Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 декември 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 52 став 1 од Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2002 и 46/2004).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата објавувањето на испитувањето на јавното мислење не смеело да има какво било временско ограничување и пред денот определен за одржување на изборите. Ваквото законско решение било во спротивност со член 16 став 2 од Уставот на Република Македонија со кој се гарантира јавното информирање, слободниот пристап кон информациите, слободата на примена и пренесување на информации.
Според наводите во иницијативата законско временско ограничување на објавувањето на испитувањето на јавното мислење не било предвидено со член 62 став 5 од Уставот, а од друга страна, пак, со ставот 3 од истата законска одредба било предвидено дека испитувања на јавното мислење може да се врши на самиот ден на изборите, а резултатите да бидат објавени најрано непосредно по затворањето на избирачките места.
Поради наведените причини подносителот на иницијативата смета дека со оспорената законска одредба се повредувале членовите 8 став 1 алинеите 1, 3, 5 и 11; 16 став 2; 22; 51; 54 став 1 и 62 став 5 од Уставот на Република Македонија, поради што предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од законот.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 52 од Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија е предвидено:
(1) Испитувањето на јавното мислење се објавува најдоцна пет дена пред денот определен за одржување на изборите.
(2) Кога се објавува испитување на јавно мислење за кандидатите, политичките партии и групата избирачи во изборната кампања, се наведува името на институцијата или раководителот на институцијата што го извршила истражувањето, датумот, методологијата, големината и структурата на примерокот и името на нарачателот кој го побарал испитувањето.
(3) Испитувањето на јавното мислење може да се врши на самиот ден на изборите, а резултатите да бидат објавени најрано непосредно по затворањето на избирачките места.
4. Согласно член 8 став 1 алинеите 1, 3, 5 и 11 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и политичкиот плурализам и слободните, непосредни и демократски избори како и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Согласно член 16 став 2 од Уставот се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Во ставот 3 од истата уставна норма е предвидено дека се гарантира слободниот пристап кон информациите слободата на примање и пренесување на информации.
Членот 22 од Уставот, утврдува дека секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право кое е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање, а избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.
Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Според член 62 став 5 од Уставот, начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Со Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија (член 1) се уредуваат начинот, условите и постапката за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија.
Во Главата ИВ од Законот, во која е содржана оспорената одредба, се регулира времетраењето на изборната кампања, постапката за заштита за време на кампањата, медиумското претставување, испитување на јавното мислење во врска со изборите кои следат, правата и обврските на јавните гласила, одржувањето на предизборни митинзи и местото на нивното одржување.
Во делот од Законот кој се однесува на изборната кампања во членот 47 е уредено дека политичка партија, две или повеќе политички партии заедно, или група избирачи чии листи на кандидати за избор на пратеници во Собранието, се потврдени од регионалната изборна комисија, имаат право да организираат изборна кампања (организатори на изборната кампања). Организаторите на изборната кампања имаат право на рамноправен пристап и под еднакви услови да ги користат сите видови на политичка пропаганда, известувања и други облици на пропаганда чија цел е да се влијае на одлуката на избирачите при гласањето за кандидати за пратеници.
Од наведените уставни и законски одредби може да се извлече заклучок дека и објавувањето на испитувањето на јавното мислење кое е предвидено во член 52 став 1, исто така, претставува еден вид на политичка пропаганда. Имено, јавното мислење претставува став, односно позиција на јавноста за определено прашање, заедничка психолошко-идеолошка реакција на одобрување или осуда. Јавното мислење ги опфаќа ставовите т.е. мислењата од нормативен карактер за тоа како треба да се реши некое прашање или да се уреди некоја појава. Тоа е облик на колективно расудување на политичката јавност.
Јавното мислење постои не само поради тоа што човекот е мисловно суштество, туку и поради тоа што неговата свест за личните интереси и интересите на нему блиските луѓе има за цел да се прошири и да биде усвоена. Токму поради тоа, со оспорената законска одредба се определува временско ограничување на објавувањето на испитувањето на јавното мислење пред денот на одржувањето на изборите со цел да му се остави простор на граѓанинот – избирач самостојно и слободно да одлучува при изборот на пратеници во Собранието на Република Македонија.
Имено, тргнувајќи од фактот дека во изборната кампања учествуваат повеќе партии и голем број кандидати за пратеници, нормално е дека организаторите на изборната кампања ги користат сите видови на политичка пропаганда, известување и други облици со цел да се влијае на одлуката на избирачите при гласањето на кандидати за пратеници. Притоа може да се случи ставот, односно позицијата на јавноста да има големо влијание, односно да биде од суштествено значење за формирањето на конечната одлука на избирачот што е во спротивност со членот 22 од Уставот на Република Македонија. Оттука, со временското ограничување на објавувањето на резултатите од испитувањето на јавното мислење – најдоцна пет дена пред денот определен за одржување на изборите, целта на законодавецот пред се, е определена од можноста за создавање услови во тој период пред изборите граѓанинот избирач самостојно, без никакво и ничие влијание, според своите сознанија за кандидатите добиени во текот на изборната кампања, да го остварува избирачкото право. Оттаму со оспорената одредба не се доведуваат во прашање политичкиот плурализам, ниту владеењето на правото како темелни вредности на уставниот поредок на државата, ниту пак, со неа се повредуваат уставните слободи и права на човекот и граѓанинот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумовски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.160/2004
15 декември 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова