У.бр.26/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 септември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 17 став 1 алинеја 4 во делот “и други видови правна помош” од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот дел од членот 17 став 1 алинеја 4 од Законот, не бил во согласност со член 53 од Уставот според кој адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон. Според подносителот на иницијативата членот 53 од Уставот не предвидувал покрај адвокатурата и други видови правна помош, поради што оспорениот дел од членот 17 став 1 алинеја 4 од Законот не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, 51, 53 и 96 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 17 став 1 алинеја 4 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, Министерството за правда ги врши работите што се однесуваат на нотарските работи, адвокатурата и други видови правна помош.

4. Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во членот 8 од Уставот.

Во делот од Уставот што се однесува на гаранциите на слободите и правата се членовите 51 и 53.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Според член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а според ставот 3 на овој член организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Врз основа на ова уставно овластување, донесен е Законот за организација и работа на органите на државната управа со кој се уредуваат организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа.

Во делот од законот што се однесува на надлежноста на органите на државната управа, во членот 17 е утврдена надлежноста на Министерството за правда.

Врз основа на наведените уставни и законски одредби произлегува дека надлежноста на Министерството за правда е утврдена со закон и дека една од надлежностите на Министерството за правда е вршењето на работи што се однесуваат на нотарските работи, адвокатурата и други видови правна помош.

Имајќи предвид дека со Уставот адвокатурата е дефинирана како јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон, произлегува дека законодавецот има право со закон да утврди под кои услови и во кои случаи адвокатурата обезбедува правна помош, а исто така со закон да утврдува во кои случаи и под кои услови правната помош може да ја обезбедуваат и други лица, односно субјекти.

Со оглед на тоа што со Уставот не е утврдено исклучиво право на адвокатурата да обезбедува правна помош, во конкретниот случај законодавецот со посебен закон за организација и работа на органите на државната управа го овластил Министерството за правда да врши и работи што се однесуваат на други видови правна помош.

Оттука, Судот оцени дека со оспорениот дел од член 17 став 1 алинеја 4 од Законот за организација и работа на органите на државната управа не се повредува уставниот принцип на владеење на правото ниту, пак, се повредува уставно утврдената положба на адвокатурата поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.26/2004
15 септември 2004 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова