У.бр.148/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 ноември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување Детален урбанистички план за дел од Централното градско подрачје урбан модул ЦЕ 2003-2008 Охрид, бр.07-222/5 од 19 март 2004 година, донесена од Советот на општина Охрид.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот на барањето за оценување на согласноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002 и 50/2003).

3. Клементина Николовска од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, како и за оценување на нејзината согласност со Правилникот означен во точката 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата Деталниот урбанистички план донесен со оспорената одлука бил во спротивност со Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот. Како причини за тоа се наведува дека при донесувањето на овој детален урбанистички план не бил изготвен извештај за јавната анкета, со образложение за неприфатените забелешки, поради што не бил испочитуван членот 18 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Повикувајќи се на членот 21-а став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање подносителката на иницијативата наведува дека доносителот на деталниот урбанистички план не ги почитувал ниту членовите 14, 16 и 17 од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот. Исто така, не бил почитуван ни членот 22 став 6 од Законот затоа што по предлогот на Деталниот урбанистички план не била побарана согласност од министерството надлежно за работите за уредување на просторот, како што се предвидувало во членот 22 став 6 од Законот.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 1 од оспорената одлука, со неа се донесува Детален урбанистички план за дел од Централното градско подрачје урбан модул ЦЕ 2003-2008 Охрид.

Во членот 2 од оваа одлука е утврдено дека со Деталниот урбанистички план од членот 1 се опфаќа простор со површина од 1,02 ха, и се опишуваат границите на тој простор.

Според членот 3 од Одлуката, Деталниот урбанистички план содржи: Документациона основа, План за уредување на просторот, Основни параметри за уредување на просторот и Графични прилози.

Според членот 4 од Одлуката, Деталниот урбанистички план се заверува со потпис на претседателот на Советот на општината Охрид. Во членот 5 се утврдува дека овој план се чува и следи во Секторот за урбанистичко планирање и заштита на животната средина на општината Охрид, а реализацијата е во надлежност на Министерството за транспорт и врски – Подрачна единица Охрид.

Според членот 6 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Охрид”.

5. Врз основа на прибавената документација, Судот на седницата утврди дека Деталниот урбанистички план за дел од Централното градско подрачје урбан модел ЦЕ 2003-2008 Охрид е донесен во постапка утврдена во Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Имено, овој план бил изработен како нацрт и предлог на план.

На Нацртот на планот, пред организирањето на јавната анкета била извршена стручна ревизија од страна на ДОО “ИН-ПУМА” Скопје во јули 2003 година, по која изработувачот на планот доставил одговор, исто така во јули 2003 година.

По Нацрт на планот, Министерството за транспорт и врски со допис бр.13-8631 од 31 јули 2003 година дало стручно мислење, а свое мислење дал и Заводот за заштита на споменици на културата и Народниот музеј Охрид од 30 јули 2003 година.

Нацртот на планот, во кој биле вградени сугестиите и забелешките од стручната ревизија и стручните мислења, бил утврден од Секторот на планирање при општина Охрид со записник бр.22-1337/2 од 29 септември 2003 година.

За организирање на јавната анкета по Нацртот на планот, градоначалникот на општина Охрид донел решение бр.08-1337 од 30 септември 2003 година. Според ова решение јавната анкета траела од 1 октомври 2003 до 15 октомври 2003 година, а соопштението за јавната анкета било објавено во печатен медиум.

Извештајот за јавната анкета, со образложение за неприфатените забелешки е изготвен под бр.22-1470 од 27 октомври 2003 година. Од извештајот и известувањето за постапување по извештајот видно е дека во текот на јавната анкета биле доставени 8 анкетни листови, од кои забелешките по 7 анкетни листови не се прифатени, а по еден анкетен лист делумно се прифатени, делумно не. Меѓу неприфатените забелешки се и трите забелешки поднесени од подносителката на оваа иницијатива, а неприфаќањето е образложено во извештајот.

По завршување на јавната анкета и извршената стручна консултација одржана на 13 октомври 2003 година, Предлогот на планот бил изготвен од ДОО “Пологпроект – ПРО” – Гостивар.

Министерството за транспорт и врски дало согласност на Предлогот на планот со акт под бр.13-12204 од 5 ноември 2003 година.

6. Постапката за донесување на деталните урбанистички планови е утврдена во Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002).

Во членот 18 став 4 од Законот, а во однос на кој се оспорува законитоста на Одлуката, е предвидено дека извештај за јавната анкета за плановите од членот 17 став 5 од Законот, меѓу кои се и деталните урбанистички планови, со образложение за неприфатените забелешки, изработува општината, односно градот Скопје.

Во членот 21-а став 1 од Законот е утврдено дека при изработување на просторен и урбанистички план задолжително се применуваат нормативи и стандарди за планирање на просторот од различни области вклучени во интегралното планирање на просторот.

Овие нормативи и стандарди, според ставот 2 на истиот член од Законот, ги донесува министерот надлежен за работите на урбанизмот, по претходно прибавено мислење од министерствата надлежни за соодветните области.

Според членот 22 став 6 од Законот, деталните урбанистички планови се донесуваат по издавањето согласност на предлогот на планот од страна на министерството надлежно за работите на уредувањето на просторот.

Разгледувајќи ја оспорената одлука во однос на членовите 18 став 4 и 22 став 6 од Законот, притоа имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба, Судот утврди дека наводите во иницијативата според кои деталниот урбанистички план донесен со оваа одлука не е во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, затоа што не бил изготвен извештај од јавната анкета, со образложение за неприфатените забелешки и дека не е прибавена согласност на предлогот на Деталниот урбанистички план од надлежното министерство, се неосновани и како такви не претставуваат основ за изразување на сомневање во законитоста на овој детален урбанистички план. Имено, од приложената документација Судот утврди дека Извештајот за јавната анкета, со образложение за неприфатените забелешки е изготвен под бр.22-1470 од 27 октомври 2003 година, а Министерството за транспорт и врски дало согласност на Предлогот на Деталниот урбанистички план со акт бр.13-12204 од 5 ноември 2003 година.

Во врска со наводите во иницијативата дека овој детален урбанистички план не бил во согласност и со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот, кои според член 21-а од Законот задолжително се применуваат при изработување на деталните урбанистички планови, Судот утврди дека согласно член 110 од Уставот не е надлежен да ја оценува согласноста на деталниот урбанистички план со тој правилник, односно да ја оценува примената на стандардите и нормативите утврдени во истиот. Поради тоа, иницијативата во тој дел согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ја отфрли.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.148/2004
10 ноември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова