Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 ноември 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на член 10 во делот “Работници со соработнички звања”, алинеја 4 од Описот на работата и работните задачи “Изработува елаборати и апликативни проекти” од Правилникот за организација и систематизација на работните места на Јавната научна установа Институт за сточарство, донесен од Советот на Институтот на седницата одржана на 8 мај 2004 година.
2. Д-р Симо Георгиев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на дел од членот 10 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, работите и работните задачи кои според описот ги извршувале дел од соработниците (асистенти) наведени во алинејата 4 “изработува елаборати и апликативни проекти”, не биле наведени кај научните работници, кои во хиерархијата на звањата согласно Законот за научно – истражувачка дејност, стоеле повисоко од соработниците и тие при пишувањето рецензии за унапредување на соработниците ги вреднувале елаборатите и апликативните проекти изработени од страна на соработниците, па оттука било налогично некој кој бил со закон овластен да вреднува нечиј интелектуален труд, самиот да не можел да изработи таков труд.
Со ваквиот став, смета подносителот на иницијативата, бил повреден став 6 од член 6 од Законот за научно-истражувачка дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/1996) и затоа бара Уставниот суд да го поништи делот од оспорениот член 10 од Правилникот за организација и систематизација на работните места.
3. Судот на седницата утврди дека според делот од оспорениот член 10 од Правилникот, за работното место асистент-истражувач описот на работата и работните задачи е:
– учествува во изведувањето на опити во научно-истражувачки проекти;
– врши непосреден надзор во изведувањето на опитите од страна на соработниците – помлади асистенти и лаборантите;
– помага на раководителот на научноистражувачкиот проект при обработката на податоците за извештаи и научни трудови;
– изработува елаборати и апликативни проекти;
– учествува во смотри и контроли на производните особини на приплоден добиток и др.;
– учествува на конгреси, симпозиуми, советувања и други научни и стручни собири преку презентирање на сопствени истражувања;
– активно работи на свое усовршување (докторат);
– врши и други работи по налог на раководителот на одделението.
4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето во неа.
Имајќи ја предвид содржината на оспорениот правилник, Судот оцени дека дека истиот не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку е интерен акт со кој се уредува внатрешната организација и систематизација на работните места на Институтот за сточарство, и е во функција на извршување на работите од надлежноста на Институтот, за кој тој е и основан, како и за остварување на правата, обврските и одговорностите на вработените во Институтот утврдени со закон и колективен договор.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.166/2004
10 ноември 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова