170/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 10 ноември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 став 1 од Правилникот за изменување на Правилникот за минимално – техничките услови за деловните простории во кои се врши трговија (“Службен весник на Република Македонија” бр.54/2004).

2. Слободан Димитров од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата министерот за трговија со предвидувањето, како посебен услов, увозникот на нафтени деривати за вршење на трговија со нафтени деривати, да располага со посебни складови, ги пречекорил законските овластувања за предвидување на минимално техничките услови за деловните простории, поради што оспорените одредби од Правилникот биле несогласни со Уставот на Република Македонија и со Законот за трговија.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 1 став 1 од Правилникот увозникот на нафтени деривати за вршење на трговија со нафтени деривати треба да располага со посебни складови.

Судот на седницата, исто така, утврди дека согласно член 2 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за минимално-техничките услови за деловните простории и простории во кои се врши трговија (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/2004), членот 22 став 1, односно членот 1 став 2 од Правилникот се менува и гласи: “увозникот на нафтени деривати и трговецот на големо со нафтени деривати треба да располага со посебни складови”.

4. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по истата.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од Правилникот е изменета, односно заменета со нова одредба, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по истата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.170/2004
10 ноември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова