У.бр.125/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 септември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Љубица Димчевска од Гевгелија за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Љубица Димчевска од Гевгелија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата.

Подносителот на барањето бара:

1) Заштита на основните човекови права – правото на слободно движење на луѓето – забрана на тортура од тужените лица кои биле вработени во УВР Гевгелија и Медицински центар – Гевгелија и одредени судии во Основниот суд Гевгелија, кои им помагале на тужените лица да се извлечат од нивните дела што вршеле тортура кон нив со неправилно пресудување против законите и Уставот.

2) Право на слобода и сигурност,
3) Право на обештетување,
4) Право на почитување на приватниот и семејниот живот, и
5) Забрана на дискриминација.

Целта на поднесување на ова барање била да се разбие синџирот на владеење на роднински, пријателски и полициски врски и да биде спречено неправилното судење во кое ги казнувале по два пати за исто дело.

Подносителот на барањето смета дека му биле загрозени основните слободи и права и правото на движење и сигурноста, затоа што без судска одлука била киднапирана од дома од страна на УВР Гевгелија и Медицински центар Гевгелија.

Во барањето понатаму се наведува дека со благослов на судиите се отфрлала нејзината тужба и била казнувана со енормен паричен износ иако знаеле дека таа била самохрана мајка, дека не можела тој износ да го плати, а тоа било со цел да ја стават во затвор. Киднапирањето и носењето во болницата за душевни болести според подносителката на барањето за судиите не било ништо, а нејзиниот син иако не бил виновен исто така го казнувале додека вистинските воновници биле благо казнувани.

Подносителот на барањето смета дека лицата од УВР Гевгелија вршеле тортура над неа и нејзиниот син на тој начин што тие соработувале со судиите и постојано им пишувале прекршочни пријави и ако тие ништо не сториле и ги казнувале со парична казна од 30.000 денари. Понатаму, исто така, во барањето се наведува дека таа не добила оштета за тоа што ја сместиле во душевната болница иако таа била психофизички здрава.

Подносителот на барањето смета дека и е повредено правото на почитување на приватниот и семејниот живот, така што лицата од УВР Гевгелија без судски налог вршеле претрес во нејзината куќа и земале се што им одговарало и сето тоа го правеле затоа што била самохрана мајка која не можела да плати адвокат, а целта им било да ја сместат во затвор.

Подносителот на барањето од Уставниот суд на Република Македонија бара да се обнови кривичната постапка и судот да донесе правилна одлука со која ќе биде обештетена.

3. Судот на седницата од приложените докази од страна на подносителот на барањето утврди дека Основниот суд во Гевгелија со Пресуда Пр.бр.144/02-Ј од 14.02.2003 година подносителот на барањето заедно со синот Златко Алексовски ги огласил за виновни затоа што сториле прекршок од член 2 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир и ги казнил со парична казна во износ од по 15.000,00 денари.

Незадоволна од оваа пресуда подносителот на барањето поднела жалба на 25.11.2003 до Апелациониот суд во Скопје. Со документацијата поднесена од подносителката на барањето не е доставена одлуката на Апелациониот суд по изјавената жалба.

Подносителката на барањето, исто така, до Основниот суд Гевгелија, поднела приватна кривична тужба против тужените од УВР Гевгелија: Петар Манев, Владо Ристов, Тони Костадинов, Мирослав Лазаревски, Горан Поповски и против Медицинскиот центар Гевгелија, Ристо Ников, Даница Каркалашева, Ванчо Богатинов, Димитар Граматиков и Милица Каспар, за кривични дела противправно лишување од слобода, насилно психијатриско лекување и чување во здравствена установа од член 140 став 3 од Кривичниот законик и злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик.

Судот донел Решение К.бр.153/2002 од 9.04.2003 година со кое ја отфрлил приватната кривичната тужба, затоа што според судот делата што биле предмет на приватната кривична тужба не биле кривични дела.

Подносителот на барањето незадоволен од ова решение, поднела жалба до Апелациониот суд во Скопје, кој со Решение КЖ.бр.1606/2003 изјавената жалба ја одбил како неоснована и го потврдил Решението на Основниот суд во Гевгелија К.бр.153/2002 од 9.04.2003 година.

Од доставената документација се гледа дека подносителката на иницијативата до Врховниот суд на Република Македонија поднела барање за вонредно преиспитување на Решението на Основниот суд Гевгелија К.бр.153/2002 од 9.04.2003 година и Решението на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр.1606/2003 од 25.09.2003 година.

Врховниот суд на Република Македонија барањето на приватната тужителка Љубица Димчевска го отфрлил како недозволено.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејстие му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејствие со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Членот 52 од Деловникот на Уставниот суд утврдува дека во барањето од член 51 е потребно да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Од наводите содржани во барањето, како и во појаснувањето на барањето произлегува дека во суштина барањето не се однесува на заштита на слободите и правата на што подносителот на барањето само начелно се повикува, туку барањето се однесува на испитување од страна на Уставниот суд на уставноста и законитоста на акти на судовите, односно Уставниот суд да постапува како инстационен суд и да ги поништи решенијата на Основниот суд Гевгелија К.бр.153/2002 на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр.1606/2002 и на Врховниот суд на Република Македонија Кв.бр.171/2003.

Од изнесеното произлегува дека поднесеното барање не претставува барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, кои во согласност со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија ги штити Уставниот суд, туку дека претставува барање Уставниот суд да одлучува за права и интереси на странка по конкретен предмет од надлежност на судовите, за кои Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.125/2004
15 септември 2004 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова