20/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 12 јануари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на член 141 став 2 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/1998 и 44/2002).

2. Пано Димитровски и Борислав Петровски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на член 141 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативите оспорениот член не бил во согласност со Уставот, Законот за судовите и Законот за судските такси.

Со Уставот и наведените закони, а и со самиот Закон за парничната постапка, судовите биле определени како единствени вршители на судската власт кои врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, како самостојни и независни државни органи ја обезбедуваат примената на правото и заштита на човековите слободи и права и тоа со непристрасно применување на правото без оглед на положбата и својството на странките (чл. 1, 2 и 3 од Законот за судовите).

На граѓаните, според членовите 5, 6 и 7 од Законот за судовите им се гарантирала судска заштита и притоа секој имал право на еднаков пристап пред судовите во заштита на неговите права и правно засновани интереси и никому не можело да му биде ограничен пристапот пред судовите поради недостаток на материјални средства.

Законот за судски такси бил уште попрецизен и уште повеќе им ја доближувал и ја овозможувал судската заштита одредувајќи дека недоволно платената или неплатената такса не го задржува текот на судската постапка.

Со опстојување на одредбата од член 141 став 2 од Законот за парничната постапка се оневозможувало и спречувало судовите да ги штитат слободите и правата на човекот и граѓанинот и правото на другите правни субјекти и покрај тоа што на сите нив им се гарантирала судска заштита. Со оваа одредба, исто така, се ограничувало правото на граѓаните на еднаков пристап пред судовите во заштита на нивните права и тоа токму поради недостаток на материјални средства.

3. Судот на седницата утврди дека во член 141 став 2 од Законот за парничната постапка е предвидено дека: “Судот нема да постапува по тужба, ниту да преземе друго дејствие за кое не е платена судска такса”.

4. Судот, исто така, утврди дека ја оценувал уставноста на оспорената одредба и по предметот У.бр.221/1998 и У.бр.10/1999 со Решение од 24 февруари 1999 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 141 став 2 од Законот за парничната постапка, а по предметите У.бр.52/1999, У.бр.110/1999, У.бр.118/2001 и У.бр.63/2003 ги отфрлил иницијативите за оценување на уставноста на оспорениот член со образложение дека Судот ја оценувал уставноста на наведениот член и притоа не наоѓа основ за поинакво одлучување.

Имено, во ова решение Судот изрази став дека со оглед на фактот што обврската за плаќање на судски такси е востановена со Законот за судски такси, со оспорената одредба не се создава нееднаквост на граѓаните по основ на нивната имотна состојба при остварувањето и заштитата на со Устав утврдените слободи и права пред судовите, затоа што оваа одредба според својата формулација и нормативна содржина е единствена за сите граѓани и односот на судот спрема сите граѓани кои не ја платиле судската такса за тужба или друго дејстие што треба да го презема судот, без оглед на нивната имотна состојба.

Судот, притоа, ги имаше предвид и условите и начинот на ослободување од плаќање на судски такси во случај кога странката не е во состојба да ги плати, со што се обезбедува достапноста на судската заштита независно од материјалната состојба на граѓаните, поради што оценил дека членот 141 став 2 од Законот за парнична постапка не е во несогласност со Уставот.

Судот, исто така, ги имаше предвид и решенијата по предметите У.бр.52/1999, 110/1999 У.бр.118/2001 и У.бр.63/2003 со кои ги отфрлил иницијативите, за поведување постапка за оценување уставноста на оспорениот член.

5. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата, помеѓу другото, и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

6. Со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал за уставноста на оспорениот член, а по повод поднесените иницијативи не наоѓа основ за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.20/2004
12 јануари 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова