91/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 ноември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Статутот на Јавното радиодифузно претпријатие на локално ниво – Центар за печат, радио и телевизија Прилеп во целина и посебно членовите 4 и 17 став 3, донесен од Управниот одбор на Јавното претпријатие на 9 февруари 2004 година.

2. Љупчо Мурговски од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата Статутот на јавното претпријатие бил во спротивност со Законот за радиодифузна дејност затоа што според член 11 од наведениот закон правно и физичко лице чија дејност е од областа на печатот не може да основа организација и да врши радиодифузна дејност, а радиодифузна организација не може да основа организација и да врши дејност од област на печатот.

Меѓутоа и покрај наведената законска одредба Советот на општина Прилеп дал согласност на Статутот на Јавното претпријатие во кој е предвидено дека покрај радиотелевизија се основа и информативна дејност во печатот, а во член 4, пак, од Статутот се наведени дејностите кои ги врши ова претпријатие.

Членот 17 став 3 од оспорениот статут не бил во согласност со член 32 став 2 од Уставот, затоа што единствено директорот или заменикот како избрано лице има пристап до работно место по завршување на мандатот без јавен оглас, додека за останатите граѓани било нужно да се почитуваат соодветните услови предвидени со Законот за работните односи.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 29 од Законот за основање на Јавно претпријатие Македонска радио телевизија (“Службен весник на Република Македонија” бр.6/1998) и член 92 од Законот за радиодифузна дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/1997) на 27 октомври 2000 година општините Прилеп, Витолиште, Тополчани, Долнени и Кривогаштани склучиле Спогодба за преземање на вршење на основачкото право над Јавната радиодифузно претпријатие од локално ниво – Центар за печат, радио и телевизија Прилеп.

Според оваа спогодба општина Прилеп, каде е лоцирано седиштето на Јавното претпријатие, го презема вршењето на оснивачките права врз јавното радиодифузно претпријатие од локално ниво – Центар за печат, радио и телевизија – Прилеп.

Понатаму во спогодбата е предвидено дека општина Прилеп по склучување на спогодбата ќе преземе активности за усогласување на работењето на јавното претпријатие според Законот за радиодифузна дејност.

На 26 април 2002 година Советот на општината донел Одлука за усогласување на Центарот за печат, радио и телевизија Прилеп со Закон за радиодифузија и со Законот за јавните претпријатија (бр.07-973/1).

Со оваа одлука се предвидува да се усогласи работењето на наведеното претпријатие со Законот за радиодифузна дејност, Законот за јавните претпријатија, како и да се донесе статут на Јавното претпријатие и да се именуваат органи на Јавното претпријатие.

На 9 февруари 2004 година Управниот одбор на Јавното претпријатие го донел оспорениот статут.

Според член 1 од Статутот на ова јавно претпријатие е предвидено дека со него се определува организацијата, дејноста, средствата за финансирање, органи на претпријатието, актите, постапката за нивно донесување како и други прашања од значење за јавното радиодифузно претпријатие.

Во член 2 став 1 на оспорениот статут е предвидено дека јавното радиодифузно претпријатие се основа за издавачка дејност, создавање и емитување радио и телевизиска програма од интерес на граѓаните на општина Прилеп.

Во оспорениот член 4 од Статутот е предвидено дека јавното радиодифузно претпријатие ги врши следните дејности: издавање весници, издавање на списанија и периодични изданија, издавање на снимени медиуми, друга издавачка дејност, реклами и пропаганда, други деловни активности што не спомнати на друго место и радио и телевизиски активности.

Понатаму во Статутот е предвидено како се обезбедуваат средства за работа на ова претпријатие, органи на претпријатието, положбата на вработените во јавното претпријатие, актите на јавното претпријатие, правото на синдикално организирање, правото на штрајк како и постапката за изменување и дополнување на статутот на јавното претпријатие.

Во член 17 став 2 од статутот е предвидено дека директорот се именува со мандат од четири години, а во оспорениот член 17 став 3 е предвидено дека, “по истекот на мандатот или по предвремено разрешување се распоредува на работи и работни задачи кои одговарат на неговиот степен на стручна подготовка.

Во натамошната постапка Судот утврди дека Советот на општина Прилеп на 10 март 2004 година дал согласност на Статутот на јавното радиодифузно претпријатие, а на 18 март 2004 година, регистарскиот суд во Битола со решение извршил упис во трговскиот регистар на статутот и органите на управување.

4. Според член 28 алиеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ја предвид содржината на Статутот на јавното претпријатие во целина, а посебно член 4 во кој се утврдени дејностите на ова јавно радиодифузно претпријатие, Судот оцени дека за прашањето кои дејности ќе ги обавува едно јавно претпријатие е надлежност на регистарски суд, а не Уставниот суд на Република Македонија.

Во однос на барањето за оценување на уставноста на член 17 став 3 од Статутот според кој директорот по престанок на мандатот или по предвремено разрешување се распоредува на работи и работни задачи кои одговараат на степенот на неговата стручна подготовка, Судот оцени дека тоа прашање е од интерна природа за кое одлучува самото претпријатие, односно основачот кој го именува директорот и како такво не подлежи на уставносудска заштита.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.91/2004
17 ноември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова