Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 септември 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Пресудата на Основниот суд Скопје И – Скопје К.бр.862/99 од 6 февруари 2002 година, преиначена во делот на одлуката за кривичната санкција со пресуда на Апелациониот суд во Скопје КЖ.бр.357/2003.
2. Неби Хузри од с. Сарај на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената пресуда не била во согласност со Устав и со закон, затоа што со нејзиното преиначување од Апелациониот суд во Скопје, таа предвидувала построга казна за подносителот на иницијативата од изречената кривична санкција со првостепената пресуда.
3. Судот на седницата утврди дека Пресудата на Основниот суд Скопје И – Скопје К.бр.862/99 од 6 февруари 2002 година е преиначена во делот на одлуката за кривичната санкција на начин што обвинетиот Неби Хузри од с. Сарај – скопско се осудува на казна затвор во траење од 6 – шест месеци и на парична казна од 30.000 (триесет илјади) денари.
4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд не е надлежен да постапува како инстанционен суд и да одлучува за уставноста и законитоста на пресудите што ги изрекуваат судовите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.129/2004
9 септември 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова