135/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 22 декември 2004 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 13 став 2 во делот
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.135/2004 од 27 октомври 2004 година по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од оваа одлука поради тоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 13 став 2 од Законот за локалните избори, членовите на органите за спроведување на изборите за извршената работа имаат право на надоместок, чија висина се утврдува врз основа на критериумите утврдени од страна на министерот за финансии.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, а според член 64 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и правните лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.
Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорениот дел од одредбата, според мислење на Судот, овластувањето на министерот за финансии за утврдување на критериумите за висината на надоместокот на членовите на органите за спроведување на изборите, нема уставна основа, од причина што во Законот за локалните избори не се содржани никакви критериуми во однос на тие прашања.
Според Судот, ова овластување отстапува и од општиот принцип на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска. Ваквата законска определба не може да се толкува како разработка на конкретна законска норма во функција на нејзино извршување. Исто така, во примената на утврдените критериуми за висината на надоместокот на членовите на органите за спроведување на изборите се создава можност за арбитрерност на извршната власт.
Фактот што министерот за финансии е надлежен за работите од областа на финансиите, не може да биде основ за навлегување во законодавната власт.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски,Махмут Јусуфи,Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.135/2004
22 декември 2004 год.
С к о п ј е
л.а/

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова