Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 23 јуни 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9 став 1 точка 3 во делот “и други објекти од јавен интерес” од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/1998 и 31/2000),
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 9 став 1 точка 1 во делот “и други објекти од комунална инфраструктура” од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/1998 и 31/2000).
3. Снежана Андреевска, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата и дополнувањето на иницијативата со примена на оспорените одредби од Законот граѓаните биле ставени во нерамноправна положба од причини што на органот за денационализација му се давало дискреционо право сам да го толкува пошироко значењето на терминот “и други објекти од комунална инфраструктура” и “и други објекти од јавен интерес”, па со примена на ова правило подносителите на барањата ги одбива и не им го враќа имотот иако тој на лице место постоел и претставувал “градежно неизградено земјиште” за кое согласно ставот 3 на истиот член од законот според урбанистичкиот план било предвидена изградба на објекти од точките 1 и 2 на овој член. Со тоа, се наведува понатаму во иницијативата, органот за денационализација имал дискреционо право да одлучува кои се “и други објекти од комунална инфраструктура”, а кои се “објекти од јавен интерес” без да има законска основа, што било апсолутно недопуштено.
Со оспорените одредби од Законот се наведува понатаму во иницијативата, се кршел принципот на еднаквост на граѓаните и се посочува и примерот кога на граѓани на кои што сега во јавен интерес им се одзема сопственоста и им се дава надомест по пазарна вредност при реализација на урбанистичкиот план, а на граѓани на кои во постапка за денационализација поради постоење на јавен интерес имотот не им се враќал, туку им се давал надомест со обврзници, при што тој надомест не бил еднаков на пазарната вредност како во првиот случај, поради што подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да ги поништи: член 9 став 1 точка 1 во делот “и на други објекти на комунална инфраструктура” и став 1 точка 3 на член 9 од Законот за денационализација во делот “и други објекти од јавен интерес”, затоа што биле во спротивност со членот 9 и членот 30 од Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека според член 9 став 1 точка 1 од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/1998 и 31/2000) е определено дека не се враќа во сопственост поради постоење на јавен интерес а се дава надомест за 1. имот кој по одземањето според закон станал добро во општа употреба, и тоа јавни плоштади, улици, сообраќајници, паркови, јавно – сообраќајни површини и други објекти на комунална инфраструктура, а според точката 3 од истиот член од Законот е утврдено дека неизградено градежно земјиште на кое според урбанистичкиот план е предвидена изградба на објекти од точките 1 и 2 на овој член и на други објекти од јавен интерес.
5. Согласно член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 30 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на сопственост и правото на наследување; сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата; никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон; во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопстеноста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Со членот 1 од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/1998 и 31/2000) се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање надомест за имот одземен во корист на државата (во натамошниот текст: денационализација).
Според член 1-а од Законот се враќа имот, односно се дава надомест за имот на физички лица и на верски храмови, манастири и вакафи одземени по 2 август 1944 година:
1) врз основа на прописите со кои е вршено општо одземање и ограничување на сопственоста;
2) врз основа на прописите за одземање на имот заради остварување на општокорисни цели, како и имот експроприран заради остварување на општо корисни цели, односно општ интерес ако не се исполнети условите за враќање на имотот според одредбите за експрорпијација и
3) без правна основа.
Согласно член 3 став 1 од Законот предмет на денационализација е и имотот што државата го презела како голем имот, односно како вишок на имот за предавање на управување согласно со членот 6 ставотите 1 и 2 од Законот за постапување со имот кој што сопствениците морале да го напуштат во текот на окупацијата и имотот кој им е одземен од страна на окупаторот и неговите помагачи (“Службен лист на ФНРЈ” бр.36/1945), односно членовите 3, 5, 10 и 11 од Законот за потврда и измени на Законот за постапување со имот кој што сопствениците морале да го напуштат во текот на окупацијата и имотот кој им е одземен од страна на окупаторот и неговите помагачи (“Службен лист на ФНРЈ” бр.64/1946).
Согласно ставот 2 на член 3 од Законот предмет на денационализација е и имотот отстапен со изјава на волја дадена под закана и присилба и тоа за земјиште до денот на влегувањето во сила на прописите за аграрна реформа и колонизација, за стопанските објекти до денот на влегувањето во сила на прописите за национализација на приватните стопански претпријатија и за згради и делови од згради до денот на влегувањето во сила на прописите за национализација на наемните згради и градежното земјиште.
Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Понатаму, Судот утврди дека оспорената одредба од член 9 став 1 точка 1 во делот “и други објекти од комунална инфраструктура” од Законот за денационализација била предмет на оценување од страна на Уставниот суд на Република Македонија, кој со решение У.бр.120/1998 од 24 декември 1998 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста на одредбата. Притоа, Судот оценил дека законодавецот не се впуштил во определување на терминот “и други објекти на комунална инфраструктура” со оглед на тоа што во членовите 3 и 8 од Законот за комунални дејности се наброени објектите на комунална инфраструктура и таксативно се наброени комуналните дејности и со оваа оспорена одредба не се повредува гаранцијата на правото на сопственост надвор од уставно утврдените рамки, поради што не го постави прашањето за согласноста на член 9 став 1 во делот “и други објекти од комунална инфраструктура” од Законот со член 30 од Уставот на Република Македонија.
6. По однос на наводите во иницијативата дека и со оспорената точка 3 на членот 9 од Законот за денационализација во однос на формулацијата “и други објекти од јавен интерес”, на органот за денационализација му е дадено огромно дискреционо право да одлучува кои се тие објекти од јавен интерес, Судот исто така утврди дека законодавецот не се впуштил во определување на терминот “и други објекти од јавен интерес” бидејќи јавниот интерес е утврден со Законот за експропријација.
Имено, согласно член 2 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/1995 и 20/1998) јавен интерес утврден со овој закон е уредувањето, рационалното користење и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредување на животната средина и на природата со изградба на објекти и изведување на работи предвидени со актите за планирање на просторот и тоа:
– изградба на железнички пруги, патишта, мостови, аеродроми и придружни објекти и постројки;
– изградба на централи за производство на електрична енергија, објекти, постројки и водови што се наменети за пренос и дистрибуција на таа енергија;
– изградба на објекти и постројки за поштенски, телефонски и телеграфски сообраќај, постројки за радио и телевизиски врски и информациони системи;
– изградба на објекти за одбраната и цивилната заштита;
– изградба на гранични премини;
– изградба на објекти и постројки за истражување и експлоатација на рудни и други природни богатства;
– изградба на водостопански објекти и постројки;
– изградба на улици, плоштади, паркинг плацеви, паркови и скверови;
– изградба на депонии, пречистителни станици и други објекти за заштита на природата и животната средина;
– изградба на гасоводи, нафтоводи и други водови;
– изградба на водовод, канализација, топлификација, гробишта и други комунални објекти;
– изградба на објекти за образованието, воспитанието, науката, културата, здравството, социјалната заштита и спортот кога дејноста се врши како јавна служба и
– изградба на населби при големи природни непогоди (земјотреси, поплави, пожари и лизгање на земјиште) и преселување на населби (потопување, еколошки причини и изградба на комплексни објекти).
Јавен интерес за изградба на објекти и за изведување на други работи може да се утврди и со друг закон.
Во ставот 3 од членот 30 од Уставот на Република Македонија е определено дека јавниот интерес се утврдува со закон.
Ова е од особена важност за обезбедување на сигурноста на сопственоста од можно широко поставување на рамки на одземањето или ограничувањето на сопственоста.
Судот, исто така, оцени дека утврдувањето на јавниот интерес предвиден во член 30 од Уставот, се разработува со одредбите од членот 2 од Законот за експропријација, врз основа на член 8 од Уставот, според кој една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и уредувањето и хуманизација на простоот и заштита и унапредување на животната средина и на природата, а оваа темелна вредност на уставниот поредок се обезбедува во основа со планирањето на просторот и изградба на објекти и изведување на работи на така планираниот простор.
Тргнувајќи од изнесеното произлегува дека во ставот 1 на овој член од Законот таксативно се наброени објектите односно работите од јавен интерес. Секое таксативно набројување крие во себе можност да биде испуштен некој значаен објект или работа, па во ставот 2 од истиот член е предвидено дека јавниот интерес може да се утврди и со посебен закон.
Оттука, органите за денационализација не можат да го прошират списокот на објекти од јавен интерес како што се наведува во иницијативата, туку при такво одлучување мораат да се движат во рамките на законот со кој е утврден јавниот интерес.
Од изнесеното произлегува дека јавниот интерес не се утврдува со Законот за денационализација, туку се упатува на веќе утврден јавен интерес со Законот за експропријација и со други закони.
Друго е прашањето, како што се наведува и во мислењето на министерството за финансии дали во примената на овие одредби во имплементација на Законот за денационализација постојат одредени недоследности, при што странките во постапката за денационализација можат да ги штитат своите имотни права и интереси со примена на сите правни средства предвидени со Законот, но тоа не дава основа за прифаќање на тврдењето дека оспорената одредба дава простор за дискрециона примена и дека е спротивна на Уставот.
Според Судот, не може да се прифати делот од иницијативата за повреда на принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот со образложение дека доколку имотот кој се враќа постои, а не е реализирана целта за која е одземен, бидејќи голем број на учесници во постапката за денационализација се ставаат во поинаква положба со другите носители на правото на сопственост во остварување на нивните права во идна постапка за експропријација. Ова поради тоа што предвидената намена на земјиштето за реализација на јавен интерес утврден со закон и испланиран со урбанистичкиот план, во денационализацијата претставува само законска пречка за враќање на земјиштето во сопственост на поранешниот сопственик од кој во поранешен период му било одземено со присилни прописи, но токму поради тоа со Законот за денационализација се дозволува правото на надомест во вакви случаи. Значи, овој имот и покрај тоа што постои не се враќа заради наведениот јавен интерес, што не може да се поистовети со други случаи како што се наведува во иницијативата. Имено, со Законот само се предвидува опцијата на надоместување во денационализација кај предметните имоти каде постои утврден јавен интерес, а сепак тие имоти се предмет на денационализација.
7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.21/2004
23 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова