86/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 22 декември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Наредбата на министерот за одбрана бр.02-2150/1 од 6 април 2004 година.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот акт не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4 и став 2, член 9, член 25, член 32 став 5, член 51, член 52 ставовите 1, 2 и 4, член 54 став 1, член 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеја 1 и 5 и член 96 од Уставот на Република Македонија, како и со член 55 став 1, член 56 став 2 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Како причини поради кои подносителот на иницијативата смета дека оспорениот акт не е во согласност со Уставот и Законот за организација и работа на органите на државна управа, ја наведува околноста дека во случајов како со овој така и со друг важечки закон, министерот за одбрана не бил овластен да донесува наредба со која на вработените во Министерството за одбрана и во Армијата на Република Македонија ќе им забранува по завршувањето на работното време да вршат дејност која е неспоива со должностите кои ги извршуваат во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија. Ова дотолку повеќе што според подносителот на иницијативата во ниту еден важечки закон или друг пропис не било предвидено која дејност е неспоива со должностите кои вработените ги извршуваат во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија. Подносителот на иницијативата исто така наведува дека оспорената наредба пред нејзиното влегување во сила не била објавена во “Службен весник на Република Македонија”, со што бил повреден член 52 став 1, 2 и 4 од Уставот на Република Македонија. Поради изнесените причини предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Наредбата на министерот за одбрана бр.02-2150/1 од 6 април 2004 година и согласно член 27 став 1 и член 71 алинеја 4 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, до донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената Наредба, од причина што со нејзиното извршување би можеле да настапат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека со Наредбата на министерот за одбрана бр.02-2150/1 од 6 април 2004 година е предвидено:

1) Воените и цивилните лица на служба во Армијата на Република Македонија и државните службеници во Министерството за одбрана и другите вработени лица во Министерството за одбрана кои немаат статус на државни службеници не смеат по завршување на работното време да вршат дејност која е неспоива со должностите кои ги извршуваат во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.

2) Постапување спротивно на одредбата од точката 1 од оваа Наредба ќе претставува основ за покренување на дисциплинска одговорност против сторителот.

3) Оваа Наредба влегува во сила со денот на донесувањето.

4. Според член 110 став 1 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин, да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот оцени дека во случајов оспорениот акт донесен од министерот за одбрана нема карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба и не е подобен за уставно судска оценка.

Оспорената наредба на министерот за одбрана уредува прашања од службата во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, односно истата претставува интерен акт за начинот на работа, а во врска со службата во Министерството за одбрана и Армијата во Република Македонија.

Имено, оспорениот акт во конкретниот случај претставува наредба за вршење на службата во Армијата и Министерството за одбрана и која секој вработен во Министерството за одбрана и Армијата е должен да ја извршува.

Оттука, оспорената наредба претставува интерен акт на министерот за одбрана кој се однесува само на лицата кои се на служба и работа во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, и како таков не утврдува права и обврски од работен однос.

Поаѓајќи од оценката дека оспорената наредба нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, Судот утврди дека во случајов се исполнети процесните претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.86/2004
22 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова