Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 октомври 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 81 во делот “ако е осуден за кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за државен службеник и за вршење на службата во органот од член 3 од овој закон, со денот на врачувањето на правосилната пресуда” – од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003,17/2004 и 69/2004).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата на Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од Законот било предвидено автоматски, по сила на самиот закон да му престане работниот однос на државниот службеник како правна последица од осуда за сторено кривично дело, а не како конкретна казна односно забрана што судот ја изрекол со своја одлука.
Со оглед на тоа што со оспорената законска одредба било предвидено правните последици од осудата да настапат по сила на законот, а не како конкретна казна (забрана) што судот ја изрекол во рамките на видовите на казни односно санкции предвидени со Кривичниот законик, подносителот на иницијативата смета дека таа е во спротивност со членот 13 став 1 од Уставот на Република Македонија, со кој е предвидено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, и во спротивност со други одредби од Уставот (членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 9, членот 14 став 1, членот 51 став 1 и членот 98 став 1 и 2).
3. Судот на седницата утврди дека Законот за државните службеници во делот на одредбите кои се однесуваат на престанок на вработувањето, во членот 81 предвидел дека на државниот службеник му престанува вработувањето ако е осуден за кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за државен службеник и за вршење на службата во органот од членот 3 од овој закон, со денот на врачувањето на правосилната пресуда ако биде оценет со оцената “не задоволува” двапати последователно или во последните пет години најмалку трипати и во други случаи утврдени со закон.
4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 1 и 3 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се предвидени основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, и владеењето на правото.
Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Уставот на Република Македонија во делот на одредбите кои се однесуваат на економските, социјалните и културните права, во членот 32 став 1 утврдил дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 од овој член од Уставот, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а во ставот 5 е предвидено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Законот за државните службеници во членот 1 определил дека предмет на уредување на овој закон се статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници како и системот на плати и надоместоци на плати за државните службеници.
Согласно членот 3 став 1 и 2 од овој Закон, државен службеник е лице кое врши стручни, нормативно правни, извршни, управно-надзорни работи и решава управни работи во согласност со Уставот и со закон. Државен службеник е лице вработено во органите на државната управа, во органите на единиците на локалната самоуправа и градот Скопје и стручните служби на: Собранието на Република Македонија, претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија, судовите, Републичкиот судски совет, Народниот правобранител, Јавното обвинителство, Агенцијата за државни службеници и Државниот завод за ревизија.
Согласно членот 4 од Законот, за прашањата што не се уредени со овој закон и за прашањата за кои овој закон не упатува на примена на друг закон, а се однесуваат на државните службеници, се применуваат општите прописи за работните односи.
Поаѓајќи од изнесените уставни и законски норми, во оцената на уставноста на оспорената одредба од членот 81 од Законот за државните службеници, Судот утврди дека таа не е во несогласност со Уставот кога како посебна причина за престанок на работниот однос на државниот службеник ја предвидел конкретната состојба предизвикана од самиот вработен како сторител на кривично дело во врска со службената должност или друго кривично дело кое го прави недостоен за државен службеник и за вршење на службата во органот од членот 3 на овој закон, со денот кога на тоа лице му е врачена правосилната пресуда.
Ова поради тоа што со оспорената законска одредба јасно е утврден причинскиот однос на забраната на вработениот да продолжи да биде во работен однос поради постоење на правосилна судска пресуда со која е утврдено дека државниот службеник сторил такво кривично дело со кое ја злоупотребил својата положба при вршењето на службената должност или друго кривично дело кое го прави недостен за државен службеник.
Имено, оспорената законска одредба прецизно утврдува дека за престанок на работниот однос на државниот службеник првенствено се поаѓа од постоење на правосилна пресуда на судот со која е осудено лицето кое е во работен однос како државен службеник за кривично дело во врска со службената должност, а не препушта на претпоставки за сторено кривично дело.
Судот утврди дека оспорената одредба од членот 81 од Законот за државните службеници регулира одредена состојба како причина за престанок на работниот однос на државниот службеник што е право на законодавецот со закон да пропише извесни критериуми инкорпорирани во оваа професија, заради обезбедување и заштита на професионалното функционирање на органите во кои државните службеници ги вршат надлежностите пропишани со закон.
Оттука, според Судот,за оспорената одредба не може да се постави прашањето за несогласност со Уставот, од причините кои се изнесени во иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.95/2004
20 октомври 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова