Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 септември 2004 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за населба Црниче I – Кисела Вода бр. 07-97/1, донесена од Советот на општина Кисела Вода – Скопје на 30 септември 2003 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.12/2003).
2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Месната заедница “Црниче”-Скопје, Еколошкото друштво “Црниче”-Скопје Здружението на борците на Македонија – огранок Црниче и 109 граѓани потписници на иницијативата; Јордан Ралуповски и Петар Караманов од Скопје и Даница Сиколова, Бранислав Синколов, Сузана Бачовска и Анета Петрова од Скопје, со Решение У.бр.199/2003 и У.бр.44/2004 од 30 јуни 2004 година поведе постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Законот за просторно и урбанистичко планирање.
5. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена на 30 септември 2003 година од Советот на општина Кисела Вода под бр.07-97/1.
Со оваа одлука според член 1 се врши измена и дополнување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за населба Црниче 1 – Кисела Вода со цел да се создадат услови за планирање на организирани простори за градба кои ќе бидат реализирани од страна на корисниците на земјиштето. Документацијата е изработена во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за поблиска содржина и начин на графичка обработка на плановите и Правилникот за стандардите и нормативите за планирање на просторот.
Во член 2 од Одлуката е дефиниран опфатот на Деталниот урбанистички план во вкупна површина од 19,98 ха.
Согласно Генералниот урбанистички план на град Скопје, на предметниот локалитет се предвидува зона домување, а со предложеното решение се задржува оваа намена. Предвидено е зона за услужни дејности. Понатаму со планот се врши усогласување на изградените објекти со основните параметри на урбанистичкото, сообраќајното решение и инфраструктурата.
Во членот 3 од Одлуката е предвидено што содржи Деталниот урбанистички план (планиран развој, одредби за спроведување на планот, графички дел). Во овој член е предвидено дека текстуалниот и графичкиот дел и одредбите за реализација се составен дел на оваа одлука.
Во член 5 од Одлуката е предвидено дека Одделението за урбанизам во рок од 60 дена од денот на донесување на Одлуката ќе обезбеди комплетна документација за остварување на планскиот документ.
Во член 6 е предвидено дека измените и дополнувањата на деталниот урбанистички план со сите негови делови се чува и за негова реализација се грижи Одделението за урбанизам на општината.
Според член 7, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во Службен гласник на град Скопје.
6. Судот понатаму утврди дека пред донесување на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за населба Црниче I надлежните органи согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) се презел следните дејствија:
На 5 јуни 2001 година градоначалникот на општина Кисела Вода поднел барање до главниот архитект на град Скопје за покренување на иницијатива за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за населба Црниче. Врз основа на наведеното барање, а согласно член 52 точка 1 и 2 од Законот за локална самоуправа главниот архитект на град Скопје со акт бр.18а – 973/1 од 20 јуни 2001 година повел иницијатива да се пристапи кон измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за просторот на населба Црниче, односно УЕ 61.
Врз основа на член 19 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, општината Кисела Вода на Институтот за просторна организација на човековата средина при Архитектонскиот факултет од Скопје му доверила да изврши стручна ревизија на нацрт на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за населба Црниче I – Кисела Вода, кој бил изработен од ИН – ПУМА – Институт за урбанизам, сообраќај и екологија.
Овој институт во април 2002 година, во врска со измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план, а по повод стручната ревизија изготвил одговор на стручната ревизија.
На 10 мај 2002 година, Министерството за транспорт и врски дало стручно мислење по Нацрт-планот во кое се содржани одредени забелешки и сугестии кои требало да се вградат во нацрт планот по што согласно законската регулатива би се пристапило кон донесување на планот.
На 23 септември 2002 година, главниот архитект на град Скопје по разгледување на доставениот Нацрт-план за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план изготвен од ИН-ПУМА дал стручно мислење. Во ова мислење се наведува дека Нацрт-планот во целост е изработен според одредбите за спроведување на Генералниот урбанистички план, барањето во Програмата за содржината на планот и Правилникот за стандардите и нормативите, па согласно тоа општината може да отпочне со постапка за донесување на нацрт-планот.
По разгледување на изготвениот материјал во врска со Нацрт-одлуката, а врз основа на Записникот за утврдување на текстот на Нацрт-одлуката за измена на Деталниот урбанистички план за Црниче, Одделението за урбанизам, комунални работи и инфраструктура, уредување на градежно земјиште и заштита на животната средина на општина Кисела Вода на 2 октомври 2002 година донело Заклучок со кој се утврдува текстот на Нацрт одлуката за измена на планот.
Утврдениот текст на Нацрт-планот бил доставен до градоначалникот на општина Кисела Вода заради донесување одлука за организирање на јавна анкета.
На 2 октомври 2002 година, градоначалникот на општина Кисела Вода донел одлука за организирање на јавна анкета во која е утврдено дека соопштението за организирање на јавна анкета ќе биде објавено во дневниот печат, а анкетата ќе трае 30 дена од денот на објавувањето на соопштението. Соопштението за спроведување на јавната анкета со податоци за местото и времето на траење на јавната анкета било објавено во “Утрински весник” на 4 октомври 2002 година.
Од извештајот на комисијата за спроведената јавна анкета е констатирано дека по Нацрт-одлуката е спроведена јавна анкета и во наведениот извештај е презентирано кој приговор е прифатен а кој не.
Притоа за одбележување е дека комисијата донела Заклучок во кој се наведува дека “се задолжува изготвувачот на планот да ги вгради измените по прифатените приговори и сугестии од комисијата и стручната консултација” (стручната консултација по Нацрт-планот била одржана на 14 ноември 2002 година) и како таков планот да биде доставен со предлог одлука на усвојување на Советот на општина Кисела Вода.
На 9 јуни 2003 година изготвено е Известување по извештајот за спроведената јавна анкета во кое се наведува дека забелешките од спроведената јавна анкета кои комисијата ги прифатила изготвувачот на планот ИН-ПУМА ги вградил во целост.
Врз основа на наведеното, Министерството за транспорт и врски на 17 јуни 2003 година под бр.13-6152 дало согласност на Предлог планот за измена на Деталниот урбанистички план за населба Црниче I општина Кисела Вода.
На 30 септември 2003 година Советот на општина Кисела Вода донел Заклучок во кој е предвидено:
1. “Се усвојува Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за населба Црниче I – Кисела Вода со следното дополнување:
– Да се даде можност со Предлог- Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за населба Црниче I Кисела Вода, за максимална висина на маркиците водејќи притоа сметка на процентот на изграденоста и коефициентот на искористеноста, односно објектите кои имаат висина 8,5 да им се даде 10 м. висина. Горенаведеното да се спроведе во графичкиот план односно синтезен приказ”.
7. Во натамошната постапка, а за целосно согледување на фактичката состојба Судот изврши увид во Нацрт-планот и Предлог-планот при што е направена споредба во смисла што било презентирано на увидот и што е усвоено со планот. Извршен е исто така увид во анкетните листови на граѓаните.
Притоа, Судот констатира дека во Нацрт-планот објектите 01.012 и 01.013 биле предвидени како објекти за вршење на услужни дејности со висина од 4,5 м.
Во врска со овие објекти поднесен е приговор бр.56 од Хаџи Стефан Костов и Прохирја Пешиќ со кој подносителите бараат објектите да се пренаменат во станбено деловни и да се намали градежната линија.
Овој приговор односно, барање е прифатено и во Предлог – планот овие објекти се предвидени како станбено деловни објекти со висина од 7,50 м.
Објектите означени под шифра 01.02; 01.021; 01.022 и 01.023 во Нацрт-планот биле предвидени со висина од 8,50 и со таа висина биле усвоени во Предлог-планот.
Понатаму, Судот утврди дека подносителите на иницијативата Петар Караманов и Јордан Ралуповски како и Златко Цветковски поднеле приговор на Нацрт-планот Анкетен лист 61 и 69.
Имено, подносителите на приговорот барале: да не се легализира втор објект во една урбана парцела, а тоа е објект 02.081 кој бил предвиден во Нацрт планот; да се овозможи рамноправна поделба на сите сопственици за поделба на дворните места; процентот на искористеност да се третира еднакво за сите сопственици и да се преиспита предлогот за внесување нови објекти во постојниот зелен појас.
Во извештајот од јавната анкета, а и во Предлог-планот по однос на првото барање е позитивно одговорено во смисла на тоа што објектот 02-081 не е предвиден.
Во однос на другите барања во извештајот се наведува дека се задржува постојната парцелација согласно важечкиот детален урбанистички план и дека решението за новоградби се совпаѓа со стручното мислење на Министерството за транспорт и врски.
Од увидот извршен во изводот на Генералниот урбанистички план на град Скопје, Судот утврди дека на предметниот локалитет се предвидува зона домување.
По однос на подносителите на иницијативата Даница Сиколова, Бранислав Синколов, Сузана Бачовска и Анета Петрова Судот утврди дека тие се сопственици на објекти означени под шифра 01.132; 01.13 и 01.14 и дека тие на 1 април 2003 година поднеле приговор – Анкетен лист бр.5/1997 со барање да се почитува катастарската сопственост во формирање на површините за градба, што било прифатено од комисијата, имајќи ја предвид катастарската сопственост и приложените документи.
Меѓутоа, пред поднесување на приговорот, односно барањето на горенаведените лица, на 6 ноември 2002 година Александар Стојановски и Арсена Антова поднеле барање – Анкетен лист бр.08-5/374 во планот да се предвиди површина за градба на КП.468/1 која е нивна сопственост. Барањето било прифатено и во Предлог-планот е предвиден објект 01.131.
8. Од увидот извршен во Нацрт-планот кој бил изложен на јавен увид и Предлог-планот кој е усвоен на седница на Советот на општина Кисела Вода, Судот утврди дека на поголем број на објекти, односно на повеќе од 40 објекти кои во Нацрт-планот биле предвидени во висина од 8,50, во Предлог-планот се усвоени со висина од 10 м.
Од наведеното, според мислењето на Судот произлегува дека зголемувањето на висината на над 40 објекти во Предлог-планот не произлегло од јавната анкета, туку тоа е резултат на Заклучокот на Советот на општината кој е имплементиран во графичкиот приказ.
9. Согласно член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, општините се надлежни за урбанистичкото планирање (урбано и рурално), издавањето на одобрението за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште.
Според членот 22 став 3 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, општината донесува урбанистички планови од член 7 алинеи 1, 2 и 3 на овој закон, а тоа значи дека општината ги донесува: генералните и деталните планови и урбанистичка документација за населено место во општината.
Според член 17 став 7 и член 18 од Законот, градоначалникот на општината по утврдување на нацрт-планот од општинската администрација донесува одлука за организирање на јавна анкета по нацрт детален урбанистички план, а јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата.
За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила, а извештајот со образложение за неприфатените забелешки го изработува општината.
Членот 19 став 1 и став 2 од Законот предвидува дека пред организирањето на стручната расправа и јавната анкета се врши стручна ревизија, која што ја врши стручно научна институција или комисија што ја определува, односно формира министерот надлежен за работите на уредување на просторот.
Според член 22 став 6 од Законот, општината го донесува Деталниот урбанистички план по издавање согласност на предлог планот од страна на министерството надлежно за работите на уредување на просторот.
Од наведеното според мислењето на Судот произлегува дека планирањето на просторот кое се врши во постапка и од надлежни органи има за цел задржување или менување на постојната состојба на просторот во постапка во која треба да бидат изразени и потребите на граѓаните што е концепт на законот, заради што и се спроведува јавната анкета. Секакво друго постапување и менување на планот надвор од она што е предвидено во нацрт планот и што не е резултат на јавната анкета во суштина ја обесмислува и ја обезличува целта на јавната анкета.
Оттука, Судот смета дека ако при разгледување на Предлог-планот во општината односно градот Скопје се дадат нови предлози кои не биле дадени во постапката на разгледување на Нацрт-планот, Предлогот на планот се враќа во фаза на Нацрт на план и се организира нова стручна расправа или јавна анкета на Нацрт-планот.
Имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба и законската регулатива за постапката за донесување на деталните урбанистички планови, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи висината на објектите предвидена во Предлог планот не е резултат на јавната анкета, туку тоа е резултат на заклучокот на Советот на општината.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од оваа одлука.
10. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.199/2003
У.бр.44/2004
15 септември 2004 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова