У.бр.94/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 алинеја 1 и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 ноември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за начинот и постапката за примена на одредбите за надлежностите на финансиската полиција (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/2004).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 6 став 2 од Законот за финансиската полиција (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2002).

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 и 2 од ова решение.

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорената законска одредба се повредувале член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 12 став 1, член 51, член 54 став 1, член 91 алинеја 5, член 98 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

Имено, подносителот на иницијативата смета дека законодавецот со оспорената законска одредба не можел да го овласти министерот за финансии да донесе поблиски прописи за начинот и постапката за примена на одредбите од ставот 1 на член 6 од Законот.

Со тоа министерот за финансии надвор од основите и рамките на Уставот и член 6 став 2 од Законот, не само што ја пропишувал постапката за примена на одредбите од ставот 1 на овој член, туку со оспорениот Правилник ги пропишувал и надлежностите на финансиската полиција. Токму поради ова, со оспорениот Правилник, според подносителот на иницијативата, биле повредени напред наведените уставни одредби како и член 6 став 2 од Законот за финансиската полиција и член 55 став 1, член 56 став 1, член 58 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Поради изнесените аргументи, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 6 став 2 од Законот за финансиската полиција и на уставноста и законитоста на Правилникот за начинот и постапката за примена на одредбите за надлежностите на финансиската полиција.

4. Судот на седницата утврди дека според член 6 став 2 од Законот за финансиската полиција министерот за финансии ќе донесе поблиски прописи за начинот и постапката за примена на одредбите од ставот 1 на овој член.

Во член 6 став 1 од Законот е предвидено дека финансиската полиција при вршењето на работите од својата надлежност има право да:

1) врши увид и истражување на деловни книги и друга евиденција, документи, записници, меморандуми и компјутерски податоци и податоци добиени од други електронски медиуми кои се однесуваат на податоци и елементи на даночните пријави на лицата кои се под истрага;

2) зема изјава од осомничен и од сведоци кои се однесуваат на деловните книги, записници и други документи со цел да се добијат потребните информации и докази;

3) обезбеди примероци од ракопис за спроведување и докажување на автентичноста и потеклото на документите;

4) врши претресување на деловни простории на осомничениот и други простории, по сопствена оцена или по барање на Јавното обвинителство;

5) врши претрес на живеалиштето на лицето (стан, куќа, викендица и слично), со судски налог;

6) приведува лица кои се под истрага или ја попречуваат или оневозможуваат истрагата или постапката;

7) привремено запира и прегледува превозни средства за кои постои основано сомнение дека се користат за транспорт на стока и луѓе, како и прегледува магацини и други објекти за складирање на стоката, независно од тоа кој е сопственик на тие објекти;

8) конфискува стока која е ставена во промет или се транспортира, кога не постои доказ за платени давачки и документација за потеклото на истата;

9) привремено одземе возило и друго превозно средство со кое стоката се транспортира, доколку вредноста на стоката е поголема од една третина од вредноста на средството со кое таа се транспортира;

10) привремено може да одземе пари, хартии од вредност, предмети и други документи од моментот на започнување на истрагата до завршувањето на постапката,

11) одземање електронски, механички или други апарати кои можат да содржат податоци, записници, други документи или друг вид информации кои се сметаат за потенцијални докази и

12) да поднесе барање до судот да изрече времена мерка за забрана за располагање со имот, опрема и средства на сметка од моментот на започнување на истрагата до завршување на постапката.

Судот, исто така, утврди дека со Одлука на Уставниот суд У.бр.40/2003 од 30 јуни 2004 година, укинат е членот 6 став 1 точка 4, 6, 8 и 11 став 2 и член 10 став 1 точка 2 од Законот за финансиска полиција.

Правилникот за начинот и постапката за примена на одредбите за надлежностите на финансиската полиција е поместен во ИИИ глава и содржи 44 члена од кои И (првата) глава ги регулира општите одредби, ИИ (втората) ја регулира примената на одредбите за надлежност на финансиската полиција и ИИИ (третата) глава ја содржи завршната одредба.

5. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување.

По повод порано поднесена иницијатива, Судот ја оценувал уставноста на член 6 став 2 од сега оспорениот Закон, од аспект на неговата согласност со уставните одредби кои и во сега поднесената иницијатива се посочени и со Одлука У.бр.40/2003 од 30 јуни 2004 година, го укинал истиот, оценувајќи дека оспорената законска одредба не е во согласност со Уставот. Имено, Судот оцени дека со наведеното законско овластување се засега во уредување на прашања од кривичната постапка како една од видовите на судските постапки која може да биде уредена само со закон и со што се отстапува од општиот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, поради што и оцени дека оспорениот член 6 став 2 од Законот не е во согласност со одредбите од Уставот.

Од причина што Уставниот суд ја укинал сега оспорената законска одредба, со што всушност истата е отстранета од правниот поредок, односно истата не е дел од правниот систем, во конкретниов случај постојат процесни пречки за одлучување по истата, поради што Судот оцени дека во тој дел, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, иницијативата треба да се отфрли.

Што се однесува до оспорениот Правилник за начинот и постапката за примена на одредбите за надлежностите за финансиската полиција, кој акт ја црпи својата основа во членот 6 став 2 од Законот за финансиска полиција (кој со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија” У.бр.40/2003 од 30 јуни 2004 година е укинат) и претставува негова операционализација, оцена на Судот е дека со укинувањето на законскиот основ, министерот за финансии го губи правото, односно нема законско овластување да донесува поблиски прописи за начинот и постапката за примена на одредбите за надлежностите на финансиската полиција (став 1 од член 6).

Со оглед на тоа, Судот оцени дека со престанувањето на правниот основ кој произлегува од укинатата законска одредба на која се заснива оспорениот Правилник, се имплицира и престанок, односно анулирање на правната важност на истиот, а кое всушност претставува законска неможност министерот за финансии да го уредува ова прашање со подзаконски пропис.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорениот Правилник би можел да се доведе под сомнение по однос на неговата согласност со одредбите од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.94/2004
3 ноември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова