Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 јуни 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на членовите: 97 и 110 од Статутот на општина Кисела Вода – Скопје (“Службен гласник на Град Скопје бр.13/2002).
2. Заедницата на месни заедници од подрачјето на општина Кисела Вода-Скопје, застапувана преку адвокат Дафинка Ивановска од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одредбите од Статутот на општина Кисела Вода – Скопје, означени во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата врз основа на содржината на членот 86 од Законот за локалната самоуправа смета дека првооспорената одредба од Статутот и давала овластување на општинската администрација да врши незаконска контрола над работата на обликот на месна самоуправа. Според подносителот на иницијативата, споменатата законска одредба давала можност за надзор од страна на градоначалникот само по однос на делегираните работи и пренесените средства, а со статутарната одредба се овозможувала целосна контрола над работата на обликот на месната самоуправа. Понатаму, одредбите од Законот не давале можност Советот на општината со Статут да ја определи општинската администрација како субјект на надзор над трошењето на средства во месната самоуправа, бидејќи градоначалникот со решение за делегирање на надлежностите го определувал субјектот на надзор.
Оттаму, според подносителот на иницијативата членот 97 став 2 бил спротивен на членот 96 од Статутот на општината Кисела Вода, како и на членот 86 од Законот за локалната самоуправа.
Несогласноста на оспорениот член 110 од Статутот со членот 103 од Законот за локалната самоуправа, подносителот на иницијативата ја согледува во фактот што статутарната одредба давала можност за продолжување со работа до наредните локални избори, само за месните заедници, но не и за нивните органи. Ова од причина што за разлика од законската одредба, статутарната одредба пропуштила да ги внесе зборовите: „односно нивните органи“.
Оттаму, незаконското преточување на одредбата можело да доведе до правен хаос во месната самоуправа и до меѓувремено нелегитимно спроведување на избори на органите на локалната самоуправа.
Со иницијативата се предлага Судот да ги укине оспорените одредби.
3. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 97 став 1 од Статутот на општина Кисела Вода, општинската администрација ги врши стручните, административно-техничките и сметководствено-финансиските работи на органот на обликот на месната самоуправа.
Според содржината на ставот 2 на член 97 од Статутот, контрола врз трошењето на средствата што ќе бидат пренесени за извршување на делегираните надлежности врши општинската администрација.
Според содржината на член 110 од Статутот постојните месни заедници продолжуваат со работа со истите надлежности, права и обврски до наредните избори.
4. Согласно член 31 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр. 5/2002), органи на општината се: советот и градоначалникот.
Според член 50 став 1 алинеја 13 и 16 од Законот, градоначалникот раководи со општинската администрација и врши други работи утврдени со закон и со статут.
Според член 57 став 1 од Законот, за извршување на работите од надлежност на органите на општината се организира општинска администрација.
Во членот 60 од Законот се определени обврските и работите што ги врши општинската администрација, со тоа што во ставот 8 од истата одредба е определено дека општинската администрација врши и други работи што ќе н ги определи советот и градоначалникот.
Според член 86 став 1 од Законот, градоначалникот може на претседателот на советот на урбаната, односно месната заедица да му делегира вршење на определени работи од непосреден интерес и секојдневно значење за животот и работата на жителите, на начин утврден со статут. Според ставот 2 од истата одредба со решението од ставот 1 на овој член се утврдуваат и средствата за вршење на работите од ставот 1 на овој член, како и начинот на вршење надзор над нивното извршување.
Во членот 96 став 1 од Статутот е предвидено дека градоначалникот на општината со решение може да делегира вршење на определена работа од непосреден интерес и секојдневно значење за животот и работата на жителите, на претседателот на Советот на обликот на месната самоуправа. Според став 2 од истата одредба, средствата потребни за извршување на работите од ставот 1 на овој член се утврдуваат во решението за делегирање на надлежноста, а според ставот 3 со решението се определува органот и начинот на вршење на надзор над извршувањето на работите од ставот 1 на овој член.
Тргнувајќи од содржината на оспорениот член 97 став 1 од Статутот произлегува дека општинската администрација врши стручни, административно – технички и сметководствено-финансиски работи на органот на обликот на месната самоуправа. Притоа, вршењето на наведените работи, според Судот, не може да се прифати како целосна контрола над работењето на органот на обликот на месната самоуправа, како што тврди подносителот на иницијативата, бидејќи ставот 2 од истата одредба ја лоцирал и ја ограничил контролата врз трошењето на средствата само по однос на оние средства што ќе бидат пренесени за извршување на делегираните надлежности.
Врз основа на содржината на цитираните одредби од Законот произлегува дека општинската администрација е служба што врши работи како за Советот на општината, така и за градоначалникот. Оттука, не може да се прифати како основан наводот од иницијативата дека Советот на општината со оспорената одредба од Статутот ја определил општинската администрација како субјектот на надзор врз трошењето на средствата во месната самоуправа, со што се оневозможувал градоначалникот да го определи субјектот на надзорот. Впрочем, самиот подносител на иницијативата упатува на членот 96 од Статутот во кој е определено дека градоначалникот на општината со решението за делегирање на надлежноста го определува органот и начинот на вршење на надзор.
Со оглед на тоа што финансиската контролата и надзорот врз работата на месната самоуправа со оспорената одредба се ограничени само по однос на делегираните надлежности и средствата обезбедени за извршување на тие надлежности, не се задира во самостојноста на месната самоуправа, па оттука становиштето на Судот изразено во постапката по предметот У.бр.180/1996, на кој се упатува со иницијативата, во конкретниот случај не може да најде примена.
Што се однесува до наводот на подносителот на иницијативата за несогласност на оспорената одредба со членот 96 од Статутот на општината Кисела Вода, согласно член 110 до Уставот на Република Македонија, Уставниот суд не е надлежен да ја цени меѓусебната согласност на одредбите од ист пропис.
Врз основа на изнесеното произлегува дека оспорениот член 97 од Статутот не отстапува од законското решение содржано во членот 86 од Законот за локалната самоуправа, поради што не може да се постави прашањето за неговата законитост.
5. Согласно член 103 од Законот за локалната самоуправа постојните месни заедници односно нивните органи продолжуваат со работа со истите надлежности, права и обврски до наредните избори.
Во второоспорениот член 110 од Статутот евидентно е отсуството на формулацијата “односно нивните органи” за разлика од членот 103 од Законот каде ваквата формулација постои во целината на одредбата. Меѓутоа, овој факт според Судот не е од такво влијание за да ја доведе под сомнение согласноста на оспорената одредба по однос на законската одредба.
Ова од причини што постојните месни заедници своето функционирање го остваруваат преку своите органи, без оглед дали тие органи се внесени во сега оспорената статутарна одредба и без оглед на моменталната состојба во општината Кисела Вода. Од друга страна, според становиштето на Судот изразено во предметот У.бр.89/1994, за остварувањ е на правото на граѓаните на месна самоуправа не е услов донесувањето на закон со кој би се уредиле облиците и начините на неговото остварување. Тоа значи дека граѓаните во општината се слободни, во рамките на утврдените права од локално значење и без чекање на решенија утврдени со закон или со акти на општината, да ги основаат и да ги остваруваат облиците на месна самоуправа. Граѓаните во месните заедници имаат право, непосредно врз основа на Уставот да организираат и спроведат избори за советите на месните заедници како еден од можните облици на остварување на месната самоуправа, а општината нема право непосредно врз основа на Уставот да ги ограничува граѓаните во основањето и остварувањето на облиците на месна самоуправа.
Оттука, оспорениот член 110 од Стаутот не би можел да се проблематизира по однос на неговата согласност со членот 103 од Законот за локалната самопурава.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.159/2003
16 јуни 2004 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова