У.бр.208/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 септември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 67 став 3 и член 86 од Законот за договорен залог (“Службен весник на Република Македонија” бр. 5/2003).

2. Васил Велковски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 67 став 3 и член 86 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со наведениот закон била дадена можност реализацијата на хипотека, односно на залог да се врши и преку нотар, ако тоа странките го договориле или ако воопшто не договориле пред кој субјект, односно орган ќе се врши реализација на залогот, па во тој случај изборот му припаѓа на хипотекарниот доверител. Во постапката пред нотар, хипотекарниот должник нема правни средства да ги заштитува своите права во случај кога долгот не постои или кога договорот за хипотека е ништовен или кога долгот е делумно намирен или кога не се заснова на хипотека и слично.

Единствено правно средство што му стои на располагање на хипотекарниот должник е тужбата за побивање на актите врз основа на кои е извршена реализација на предметот на залогот (член 67). Оваа тужба треба да се поднесе во рок од 15 дена. Ако во тој случај судот издаде времена мерка стекнувањето на правото за сопственост врз предметот на залогот се одлага до денот кој судот го определил со привремена мерка. Доколку тужбата се изјави по истекот на 15 дена од денот на одржаното јавно наддавање на кое е продаден залогот, односно од денот кога е составен записот врз основа на кој заложниот доверител согласно член 65 став 5 стекнува право да стане сопственик на залогот, односно од денот на потпишувањето на записникот за непосредна спогодба за продажба на залогот е без правно дејство во однос на новиот соптвеник кој го стекнал правото на сопственост врз предмет на залогот.

Според подносителот на иницијативата, решението во член 67 став 3 од Законот во однос на правното дејство на пресудата што ќе биде донесено по тужбата е спротивно на Уставот, бидејќи ги става во нерамноправна положба граѓаните како купувачи на јавна лицитација или како купувачи на недвижност оптоварена со хипотека и граѓаните кои купуваат недвижности во правниот промет. Ова од причина што и во случај кога продажбата е ништовна, спротивна на законот, а извшена од страна на нотар, реализацијата на хипотеката е правно важна иако не е заснована хипотека или хипотеката е ништовна, или договорот за хипотека е ништовен или предметот на хипотеката не е на хипотекарниот должник, или постапката е грубо повредена или слично. Во сите овие случаи останува во важност продажбата и тогаш кога е ништовна. Ова решение е спротивно на решенијата содржани во Законот за облигационите односи по однос на правните последици од ништовноста на правната работа. Со оваа одредба во привилегирана положба се става еден мал број на купувачи во однос на сите други купувачи на недвижност чии правни работи можат да бидат поинакви и во таков случај ги трпат последиците од ништовноста на правната работа.

Имајќи го предвид наведеното подносителот смета дека оваа одредба е спротивна на член 9 од Уставот.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека со Законот за договорен залог е предвидена ретроактивна важност на овој закон во однос на реализацијата на залогот. Така, според член 86 доколку постапката за реализација на залогот започнала пред денот на влегувањето во сила на овој закон се завршува според досегашните прописи. Доколку постапката за реализација не е започната, таа ќе се реализира според одредбите на Законот за договорен залог. Договорен залог и договорните хипотеки се засновани и според одредби на Законот за извршната постапка и според одредби на Законот за договорна хипотека. Според одредбата од член 86 став 2 Законот за договорен залог ќе се примени и на реализација на оние хипотеки што се засновани пред неговото влегување во сила ако таквата реализација не е започната до денот на влегувањето во сила на одредбата.

Оттаму, според подносителот на иницијативата, очигледно се работело за повратно дејство на Законот по однос на реализација на хипотеката или залогот што е склучен пред неговото влегување во сила што било спротивно на член 52 од Уставот, освен во случај кога тоа е поповолно за граѓаните. Законот за договорен залог предвидува можност реализацијата на залогот, односно хипотеката да се изврши преку нотар или преку регистрирана организација за промет на недвижности преку берза и слично. Овие начини на реализација не беа предвидени со Законот за извршната постапка, ниту, пак, со Законот за договорна хипотека. Овие начини на реализација можат да бидат и понеповолни за хипотекарниот должник.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за договорен залог (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2003) се уредува начинот, условите и постапката за засновање, постоење, реализација и престанување на договорното заложно право врз подвижни ствари (рачен залог) и врз недвижности (хипотека) (член 1).

Со залогот се обезбедуваат парични и друг вид побарувања, чија вредност може да се изрази во пари што доверителот ги има во однос на својот должник од одреден облигационен однос (член 2 став 1).

Ако побарувањата обезбедени со залог не бидат исполнети во рокот на нивното пристигнување, заложниот доверител може да ги намири од вредноста на предметот на залогот или под услови и начини предвидени со овој закон за да се стекне со право на сопственост врз предметот на залогот (член 2 став 2).

Според член 10 став 1 од наведениот закон предметот на залогот мора да е во сопственост на заложниот должник и да е во правен промет. По исклучок предмет на залогот може да биде и предмет што не е во сопственост на заложниот должник, ако тој врз него во моментот на засновањето на залогот има стекнато право на залог (надзалог).

Предмет на рачниот залог може да биде подвижна ствар хартија од вредност, одредено имотно побарување или друго право, а предмет на хипотеката само одредена недвижност, односно ствар изедначена со недвижност (член 4).

Рачниот залог може да се заснова со предавањето на предметот во владение (владетелскиот залог) или без негово предавање во владение (невладетелски залог), а хипотеката се заснова само како невладетелска (член 3).

Според член 17 од законот, правото на хипотека се стекнува со склучување на договорот за хипотека и со запишување на хипотека во јавна книга на начин и под услови пропишани со закон.

Во член 21 став 1 од Законот е предвидено дека договорот за залог се склучува во писмена форма освен договорот за владетелски залог кој може да биде склучен во која било форма. Според ставот 2 на овој член, договорот за залог што не е склучен во писмена форма не произведува правно дејство.

Во членот 22 од Законот е регулирано прашањето кога договорот за залог има својство на извршна исправа, а во членот 23 се утврдени битните елементи што треба да ги содржи договорот за залог.

Во Главата В (членовите 59 – 82) од Законот се уредени прашањата кои се однесуваат на реализација на залогот: начинот на продажба на залогот, субјектот што ќе ја изврши реализацијата на залогот, како и според кои закони во зависност од овластените субјекти за реализација ќе се спроведе реализацијата на залогот.

Во членот 65 од Законот, пак, е регулирано дека кога во договорот за залог не е договорен начинот на продажба, нотарот продажбата ќе се изврши со усно јавно наддавање во местото и просторот наведени во огласот за продажба.

Во став 5 на член 65 од Законот е предвидено дека ако наддавањето не успеало, ниту продажбата е извршена со непосредна спогодба во рок од три месеци од денот на добиеното овластување за продажба, се смета дека заложниот доверител станал сопственик на заложниот предмет за цената која одговара на износот на обезбеденото побарување зголемена со трошоците и каматите, освен ако заложниот доверител во рок од 15 дена од денот на исполнувањето на условите за стекнување на сопственоста преку нотар го извести заложникот должник дека не сака правото на сопственост врз заложниот предмет да премине врз него. Правото на сопственост не се пренесува на заложниот доверител и кога врз ист предмет постои право на залог за повеќе заложни доверители.

Според член 66 од Законот, записникот за извршената продажба на заложниот предмет со наддавање, записникот за стекнување на правото на сопственост врз заложниот предмет под условите предвидени со овој закон, како и со непосредна спогодба за продажба на заложниот предмет составено во вид на извршна исправа претставуваат правна основа за стекнување на правото на сопственоста врз заложниот предмет.

Во членот 67 став 1 од Законот е предвидено ако заложниот должник или трето лице има приговор на реализацијата на залогот, своето право може да го оствари со тужба за побивање на актите (записниците) врз основа на кои е извршена реализација на предметот на залогот.

Во ставот 2 на овој член е предвидено ако судот по поднесената тужба за побивање на актите (записниците) за извршената реализација на залогот издаде привремена мерка во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на тужбата, се одлага стекнувањето на правото на сопственост врз предметот на залогот до денот кој судот го одредил со привремената мерка. Ако тужителот го изгуби спорот одговара и за надомест на штета на новиот сопственик.

Во оспорениот став 3 на член 67 е предвидено дека тужбата од ставот 1 на овој член изјавена по истекот на 15 дена сметано од денот на одржаното јавно наддавање на кое е продаден залогот, односно од денот кога е составен записникот врз основа на кој заложникот доверител стекнува право да стане сопственик на залогот согласно со членот 65 став 5 на овој закон, односно од денот на потпишувањето на записникот за непосредна спогодба за продажба на залогот, е без правно дејство во однос на новиот сопственик кој го стекнал правото на сопственост врз предметот на залогот.

Од наведените законски одредби произлегува дека залогот по својата правна природа претставува посебен вид стварно право врз туѓа ствар, односно спаѓа во категоријата на изведени стварни права. За настанување на ова изведено стварно право треба претходно да постои одредена ствар врз која некој друг правен субјект има право на сопственост како основно стварно право или, попрецизно во вакви случаи имаме состојба кога врз ист објект постојат две стварни права.

Првото е правото на сопственост на објектот од кое право за неговиот носител произлегуваат две стварно правни овластувања стварта слободно да се користи и со стварта слободно да се располага.

Второто право засновано врз истиот објект е правото на залог како изведено стварно право од правото на сопственост кое за разлика од правото на сопственост е ограничено во своето дејство и се протега само врз располагањето со стварта како овластување во рамките на правото на сопственост, а не и на користење на таа ствар. Попрецизно, сопственикот на стварта и по конституирањето на правото на залог го задржува правото истата да ја користи за свои потреби, освен кога постои владетелски залог. Кај овој залог правото на користење до крајот на неговото постоење е во своевидно мирување. Тоа од причини што предметот на залогот е излезен од владение на неговиот сопственик и преминат во владение на заложникот доверител кој без согласност на сопственикот не смее да го користи.

За разлика од правото на користење кое произлегува од правото на сопственост, сопственикот на стварта што е предмет на залогот е ограничен во правото на располагање и таа ограниченост се состои во тоа што при исполнување на условите предвидени во законот и договор за залог и во согласност со нив со предметот на залогот наместо сопственикот располага заложниот доверител.

Целта на ваквото ограничување е преку прометно остварување на вредноста на заложената ствар да се обезбеди намирување на облигационото побарување на заложниот доверител што за него произлегува од основниот облигационен однос со својот должник, чија обврска е зајакната со конституираното право на залог на доверителот врз заложената ствар во сопственост на должникот или друго лице како заложен должник.

При заклучување на договорот за залог договорните страни можат да изберат еден од комерцијалните начини на продажба на залогот и овластениот субјект кој ќе изврши реализација на залогот. Доколку тоа не го направат, заложниот доверител има право сам да избере овластен субјект (нотар, суд, агенција за продажба на подвижни ствари и недвижности, берза и други субјекти предвидени со Законот за договорен залог) кој ќе ја изврши реализацијата.

Со цел да ги заштити интересите на заложниот должник или трети лица во постапката за реализација на залогот, законодавецот во член 67 став 1 утврдил право овие лица со тужба да ги побиваат актите (записниците) за извршената реализација на залогот. Притоа, законодавецот во овој став не утврдил од кога почнува да тече рокот за тужба ниту утврдил дека тој рок е 15 дена.

Рокот кој изнесува 15 дена и од кога тој почнува да тече може да се утврди од оспорениот став 3 на член 67, според кој по протек на овој рок тужбата е без правно дејство во однос на новиот сопственик кој го стекнал правото на сопственост врз предметот на залогот.

Од анализата на членот 67 произлегува дека законодавецот утврдил преклузивен рок за поднесување на тужба за побивање на актите (записниците) за реализација на договорот за залог. По протекот на тој рок заложниот должник или трето лице не може со тужба да ги побиваат записниците за реализација на залогот.

Тоа во суштина значи дека по протек на преклузивниот рок заложниот доверител или трето лице се стекнува со право на сопственост врз предметот кој произлегол од реализација на залогот ослободен од сите заложни побарувања со што се овозможува побрза реализација на залогот и заштита на новиот сопственик од една страна и поднесување на неосновани и ненавремени тужби од друга страна во постапката за реализација.

Оттука, според мислењето на Судот, со оспорената одредба во кој е утврден рок за поднесување на тужба за побивање на записниците за реализација на залогот не се задира во правото на заложниот должник или трето лице да бара ништовност на договорот или поточно речено пропуштањето на рокот утврден со оспорената одредба во никој случај не значи губење на правото во секое време согласно законот да се поднесе тужба и да се бара Судот да донесе пресуда со која држателот ќе се задолжи да ја поврати индивидуално определената ствар, при што сопственикот мора да докаже дека врз стварта чии поврат бара полага право на сопственост.

Имајќи ги предвид начелото на еднаквост, анализата на Законот за договорен залог, како и начелото според кое учесниците во прометот слободно ги уредуват облигационите односи во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи, утврдено во Законот за облигационите односи, наспроти содржината на член 67 став 3, Судот смета дека наводите во иницијативата според кои со оспорената одредба се ставени во привилегирана положба граѓаните кои ќе се стекнат со право на сопственост на предмет кој произлегол од реализација на договорот за залог, не се основани. Ова во прв ред поаѓајќи од фактот што и за овие граѓани се применуваат законските норми за поднесување тужба за ништовност на договорите, а кое право не застарува, како и правото на поднесување на сопственичка тужба.

Според тоа, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со начелото на еднаквост.

4. Судот, понатаму утврди дека според член 86 став 1 од Законот за договорен залог, постапките за реализација на залогот, односно хипотеката започнати пред денот на влегувањето во сила на овој закон се завршуваат според досегашните прописи.

Постапките за реализација на залог, односно хипотека кои не се започнати ќе се реализираат според одредбите на овој закон.

Во став 3 на член 86 е предвидено дека во случај кога се уште не е преземено ниту едно фактичко дејствие по донесеното решение за извршување, на барање на заложниот доверител постапката може да започне и да се води по одредбите на овој закон.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок кога тоа е поповолно за граѓаните.

Од наведената уставна одредба произлегува дека принципот на забрана на повратно дејство на законите и другите прописи треба да претставува брана против такви промени во правниот систем кои значат нарушување на веќе воспоставени и завршени правни односи.

Во правната теорија по однос на прашањето за судирот на законите околу нивното временско важење се применува максимата темпус регит ацтум што значи дека на одреден правен однос или одредена правна состојба се применува прописот кој важел во време на неговото настанување.

Меѓутоа, во поново време се смета дека ова правило повеќе не одговара на современите односи и тоа треба да се применува само во ограничен обем водејќи сметка за условите и околностите кои довеле до промена на законот, па оттука денес ова правило често се ограничува со клаузулата ребус сиц стантибус.

Според оваа клаузула во облигациното право секоја од договорните страни може од другата страна да бара нивниот меѓусебен договор да се измени или раскине ако без нејзина вина настанале такви состојби кои не можеле да се предвидат и поради кои исполнувањето на договорот е претерано отежнато.

Оправданоста од примената на оваа клаузула произлегува од фактот што договрните страни при заклучување на договорот ги имале во вид постојните околности, како и околностите кои според едно разумно предвидување може подоцна да настапат до денот на достасаноста на обврските од договорот, па оттаму и прилагодувањето на содржината на договорот и целта на неговото исполнување.

Целта на оваа клаузула е прилагодување на обврските од договорот според дополнително изменетите околности.

Според тоа, основен индикатор за оцена дали законот има повратно дејство треба да биде фактот дали тој се протега на односи, односно правни ситуации што настнале пред, или по неговото влегување во сила.

Во таа смисла прашањето за постоење повратно дејство на законот може да биде поврзано со настанувањето и престанувањето на правните односи, односно правни ситуации или со правни односи што траат, односно што настанале пред влегување во сила на законот и што се уште произведуваат правно дејство.

Критериум за утврдување на карактерот на дејството на законот спрема овие односи би било времето на настанувањето на правните дејствија што произлегуваат од нив. Имено, законот би имал повратно дејство доколку неговото дејство би се протегало и врз правните дејствија што настанале односно се прземале пред неговото влегување во сила. Тоа би значело дека влијанието врз правните дејствија од тој однос што настануваат по влегување во сила на законот без оглед на тоа што правниот однос од кои тие извираат настанал пред неговото влегување во сила нема карактер на повратно дејство со оглед на тоа што предмет на дејството на општиот акт овде не е настанување и престанување на правниот однос, туку настанувањето и престанувањето на правните дејствија што извираат од него.

Тргнувајќи од наведеното, Судот смета дека во конкретниов случај со оспорената одредба со која законодавецот го уредил прашањето за тоа дека на веќе воспоставени односи и преземени дејствија ќе се примени законот кој бил во сила во времето на настанување на правни односи, а на веќе воспоставени односи од кои не произлегле никакви правни дејствија ќе се примени постојниот закон, не се доведува во прашање принципот на забрана на повратно дејство на законите.

Воедно, Судот смета дека не може да се постави прашањето за повратно дејство на законот односно на одредбите од член 86 став 3 со која на заложниот доверител му е дадено само можност да бара реализација на договорот за залог според постојниот закон и кога е донесено решение за извршување, меѓутоа не е преземено никакво фактичко дејствие.

Оваа ситуација, според мислењето на Судот, законодавецот ја предвидел како можност, со цел реализацијата на залогот да се изврши побрзо при што заложниот должник не се доведува во понеповолна положба имајќи предвид дека тој веќе знае дека ќе дојде до реализација на залогот поради неисполнување на одредена обврска спрема заложниот доверител.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.208/2003
29 септември 2004 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова