Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 јуни 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 160 став 3 во делот “но ако во седиштето на судот нема доволно адвокати, за полномошник може да се назначи и друго лице со правна подготовка, способно да ја даде потребната правна помош”, од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/1998 и 44/2002).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот за парничната постапка означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената законска одредба била спротивна на членот 8 став 1 алинеја 3, членот 51, членот 53 и членот 98 став 2 од Уставот на Република Македонија, затоа што со неа се предвидувала можност правна помош да пружаат и лица кои не се адвокати и покрај тоа што уставната позиција на адвокатурата како специјална јавна служба е исклучиво таа да ја обезбедува правната помош. Врз основа на оспорената одредба, судот се доведувал во ситуација при назначувањето за полномошник на лице кое не е адвокат, да ја согледува и оценува неговата стручна оспособеност а воедно и да утврдува дали има доволно адвокати во седиштето на судот, со што сериозно се загрозувала положбата на адвокатите.
3. Судот на седницата утврди дека согласно одредбите од членот 160 од Законот за парничната постапка, кога странката наполно е ослободена од плаќање на трошоците на постапката (член 158 став 2), првостепениот суд на нејзино барање ќе определи да ја застапува полномошник, ако тоа е нужно заради заштита на правата на странката.
Странката на која и е назначен полномошник се ослободува од плаќање на фактичните издатоци и наградата на назначениот полномошник.
За полномошник се назначува адвокат, но ако во седиштето на судот нема доволно адвокати, за полномошник може да се назначи и друго лице со правна подготовка, способно да ја даде потребната правна помош.
Полномошникот од редот на адвокатите го назначува претседателот на судот, а ако понискиот суд од прв степен се наоѓа во седиштето на повисокиот суд од прв степен, полномошникот го определува претседателот на повисокиот суд од прв степен.
Назначениот полномошник може од оправдани причини да бара да биде разрешен. За тоа одлучува надвор од главната расправа претседателот на советот, а на расправата советот. Против одлуката на судот со која се разрешува полномошникот не е дозволена жалба.
Против решението на судот со кое се усвојува барањето на странката за назначување на полномошникот не е дозволена жалба.
4. Според членот 8 став 1 алинеја 1 и 3 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и принципот на владеењето на правото.
Во делот од одредбите од Уставот кои се однесуваат на гаранциите на основните слободи и права, со членот 53 е утврдено дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Согласно наведените уставни одредби, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот не само што се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, туку за нивното остварување и заштита во Уставот се утврдени и гаранции, меѓу кои адвокатурата е дефинирана како јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Уставната определба според која адвокатурата обезбедува правна помош во согласност со закон значи уставно овластување на законодавецот со закон да утврди под кои услови и во кои случаи адвокатите ја обезбедуваат правната помош, а истовремено да утврдува во кои случаи и под кои услови правната помош може да ја обезбедуваат и други лица, со оглед на тоа што со Уставот не е утврдено исклучиво право на адвокатурата да обезбедува правна помош на странките во постапките пред судовите и другите државни органи.
Врз основа на изнесеното, законодавецот со Законот за парничната постапка, во делот на одредбите кои се однесуваат на трошоците на постапката, со одредбите од членот 160 го уредил прашањето за начинот и условите за назначување на полномошник на странката која е наполно ослободена од плаќање на трошоците на постапката и кога Судот ќе оцени дека тоа е нужно заради заштита на правата на странката. Во врска со тоа, во ставот 3, кој во дел се оспорува со поднесената иницијатива, е содржана законската определба според која судот заради заштита на интересите на странката, по нејзино барање, може да определи во постапката да ја застапува полномошник кој е адвокат, а само доколку во седиштето на судот нема доволно адвокати, како полномошник може да назначи и друго лице кое има правна подготовка и е способно да ја даде потребната правна помош.
Имајќи ги предвид наведените уставни определби и содржината на законската одредба која во дел се оспорува, Судот утврди дека не се повредува уставно утврдената положба на адвокатурата со тоа што со одредбата од законот е регулирано и друго лице кое не е адвокат да може да биде под определени услови назначено за полномошник на странката, заради давање на соодветна правна помош во постапката.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.48/2004
16 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова