Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 27 октомври 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на член 8 став 3 и став 4 од Законот за регулирање на побарувањата на штедачите од штедилниците “ТАТ” Битола, “Алфа С” Скопје и “Лавци” Охрид (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2002).
2. Крсте Илоски и Фисник Винца од Струга и Иван Бегин од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативите, со Законот за регули-рање на побарувањата на штедачите од наведените штедилници, била уредена исплатата и издавањето на конвертибилни сертифкати за побарувањата на доверителите по основ на штедни влогови. Во членот 8 од Законот било определено дека тие можеле да се користат за купување и отплата на акции и удели и друг имот со кој распо-лагала Агенцијата за приватизација на Република Македонија и други акции во сопственост на државата. Меѓутоа, според ставот 3 и ставот 4 од овој член од Законот, конвертибилните сертификати можеле да се користат во период од две години од денот на нивното издавање и по истекот на овој рок конвертибилните сертификати биле неважечки. Со оглед на тоа што тие претставувале хартии од вредност гаран-тирани од државата, за кои согласно членот 26 од Законот за хартии од вредност издавачот се обврзува на исплата, произлегувало дека тие не можеле да се сметаат за неважечки по истекот на рокот од две години, како што тоа се предвидувало со оспорените одредби од Законот за регулирање на побарувањата на штедачите.
Во иницијативите, исто така, се наведува дека настанала нерамноправна положба меѓу граѓаните кои во првата година ги искористиле правата од конвертибилните сертификати и граѓаните кои во втората година на важење на Законот тоа право не можеле целосно да го реализираат поради укинувањето на Агенцијата на Република Македонија за приватизација во периодот додека траел рокот за реализација на сертификатите.
Од овие причини постоела законска неусогласеност на оспорените одредби од членот 8 од Законот за регулирање на побарувањата на штедачите од штедилниците “ТАТ” Битола, “Алфа С” Скопје и Лавци” Охрид, со членот 26 од Законот за хартии од вредност и со Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал кој предвидел престанок на постоењето на Агенцијата на Република Македонија за приватизација од 31 март 2004 година, а со тоа се прекинал рокот за остварување на правата од конвертибилните сертификати на штедачите.
Со иницијативите се бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот, поради меѓусебната неусогласеност на наведените закони.
3. Судот на седницата утврди дека со членот 8 од Законот за регулирање на побарувањата на штедачите од штедилниците “ТАТ” Битола, “Алфа С” Скопје и “Лавци” Охрид, е предвидено дека конвертибилните сертификати можат да се користат за купување и отплата на акции и удели и друг имот со кој располага Агенцијата за приватизација на Република Македонија и други акции во сопственост на државата.
Под отплата во смисла на ставот 1 од овој член, се подразбира отплата на акции и удели и друг имот со кој располага Агенцијата за приватизација на Република Македонија и други акции во сопственост на државата по договори кои ќе бидат склучени по влегувањето во сила на овој закон.
Конвертибилните сертификати можат да се користат во период од две години од денот на нивното издавање.
По истекот на овој рок конвертибилните сертификати се неважечки.
4. Разгледувајќи ги иницијативите и наводите со кои се оспоруваат одредбите од членот 8 став 3 и 4 од Законот, Судот на седницата утврди дека со Решение У.бр.90/2002 од 2 октомври 2002 година веќе одлучувал и не повел постапка за оценување на уставноста на оспорените законски одредби.
Согласно членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, или ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Со оглед на тоа што Судот се произнел по оспорените одредби од Законот, односно оценил дека се во согласност со Уставот, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.
Што се однесува до наводите во иницијативите дека оспо-рените одредби од Законот не биле во согласност со други закони, се утврди дека согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд на Репуб-лика Македонија не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на законите.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.103/2004
27 октомври 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова