Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 септември 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 184 став 2, 3 и 4 од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003 и 19/2004).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека според член 184 став 2 од Кривичниот законик, ако делата од членовите 172, 173 и 174 се сторени спрема претседателот на Република Македонија во врска со вршењето на неговата функција, гонењето се презема по предлог. Согласно член 184 став 3 од истиот законик, ако делата од членовите 172, 173 и 174 се сторени спрема лице кое се наоѓа на кандидатската листа, за време на изборите или непосредно пред гласањето, во време кога она што се изнесува или пренесува не можело да биде јавно негирано, гонењето се презема по службена должност. Според член 184 став 4 од Законикот, ако делата од членовите 172, 173 и 174 се сторени спрема државен орган или негов претставник, спрема службено или воено лице, во врска со нивната служба или остварување на нивната функција, гонењето се презема по предлог. Со оспорените ставови на член 184 од Кривичниот законик се повредувале членовите 8 став 1 алинеја 3, 9 и 51 од Уставот. Имено, согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Правото на еднаквост пред Уставот и законите значело заштита на граѓанинот од секаков вид дискриминација во уживањето на правата, но и во остварувањето на законските обврски. Според тоа со оспорените законски одредби се повредува уставното начело на еднаквост на граѓаните, затоа што претседателот на Република Македонија, лицето кое се наоѓа на кандидатската листа, државниот орган односно неговиот претставник, службеното или воено лице, само според општествената положба се наоѓале во привилегирана положба во однос на сите други граѓани во Република Македонија, а кои биле, исто така, жртви на кривичните дела против нивната чест и углед.
3. Судот на седницата утврди дека со членот 109 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/2004), во членот 184 ставовите 2 и 4 се бришат.
Со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија број 220/2000 од 30 мај 2001 година е укинат членот 184 став 3 од Кривичниот законик.
4. Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување на Судот по иницијативата.
Со оглед на тоа што оспорените ставови 2, 3 и 4 на членот 184 не се повеќе дел од правниот систем на Република Македонија, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување на Судот поради што одлучи иницијативата да ја отфрли.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.89/2004
15 септември 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова