162/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 септември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 8 став 3 и 4 од Законот за регулирање на побарувањата на штедачите на штедилниците “ТАТ” од Битола, “Алфа-С” од Скопје и “ЛАВЦИ” од Охрид (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/2002).

2. Штедачите на штедилницата “ТАТ” од Битола, застапувани од Пеце Гугучевски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби од Законот за регулирање на побарувањата биле спротивни на член 9 од Уставот на Република Македонија, бидејќи штедачите кои планирале своето право на купување на акции и удели со сертификати да го искористат во втората година, со укинувањето на Агенцијата за приватизација и непонудувањето на акции и удели на продажба од државата, биле доведени во нерамноправна положба во однос на оние кои тоа право го искористиле во првата година.

Оспорените одредби од Законот, исто така, биле несогласни со член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија кој обезбедувал еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, затоа што дел од корисниците на сертификатите со укинувањето на Агенцијата за приватизација биле доведени во состојба да не можат да ги реализираат своите економски права.

Подносителите на иницијативата се повикуваат и на повреда на членот 30 став 4 од Уставот, затоа што со неможноста да ги реализираат своите економски права им се одземала сопственоста без право на правичен надомест.

Едновремено, ставовите 3 и 4 на член 8 од оспорениот закон се оспоруваат и во однос на член 8 од Законот за хартии од вредност, бидејќи издавачот на хартии од вредност бил должен да ги извршува обврските од хартиите од вредност во рокот, условите и начинот предвидени со Законот за хартии од вредност и актот на нивното издавање.

Меѓутоа, Република Македонија пред време односно пред истекот на рокот од две години ја укинала Агенцијата за приватизација, која продавала акции и удели, каде сертификатите можеле да бидат единствено платежно средство, така што издавачот не ги извршувал до крај и кон сите обврските кои ги предвидел со издавањето на конвертибилните сертификати.

Одредбите од ставовите 3 и 4 на член 8 од Законот за регулирање на побарувањата на штедачите се оспоруваат и во однос на Уредбата за постапката за продажба на акции и удели затоа што таа предвидувала во постапката на продажба на акции и удели, начинот на плаќање да се врши во готово и со хартии од вредност, што во практиката не се почитувало.

3. Судот на седницата утврди дека со решение У.бр.90/2002 година од 2 октомври 2002 година не повел постапка за оценување на уставноста, меѓу другите, на член 8 став 3 и став 4 од Законот за регулирање на побарувањата на штедачите на штедилниците “ТАТ” од Битола, “Алфа-С” од Скопје и “ЛАВЦИ” од Охрид.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Судот веќе се произнел по оспорената одредба од Законот, односно оценил дека истата е согласна со Уставот, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.

Што се однесува до наводите во иницијативата дека оспорениот закон бил несогласен со Законот за хартии од вредност и со Уредбата за постапка на продажба на акции и удели, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на законите ниту согласноста на закон со друг пропис, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.162/2004
29 септември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова