Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 септември 2004 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 44 став 4 од Статутот на општина Крушево, донесен од Советот на општина Крушево на седницата од 23 јуни 2003 година (“Службен гласник на општина Крушево” бр.29/2003).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на градоначалникот на општина Крушево со решение У.бр.33/2004 од 16 јуни 2004 година поведе постапка за оценување на законитоста на статутот означен во точката 1 од оваа одлука затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002).
4. Судот на седницата утврди дека согласно член 44 став 4 од Статутот ако Советот го потврди прописот или не расправа во рок од став 3 на овој член, градоначалникот е должен да го објави прописот и едновремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија.
5. Согласно Амандманот ЏВИ од Уставот на Република Македонија локалната самоуправа се уредува со закон.
Согласно став 1 на член 7 од Законот за локалната самоуправа општината го уредува вршењето на своите надлежности со статут и со други прописи.
Во членот 36 од Законот е предвидено дека советот го донесува статутот на општината и други прописи.
Во членот 50 став 1 точка 2 од Законот е предвидено дека градоначалникот ја контролира законитоста на прописите на советот.
Според член 51 став 1 од Законот ако градоначалникот смета дека прописот на советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување во кое ќе ги образложи причините за запирањето.
Согласно ставот 2 на овој член од Законот советот е должен во рок од 15 дена од денот на објавувањето на решението од ставот 1 да го разгледа решението и да одлучи по него.
Според ставот 3 на овој член од Законот ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и едновремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија.
Од наведените законски одредби произлегува дека Законот за локалната самоуправа упатува со статутот на општината да се утврдат нејзините надлежности; дека овој закон го овластува градоначалникот да ја контролира законитоста на прописите што ги донесува советот; дека градоначалникот е овластен со решение да го запре објавувањето на прописот ако оцени дека истиот е несогласен со Уставот и законите и дека советот е должен во рок од 15 дена од донесувањето на решението со кое градоначалникот го запрел објавувањето на прописот, да го разгледа тоа решение во контекст на прописот и да одлучи по него.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека оспорената одредба од Статутот, му дава можност на советот да не го потврди прописот или да не расправа по него во определениот рок, а го задолжува градоначалникот и без став на советот да го објави прописот и едновремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на неговата уставност и законитост пред Уставниот суд на Република Македонија, поради што оцени дека истата е несогласна со Законот за локалната самоуправа.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.33/2004
9 септември 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова