У.бр.195/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 22 септември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 став 1 точки 1, 2, 3 и 4 во делот “за кои тие ќе одлучат да се објават во “Службен весник на Република Македонија” од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија” (“Службен весник на Република Македонија” бр.56/1999).

2. Драган Атанасовски од Битола му поднесе иницијатива на Уставниот суд на Република Македонија за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение, од причини што смета дека не се во согласност со членот 52 ставови 1, 2 и 3 од Уставот на Република Македонија. Според подносителот на иницијативата, Уставот не предвидувал дискреционо право за Собранието на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија и министерствата тие да одлучуваат дали одреден акт ќе го објават во “Службен весник на Република Македонија” или не. Според него, оспорената одредба создавала правна несигурност која била крајно штетна и опасна за правниот поредок.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 3 од Законот, во “Службен весник на Република Македонија” се објавуваат:

1.) Уставот на Република Македонија, закони, автентично толкување на закони, пречистени текстови на закони што ги утврдува Законодавно – правната комисија на Собранието на Република Македонија, Републичкиот буџет и завршната сметка на буџетот, просторниот план на Републиката, меѓународни договори, Деловникот на Собранието на Република Македонија, одлуки, декларации, резолуции, препораките на Собранието на Република Македонија, заклучоци и другите акти на Собранието на Република Македонија за кои тоа ќе одлучи да се објават во “Службен весник на Република Македонија”,
2.) Указите за прогласување на закони, указите за поставување и отповикување на амбасадорите и пратениците на Република Македонија во странство и на други лица утврдени со закон, актите за именување и разрешување на носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон, како и други акти на претседателот на Републиката за кои тоа е определено со закон и актите за кои претседателот на Републиката ќе одлучи да се објават во “Службен весник на Република Македонија”,
3.) Уредбите, одлуките, упатствата, решенијата и Деловникот за работа на Владата на Република Македонија, како и другите акти и заклучоците на Владата на Република Македонија за кои таа ќе одлучи да се објават во “Службен весник на Република Македонија”,
4.) Правилници, наредби, упатства, решенија и други акти за кои со закон се овластени да ги донесуваат министрите кои раководат со министерствата, како и функционерите кои раководат со другите органи на управата и организации утврдени со закон, како и други акти за кои тие ќе одлучат да се објават во “Службен весник на Република Македонија”,
5.) Одлуките, решенијата и други акти на Уставниот суд на Република Македонија и актите на правосудните органи за кои тоа е определено со закон;
6.) Прописите на Народната банка на Република Македонија и на другите правни лица кога со нив, врз основа на овластувања утврдени со закон, се уредуваат односи од јавен интерес во областа на нивната дејност,
7.) Колективни договори,
8.) Акти на фондовите и заводите и
9.) Исправки на законите и другите прописи.

4. Согласно член 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 2 од овој член, законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Ставот 3 од овој член на Уставот утврдува дека законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби произлегува дека објавувањето на законите и другите прописи е во функција на обезбедување на принципот на владеење на правото и остварувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти. Објавувањето, пак, на законите и другите прописи претставува акт на обнародување на тие акти и нивно ставање на увид на јавноста. Имено, со неговото донесување, промулгирање, односно потпишување и објавување, законот, односно другиот пропис станува перфектен, односно применлив акт. Имајќи го предвид карактерот и значењето на објавувањето на законите и другите прописи, Уставот утврдил обврска тие да се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, како службено гласило на Републиката.

Членот 52 од Уставот на Република Македонија е поместен во главата за основните слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа во делот за гаранции на основните слободи и права. Самиот овој факт укажува дека Уставот на Република Македонија не приоѓа на објавувањето на законите и другите прописи како на техничко прашање, туку како на прашање кое длабоко навлегува во уставните гаранции на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.

Членот 3 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија” ги утврдува актите кои задолжително се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” ; како би можеле да бидат полноважни и применливи во практиката. Притоа, ваквото детерминирање оваа одредба го врши со поединечна енумерација на видовите акти кои задолжително се објавуваат во зависност од нивниот доносител.

Со делот од одредбите кој се оспорува, не само што не се врши никакво ограничување, рестрикција или оневозможување на објавувањето, туку напротив се остава можност да се објават и други акти за кои не постои обврска за тоа. Во случајот не се работи за рестрикција на уставниот принцип на објавување на законите и другите прописи, како универзален принцип кој важи генерално. Според мислењето на Судот, ваквата законска клаузула со која органите може да објават во “Службен весник на Република Македонија” и други акти за кои тие ќе одлучат (покрај оние кои се таксативно наведени во Законот) оди понапред во остварувањето на правото на правните субјекти да бидат запознени со правото и обезбедува транспарентност на власта во нејзиното практикување. Оттука, воопшто не може да се прифати толкувањето дека оспорените одредби ги привилегира и ги овластува наведените органи тие самоволно и дискреционо да одлучуваат дали некој акт ќе го објават или не. Напротив, објавувањето на овие акти е во насока на зголемување на степенот на запознавање на јавноста со актите на органите на државната власт без оглед дали тие акти произведуваат права и обврски за субјектите на правото. Од друга страна, самиот акт на објавување на ваквите акти не им бара карактер на пропис по автоматизам, ниту имплицира неограничени права и обврски за субјектите на правото. Впрочем и самиот Закон се однесува на објавување на закони и други прописи и акти.

Дополнителен аргумент во одбрана на оспорената одредба, според мислењето на Судот е и самата содржина на членот 52 од Уставот на Република Македонија на кој се повикува подносителот на иницијативата. Имено, членот 52 од Уставот утврдува обврска за објавување на законите и другите прописи, го утврдува временскиот период во кој тие треба да бидат објавени по нивното донесување и го утврдува вацатио легис. Во делот од одредбата која се оспорува воопшто не станува збор за објавување на законите и другите прописи, туку за објавување на други акти за кои наведените органи ќе одлучат да се објават во “Службен весник на Република Македонија”, а кои не мора да имаат карактер на пропис.

Врз основа на изнесеното, Судот заклучи дека делот од одредбите од членот 3 став 1 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти со кои Собранието на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, министрите и другите функционери кои раководат со органи на управата и организации утврдени со закон, покрај таксативно наведените акти може да објават во “Службен весник на Република Македонија” и други акти за кои тие ќе одлучат е во прилог на запознавање на јавноста со содржината на тие акти, а за кои е оценето дека е тоа потребно. Ваквите акти не мора да имаат карактер на пропис и не мора да создаваат права и обврски за правните субјекти. Нивното објавување има афирмативно дејство врз остварувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот и позитивно влијае врз нивната реализација во практиката.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова-Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.195/2002
22 септември 2004 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова