она право за кое се води судски спор или за кое постои оспорување на неговиот обем, или вистинитост и таквото право изразува спротиставени интереси на повеќе учесници во еден правен однос. Заинтересираните лица за решавање на спорното право можат да го доверат остварувањето на тоа право на адвокати или други налогопримачи. Доколку овластените лица на кои им е доверено остварувањето на спорното право излезат од рамките на вршењето на правната помош и со правна работа за себе земаат лично учество за работите внатре во односот на спорното право, преку договор за купување или во поделбата на износот досуден на нивниот налогодавец, се доведува во прашање заштитата од недозволено користење на правната положба на адвокатите или други налогопримачи и постои можност од злоупотреба на правото.
Оттаму, Судот заклучил дека со оспорената законска одредба адвокатите и другите налогопримачи не се ставаат во нееднаква положба со останатите граѓани поради тоа што не им се дозволува купување на спорно право и со оспорената одредба не им се ограничува слободата на пазарот и претприемништвото. Ова особено поради тоа што токму со содржината на оспорената одредба од Законот се афирмира владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Врз основа на изнесената аргументација, Судот во постапката по предметот У.бр.53/2003 утврдил дека за оспорената одредба од Законот не може основано да се постави прашањето за несогласност со членот 9 и членот 55 од Уставот.
5. Бидејќи оспорениот член веќе бил предмет на оценување пред Уставниот суд на Република Македонија, а во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.221/2004
26 јануари 2005 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова