32/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 14 став 2, 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 23 јуни 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на алинеја 6 и 7 и на законитоста на алинеја 8 и 9 од членот 66 став 2 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.97/2002).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 57 од Статутот означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија за утврдување на висината на коморскиот уписен влог (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/2003).

4. Марјан Наумовски од Скопје и други шеснаесет граѓани на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 57 и членот 66 став 2 алинеја 7, 8 и 9 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија и за оценување на уставноста на Одлуката на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија за утврдување на висината на коморскиот уписен влог (“Службен весник на Република Македонија” број 39/2003).

Според наводите во иницијативата оспорените акти биле во спротивност со членот 32 од Уставот на Република Македонија, со кој било пропишано дека секој има право на работа и слободен избор на вработување и дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Во иницијативата посебно се наведува дека оспорената одредба од членот 57 од Статутот на Адвокатската комора, која предвидувала дека приемот на адвокати се вршел на секои три месеци во годината односно во месеците март, јуни, септември и декември, била во спротивност со членот 218 од Законот за општата управна постапка. Ова поради тоа што за барањата за прием во Адвокатската комора можело да се решава на секои три месеци во годината, а според одредбата од Законот за општа управна постапка решение по барања на граѓани се донесувало во рок од еден месец од поднесувањето на барањето или во рок од два месеца ако се работи за посложени случаи.

Според иницијативата, доказите во членот 66 став 2 алинеја 7, 8 и 9 од Статутот, кои биле предвидени да се приложуваат кон барањето за приемот во адвокати, покрај тоа што го попречувале остварувањето на уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување, посебно доказот предвиден во алинеја 8 дека на кандидатот не му била изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија или дејност, бил во несогласност со членот 106 од Кривичниот законик кој предвидувал дека никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека оспорената Одлука на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија за утврдување на висината на коморскиот уписен влог, била во спротивност со членот 32 од Уставот, поради тоа што високиот износ на уписниот влог од 61.500,00 денари не биле во можност почетниците адвокати да го платат по добивањето на лиценца за работа, а со тоа се попречувало правото на работа и слободниот избор на вработување.

Од овие причини за оспорените акти се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста, а воедно да донесе времена мерка со која ќе биде запрено нивното извршување.

5. Судот на седницата утврди дека со членот 57 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија е предвидено дека приемот на адвокатите се врши во месеците: март, јуни, септември и декември.

Според членот 66 став 1 од Статутот, барањето за прием се доставува до Комисијата за прием, а според ставот 2, кон барањето се приложуваат:

– кратка биографија,
– доказ за завршен правен факултет,
– доказ за положен правосуден испит,
– уверение за државјанство,
– уверение дека не е одземена деловна способност,
– уверение дека не се води кривична постапка,
– доказ дека не е во работен однос,
– доказ дека не му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија или дејност,
– мислење од работодавецот и од основната адвокатска заедница.

Судот, исто така утврди дека со Одлуката на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија за утврдување на висината на коморскиот уписен влог (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/2003) е предвидено:

1) Висината на коморскиот уписен влог изнесува 61.500,00 денари,
2) Оваа одлука влегува во сила со денот на нејзиното објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

6. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Според членот 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност.

Со Законот за адвокатура (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2002), адвокатурата е определена како самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош.
Според членот 5 од овој закон, самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува, покрај другото, и со организирање на адвокатите во Адвокатска комора, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и за запишување и бршење од Именикот на адвокатите.

Според членот 10 и членот 12 од овој закон, правото на вршење на адвокатска дејност согласно со овој закон се стекнува со уписот во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија и по уписот на адвокатот му се издава лиценца за работа. Содржината и постапката за издавање и одземање на лиценцата за работа се уредуваат со Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија. Во Именикот на адвокатите може да се запише лице, државјанин на Република Македонија, кое ги исполнува општите услови за засновање на работен однос во органите на државната управа, дипломиран правник со положен правосуден испит и кое ужива углед за вршење на адвокатската дејност. Со членот 20, исто така, е определено дека адвокатот не може да врши јавна функција или професија и друга јавна служба, а согласно членот 23 став 2 точка 2, правото на вршење на адвокатската дејност на адвокатот му престанува ако заснова работен однос.

Како општи услови за засновање на работен однос во органите на државната управа, согласно членот 9 став 1 од Законот за државни службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003 и 17/2004) се определени за кандидатот:

1) да е државјанин на Република Македонија;
2) да е полнолетен;
3) да има соодветен степен на образование;
4) да го има потребното работно искуство;
5) да не му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење професија, дејност или должност и
6) да има општа здравствена способност.

Во однос на постапката за упис во Именикот на адвокатите, Законот за адвокатура во членот 13 предвидел по барање за упис да решава надлежен орган на Адвокатската комора кој е определен со акт на Адвокатската комора, на начин и под услови определени со овој закон. По жалбата против решението со кое се врши прием или се одбива барањето за упис во Именикот на адвокатите решава надлежен орган на Комората определен со акт на Адвокатската комора на Република Македонија, во рок од 15 дена од приемот на решението. Против конечното решение може да се поведе управен спор.

7. Од анализата на оспорените одредби од членот 66 став 2 алинеја 7, 8 и 9 од Статутот на Адвокатската комора произлегува дека правото на вршење на адвокатската дејност, кое се стекнува со уписот во Именикот на адвокатите и со добивање на лиценца за работа од страна на Адвокатската комора, може да се оствари ако во постапката за прием на адвокати кандидатите ги исполнуваат условите пропишани со закон.

Имено, тоа се општите услови кои важат за засновање работен однос во органите на државната управа согласно Законот за државните службеници и посебните услови пропишани со Законот за адвокатура.

Оттука, неспорно е дека со статутарните одредби може да биде уреден начинот на прибирање на податоци за исполнување или неисполнување на законски утврдените услови врз основа на кои кандидатот се стекнува со право да врши адвокатска дејност, но со Статутот не може да се утврдуваат нови услови кои не се предвидени со закон, ниту да се бараат податоци кои граѓаните според закон не се должни да ги доставуваат.

а) Во однос на оспорената алинеја 7 од членот 66 став 2 од Статутот, според која кон барањето за прием во адвокати треба да се достави доказ дека лицето не е во работен однос, Судот оцени дека со Статутот е пропишана обврска која не произлегува од условите за прием во адвокати утврдени во наведените одредби од Законот за адвокатура и Законот за државните службеници. Имено, со закон не е регулирано дека исклучиво лица кои не се во работен однос можат да бараат прием во адвокати и дека достапноста за вршење на адвокатската дејност во постапката за прием на адвокати е резервирана само за невработени лица. Со одредбите од Законот за адвокатура од кои произлегува дека вршењето на адвокатската дејност е неспоива со вршењето на друга дејност, е законска обврска за лицата кои веќе се адвокати, меѓутоа тоа не претставува основа за утврдување на услов со оспорената алинеја од наведениот член од Статутот дека во самата постапка кон барањето за прием во адвокати треба да се достави доказ дека лицето не е во работен однос.

Оттука, според Судот основано може да се постави прашањето за несогласност на алинејата 7 од членот 66 став 2 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, со одредбите од членот 32 од Уставот на Република Македонија.

б) Поаѓајќи од наводите во иницијативата со кои се оспорува алинејата 8 од наведениот член од Статутот, според која кон барањето за прием лицето треба да достави доказ дека не му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење на професија или дејност, Судот во анализата на оспорената статутарна одредба покрај изнесените уставни и законски норми ги имаше предвид и одредбите од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003 и 19/2004).

Согласно членот 62 став 3 од овој законик, со одлуката за изрекување на мерките на безбедност, судот може да одреди привремена забрана на вршење професија, дејност или должност, или забрана на управување со моторно возило, кои траат додека трае примената на мерките. Одлуката на судот се доставува до надлежниот орган или правното лице во кое сторителот е вработен, до регистарскиот суд или до органот кој е надлежен за вршење на надзор над спроведувањето на забраната на управување со моторно возило.

Според членот 106 став 4 од Кривичниот законик, податоците од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат на државните органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани или ако постои оправдан интерес заснован врз закон. Со одредбата од ставот 5 на овој член е утврдено дека никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.

Врз основа на изнесените законски одредби произлегува дека и во однос на кривичната санкција што се состои од привремена забрана за вршење на одредена професија, дејност или должност, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност, имајќи предвид дека според членот 62 став 3 од Кривичниот законик, одлуката со која е изречена наведената санција од страна на судот е предвидено да се доставува до надлежните органи и правни лица.

Со оглед на тоа, според Судот основано може да се постави прашањето за несогласност на оспорената алинеја 8 од членот 66 став 2 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија со членот 106 став 5 од Кривичниот законик.

в) Во однос на статутарната одредба во оспорената алинеја 9 од наведениот член од Статутот, според која кон барањето за прием во адвокати е потребно лицето да достави мислење од работодавецот и од основната адвокатска заедница, Судот оцени дека предвидената обврска е дирекно уредена со Статутот бидејќи, од Законот за адвокатурата и од Законот за државните службеници со кои се регулирани условите за прием во адвокати, таква обврска не произлегува и таков услов конкретно не е предвиден.

Со оглед на тоа што не постои законски основ за доказот предвиден во алинејата 9 од наведената одредба од Статутот, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за нејзината законитост.

г) Во текот на анализата на оспорените одредби од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија Судот и покрај тоа што не е оспорена со иницијативата, исто така го постави прашањето за уставноста на одредбата во алинејата 6 од членот 66 став 2 од Статутот. Имено, со оваа одредба од Статутот е предвидено лицето кон барањето за прием во адвокати да приложи “уверение дека не се води кривична постапка”.

Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со оглед на изнесеното произлегува дека со одредбата во алинеја 6 од наведениот член од Статутот, со која се бара за прием во адвокати лицата да доставуваат уверенија дека против нив не се водат кривични постапки, се врши ограничување на правата на граѓаните и повреда на презумцијата на невиност што не е допуштено според определбите во Уставот.

8. Врз основа на изнесената уставно судска анализа за одредбите од членот 66 став 2 алинеја 6, 7, 8 и 9 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Поаѓајќи од уставните и законските определби произлегува дека независниот и самостоен карактер на адвокатурата се уставна и законска основа за организирање на адвокатите во адвокатска комора и за автономно донесување на актите за работа на Адвокатската комора на Република Македонија.

Со оглед на тоа што со Статутот како акт кој автономно се донесува од Адвокатската комора се уредува работењето во врска со запишувањето и бришењето од Именикот на адвокатите на што упатува одредбата од членот 5 од Законот за адвокатурата, и во тие рамки со оспорената одредба од член 57 од Статутот се определени термини за прием во адвокати во месеците март, јуни, септември и декември во текот на годината, Судот оцени дека со тоа не се ограничува правото на работа и слободен избор на вработување утврдено во членот 32 од Уставот. Со оспорената одредба од Статутот не се ограничува достапноста на вршењето на адвокатската функција, туку врз основа на законското овластување се уредува определен ред и начин на работа за запишувањето во Именикот на адвокатите, кој важи подеднакво за сите кои ги исполнуваат законските услови за вршење на адвокатската дејност.

Во оценката на наводот во иницијативата дека решавањето во определени термини во годината по барањата за прием во адвокати од страна на надлежниот орган на Адвокатската комора, било во спротивност со определбите во членот 218 од Законот за општата управна постапка, според кои по барањата на граѓаните се решавало во рок од еден месец а само во посложени случаи во рок од два месеца, Судот смета дека не може да се постави прашањето за незаконитост. Ова поради тоа што Законот за општата управна постапка има супсидијарна примена која се однесува за управни области доколку со други закони поинаку не е уредено, а конкретно постапката за упис во Именикот на адвокати е уредена со Законот за адвокатура врз основа на кој е дадено овластување на Адвокатската комора со Статутот да го определи работењето и операционализацијата во врска со запишувањето и бришењето од Именикот на адвокатите.

Врз основа на изнесеното за оспорената одредба од членот 57 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

10. Со предметната иницијатива пред овој Суд се оспорува согласноста на Одлуката на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија за утврдување на висината на коморскиот уписен влог (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/2003) по однос на членот 32 од Уставот на Република Македонија и се покренуваат исти прашања кои биле предмет на оцена пред Судот кој со решение У.бр.109/2003 од 22 октомври 2003 година ги отфрлил иницијативите на други лица за оценка на уставноста на оспорената одлука, бидејќи утврдил дека оспорениот акт нема карактер на пропис.

Согласно членот 28 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето и ако за истата работа веќе одлучувал а не постојат основи за поинакво одлучување.

Имајќи предвид дека оспорената Одлука не е пропис и веќе била предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија, а не постојат основи за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 3 од ова решение.

11. Конечно, Судот оцени дека не се исполнети условите согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд за запирање на извршувањето на поединечните акти донесени врз основа на оспорените одредби од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија до донесувањето на конечната одлука.

12. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.32/2004
23 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова