87/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 1 декември 2004 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за утврдување на надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на Град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр.18/1990, 1/1994, 3/1994, 7/1995, 3/1996, 5/1996 и 5/1997).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.87/2004 од 6 октомври 2004 година, по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот акт со Уставот и со Законот за градежно земјиште.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на членот 44 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/1979 и 18/1989) Собранието на град Скопје на седница одржана на 8 октомври 1990 година, донело Одлука за утврдување на надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на Град Скопје која е објавена со измените и дополнувањата во “Службен гласник на Град Скопје” бр.18/1990, 1/1994, 3/1994, 7/1995, 3/1996, 5/1996 и 5/1997.

Со оваа Одлука е утврден надоместокот за употреба на градежното земјиште на подрачјето на град Скопје, потоа непосредните корисници на градежно земјиште кои плаќаат надоместок, користењето на средствата од надоместокот, начинот на пресметувањето и плаќањето на надоместокот.

5. Согласно членот 117 став 1 од Уставот на Република Македонија, градот Скопје е посебна единица на локална самоуправа, чија организација се уредува со закон, а според ставот 3, градот Скопје се финансира од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.

Според членот 17 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/1995), кој согласно членот 96 став 2 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) продолжува да се применува до усогласувањето на посебните закони со кои се уредуваат прашањата од надлежност на општините, но најдоцна до 31 декември 2003 година единиците на локалната самоуправа самостојно донесуваат програма за уредување на градежно земјиште, вршат работи на уредување и употреба на градежното земјиште во согласност со закон и утврдуваат зони и собираат земјишна такса во согласност со закон.

Со членот 6 став 1 точка 6 од Законот за Градот Скопје, (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/1996 и 53/2001), градот Скопје самостојно ги врши работите од значење за градот, меѓу кои донесува и програма за користење на средствата од употреба на градежното земјиште и утврдува зони и собира земјишна такса (градска рента) во согласност со закон.

Судот, исто така, утврди дека Законот за Градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2004) кој согласно членот 67, влегол во сила на 17 август 2004 година, а ќе се применува од наредните локални избори, не го предвидел надоместокот за употреба на градежното земјиште имајќи го предвид и делот на одредбите од Законот кои се однесуваат на финансирањето на градот Скопје и општините во градот Скопје каде се утврдени приходите наменети за вршењето на нивните надлежности.

Законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/1979, 18/1989, 21/1991 и “Службен весник на Република Македонија” бр.71/1996 и 18/1999), престанал да важи со влегувањето во сила на Законот за градежно земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/2001), меѓутоа поранешниот закон содржел одредби во посебни глави кои се однесувале на уредувањето и на употребата на градежното земјиште, при што надоместокот за употреба на градежното земјиште бил утврден со членот 44 од овој закон, како право на собранието на општината со свои одлуки да го определува во однос на висината, роковите за плаќање и начинот на пресметување, а воедно и како обврска надоместокот да го плаќаат непосредните корисници на земјиштето.

Законот за градежно земјиште од 2001 година концепциски е поставен на поинакви основи од претходниот закон. Имено, за разлика од поранешниот закон според кој градежното земјиште единствено било на Републиката, според постојниот закон градежното земјиште може да биде во сопственост на Република Македонија и на домашни физички и правни лица под услови утврдени со овој и друг закон. Носителот на правото на сопственост на градежното земјиште може земјиштето да го отуѓи и даде под долготраен и краткотраен закуп. Градежното земјиште во сопственост на Република Македонија може да се отуѓи, да се даде под концесија и под закуп.

Со оглед на тоа што со Законот е уредено дека градежното земјиште може да биде во сопственост или пак за него да се плаќа закуп и соодветно на таквата законска основа содржи одредби за уредување меѓутоа не содржи одредби за употреба на градежното земјиште, произлегува дека надоместокот за употреба на градежното земјиште и условите и начинот, како и критериумите за негово определување не се утврдени со закон.

Судот, исто така, утврди дека одредбата од членот 13 од Законот за комуналните дејности од 1997 година го уредува прашањето на изградбата и одржувањето на објектите од комуналната инфраструктура кои се финансираат од надоместокот за употреба на градежното земјиште кој според Законот за градежно земјиште од 1979 година го утврдувало собранието односно советот на општината со одлука. Оттука, ниту за оваа законска одредба не може да се прифати дека е правен основ за понатамошно постоење и примена на одлуките на единиците на локалната самоуправа за собирање на надоместок за употреба на градежното земјиште.

Поаѓајќи од тоа што надоместокот за употреба на градежното земјиште не е утврден со закон, Судот утврди дека оспорената одлука е незаконита и е во спротивност со начелото на владеење на правото, утврдено во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.87/2004
1 декември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова