У.бр.164/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 ноември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Борис Младновски од Велес за заштита на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на социјална и политичка припадност.

2. Борис Младеновски од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на социјална и политичка припадност.

Според наводите во барањето, со пресудата К.бр.62/03 од 9 декември 2003 година на Основниот суд Кочани и пресудата КЖ.бр.148/2004 од 17 март 2004 година на Апелациониот суд Штип, подносителот на ова барање бил дискриминиран со начинот на водење на самата судска постапка и со повредување на неговите права кои што како оштетен ги имал според Законот за кривичната постапка. Барањето е поднесено и за заштита на сопственоста, односно на имотно-правно побарување по основ на направена штета со противправните дејствија на обвинетиот во таа постапка.

Подносителот на барањето смета дека во конкретниот предмет е дискриминиран по основ на социјалната припадност, со оглед на тоа што бил стечаен работник, а не ја исклучува можноста за дискриминација и по основ на политичка припадност, што било вообичаено во секојденвниот живот.

Во прилог на ова негово мислење, како пример наведува и други судски предмети по кои постапката се уште била во тек и предолго траела.

3. Судот на седницата, врз основа на приложените докази утврди дека Основниот суд во Кочани, со пресуда К.бр.62/03 од 12 декември 2003 година, го одбил обвинителниот акт против обвинетиот Илчо Велков од Кочани поднесен од Борис Младновски од Велес во својство на оштетен, а во конкретниот случај подносител на барањето за заштита на слободите и правата пред овој Суд. Од образложението на пресудата произлегува дека Основниот суд во Кочани така пресудил со оглед на тоа што утврдил дека именуваниот не можел да се јави како оштетен, односно претставник на оштетеното правно лице АД “Шампиони” од Кочани за кривичните дела измама, злоупотреба на доверба, фалсификување исправи и даночно затајување.

Со пресуда КЖ.бр.148/2004 од 17 март 2004 година на Апелациониот суд во Штип, жалбата изјавена од оштетениот е одбиена како неоснована, а пресудата на Основниот суд во Кочани е потврдена.

Јавното обвинителство на Република Македонија, во врска со иницијативата за подигање на барање за заштита на законитоста против двете наведени судски пресуди, со допис КОЗ.бр.120/2004 од 17 мај 2004 година го известил оштетениот дека не нашло основ за подигање на барање за заштита на законитоста бидејќи утврдило дека со донесените пресуди не бил повреден законот.

Судот на седницата, исто така, утврди дека барањето за заштита на слободите и правата до овој Суд е поднесено, односно примено на 27 јули 2004 година.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Во членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) е предвидено дека секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејствие му е повредено некое право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд на Република Македонија во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Од означената одредба на Деловникот произлегува дека за постапување на Судот во постапката за заштита на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот потребно е актот со кој е сторена повредата на овие слободи и права да е конечен или правосилен и барањето за заштита да е доставено во рок од 2 месеци од денот на доставувањето, односно приемот на овој акт.

Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека во конкретниот случај пресудата на Основниот суд во Кочани К.бр.62/03 од 9 декември 2003 година, а која се посочува како акт со кој подносителот на барањето во постапката пред тој суд бил дискриминиран по основ на социјална и политичка припадност, е правосилна. Меѓутоа, тргнувајќи од фактот дека Јавното обвинителство на Република Македонија по поднесеното барање, односно иницијатива за заштита на законитоста подносителот го известил на 17 мај 2004 година Судот утврди дека барањето за заштита на слободите и правата до Уставниот суд е поднесено по протекот на 2 месеци од правосилноста на пресудата на Основниот суд во Кочани, односно од доставувањето на пресудата на Апелациониот суд во Штип, од чиј ден на прием пресудата на Основниот суд во Кочани се смета за правосилна.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај барањето за заштита на слободите и правата не е поднесено во рокот утврден во членот 51 од Деловникот на Уставниот суд, Судот утврди дека постојат процесни пречки да одлучува по барањето на подносителот и поради тоа согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот истото го отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.164/2004
10 ноември 2004 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова