У.бр.192/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 јануари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр.07-1127/6 од 3 јули 2004 година на Советот на општина Струга за донесување измена и дополна на Деталниот урбанистички план за Урбана едница 4 – Запад – Струга, објавена во “Службен гласник на општина Струга” бр.38 од 7 јули 2004 година.

2. СЕ ЗАПИРААТ од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за оценување на меѓусебната согласност на Одлуката со Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002 и 50/2003).

4. Никола Несторски од Струга, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одлука не била во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија и начелата на Уставот на Република Македонија предвидени во член 8 став 1 алинеја 3 – начелото на владеење на правото, алинеја 6 – правна заштита на сопственоста, алинеја 10 – уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина, како и со член 30 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Постапката за донесување на оспорената одлука не била спроведена согласно Законот за просторното и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи при планирањето на просторот. Имено, постапката била спроведена спротивно на член 20 став 2 од Законот за просторното и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) каде било предвидено дека планирањето на просторот се врши за период од најмалку пет години за детален урбанистички план, а во конкретниов случај по истекот само на една година се прави измена на планот.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека при донесувањето на оспорената одлука воопшто не била спроведена постапката предвидена во член 17 од Законот, односно не била спроведена јавна анкета, не бил изработен нацрт-план на кој требало да се изврши стручна ревизија, па потоа да се изработи предлог план. Исто така, со оспорената одлука биле повредени и членовите 21-а, 21-б и 11 став 3 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, односно дека урбанистот користел стари неажурирани геодетски подлоги.

Поради наведените причини предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, како и да донесе решение за определување на времена мерка со која ќе се забрани реализација на Деталниот урбанистички план за УЕ-4 – Запад за град Струга.

5. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 1 од од оспорената одлука, со одлуката се донесува измена и дополна на Детален урбанистички план за УЕ-4-Запад, Струга. Во членот 2 децидно се наведува што содржи планот, а во членот 3 се наведува дека извештајот од стручната консултација е составен дел од Одлуката. Во членот 4 е определено дека планот ќе го спроведува Министерството за транспорт и врски ПЕ Струга, а членот 5 определува дека планот се заверува со печат и потпис од Градоначалникот на општина Струга со назначување на бројот и датумот на седницата на која е донесен. Во членот 6 е определено дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Струга”. Одлуката е донесена од Советот на општина Струга под бр.07-1127/6 од 3 јули 2004 година.

6. Советот на општина Струга со писмо бр.03-1752/2 од 2 декември 2004 година, до Уставниот суд ја достави комплетната документација што претходела на донесување на оспорениот акт и тоа: Одлуката за реализација на заклучоците за измена и дополнување на ДУП УЕ-4-Запад и ДУП УЕ-4-Исток – општина Струга бр.07-1294/3 од 26 август 2003 година на Советот на општина Струга (“Службен гласник на општина Струга” бр.25/2003); барање на мислење бр.23-759/2 од 18 мај 2004 година; Извештај од извршена стручна ревизија на ДУП за УЕ 4 – Запад Струга на Друштво за планирање и проектирање и инженеринг “Простор” ДОО Куманово; одговор на ревизија од јуни 2004 година на “ИН-ПУМА” – Институт за урбанизам, сообраќај и екологија од Скопје; стручно мислење бр.13-7390 од 11 јуни 2004 година на секторот за уредување на просторот при Министерството за транспорт и врски – Скопје; записник за утврдување на текстот на нацртот за донесување на ДУП УЕ-4 бр.23-928/2 од 12 јуни 2004 година; заклучок бр.23-929/2 од 12 јуни 2004 година; одлука за организирање јавна анкета по нацрт ДУП УЕ-4 Запад бр.08-930/2 од 12 јуни 2004 година на градоначалникот на општина Струга; соопштението бр.23-931/2 од 12 јуни 2004 година на Главен архитект; стручно мислење бр.23-935/3 од 12 јуни 2004 година на Главен градски архитект; записник од стручна консултација по Нацрт-измена на ДУП УЕ – 4 – Запад и ДУП УЕ – 4 – Исток бр.23-927/3 од 14 јуни 2004 година; Извештај од спроведената јавна анкета со осврт за стручна консултација по нацрт ДУП за УЕ 4 Запад бр.23-1030/1 од 23 јуни 2004 година; известување за постапување по забелешките од стручната консулатација за ДУП УЕ – 4 Запад бр.23-1032/1 од 23 јуни 2004 година; барање согласност бр.23-1035/1 од 24 јуни 2004 година и согласност на предлог план за ДУП УЕ-4 Запад бр.13-8567 од 14 јули 2004 година на Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот.

Согласно приложената документација што претходела на донесување на оспорениот акт, Судот констатира дека постапката за донесување на истиот е во согласност со Законот за просторното и урбанистичко планирање.

Меѓутоа, од приложената документација, а посебно од дополнително доставеното известување на општина Струга бр.03-30/1 од 19 јануари 2005 година со кое го известува Уставниот суд дека во постапката за донесување на ДУП УЕ-4-Запад не била побарана согласност од надлежен орган за заштита на природните реткости, Судот констатира дека актот не е донесен согласно еден од законите кои ја уредуваат постапката на донесување на истиот, односно согласно Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро (“Службен весник на СРМ” бр.45/1997, 8/1980, 51/1988, 10/1990 и “Службен весник на Република Македонија” 62/1993).

7. Согласно член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и уредувањето и хуманизација на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Од анализата на наведената одредба произлегува дека основна задача на државата е воспоставување рамнотежа меѓу човекот и природата, меѓу економската и еколошката сфера. Оттука, развојот на економијата и индустријата не може да се одвива неконтролирано и до максимум без да се води сметка за последиците што од тоа произлегуваат за животната средина и природа. Имено, станува збор за темелна вредност која има универзален карактер и како таква треба да биде заштитена и да се негува во средината во која живееме. Заштитата на природата всушност е во интерес на заштитата на животната средина, претставува обврска за почитување на законските прописи.

Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро е закон за заштита и унапредување на животната средина и природа, со кои всушност се штити една од уставните емелни вредности предвидена во членот 8 став 1 алинеја 10.

Согласно член 1 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро нивните води, крајбрежија, извори и водотеци, поради карактеристичните одлики и природни убавини, геолошки, геоморфолошки, хидролошки, хидробиолошки, лимнолошки и други научни вредности, културно, естетско, образовно-воспитно, здравствено, рекреативно, туристичко и друго стопанско значење се прогласени за споменици на природата од особено значење за општествената заедница и се ставаат под посебна заштита.

За заштита на езерата како добра од општ интерес кои се користат за задоволување на општи и поединечни потреби, Законот предвидел низа превентивни и други мерки за заштита. Меѓу другите, во членот 7 став 1 алинеја 5 од Законот, се предвидува дека заради заштита на езерата се забранува внесување во езерата непречистени отпадни води од населените места и индустриските објекти.

Во членот 9 став 1 од Законот се предвидува дека градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежијата на езерата можат да се изведуваат само под услови и на начин утврдени со просторните планови на регионите, просторните планови на општините: Охрид, Струга, Ресен и Гевгелија, урбанистичките планови на населените места и урбанистичките планови на подрачјата со специјална намена, како и со прописите за спроведување на овие планови.

Согласно став 2 на членот 9 од истиот закон, плановите од став 1 на овој член се донесуваат по претходно прибавено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека езерата се споменици на природата од особено значење за општествената заедница и се под посебна заштита и истите не смеат да се загадуваат меѓу другото и со внесување на непречистена отпадна вода од населените места поради што произлегува и обврската при донесување на урбанистичките планови кои предвидуваат градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежијата на езерата, претходно да се прибави мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.

Од причина што Советот на општина Струга во постапката која претходела на донесување на оспорената одлука, не побарал мислење од органот надлежен за заштита на природните реткости, а со оглед на фактот што Охридското Езеро, односно неговите води се споменици на природата, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот акт со членот 9 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро и со членот 8 став 1 алинеја 10 од Уставот.

8. При донесување на ова решение Судот оцени дека оправдано е да се очекува дека со извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на Одлуката може да настанат тешко отстранливи последици и дека поради тоа се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

9. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите, но не одлучува за меѓусебната согласност на прописите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува.

Тргнувајќи од содржината на цитираната уставна одредба, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува дали оспорената одлука е во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот односно не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на прописите, поради што Судот во тој дел иницијативата ја отфрли, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.

10. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови по однос на точките 1 и 2, а едногласно по однос на точката 3, во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.192/2004
19 јануари 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова