187/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 јуни 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Известувањето број 11-4720/2 од 13 август 2003 година донесено од Министерството за образование и наука.

2. Вработените во настава во Државното средно училиште, Гимназија “Мирче Ацев” од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспореното Известување се вршела распределба на часовите во државните средни училишта и бил определен неделен фонд од 20 до 22 наставни часа поради што со нееднаквиот број на часовите наставниците биле доведени во нерамноправна положба.

Во иницијативата не се наведени причини за оспорување на уставноста на оспореното Известување, меѓутоа се наведува дека тоа е во несогласност со одредби од Законот за средното образование и Законот за работни односи со оглед на тоа што работното време од 40 часа во една работна недела за наставниците во јавните училишта, требало да биде распоредено со нормативи донесени од министерот за образование и наука кои се уште не биле донесени.

3. Судот на седницата утврди дека Министерството за образование и наука, со писмо -Известување број 11-4720/1 од 13 август 2003 година упатено до подрачните претставници (единици) на Министерството, известило дека при распределба на наставните часови на наставниот кадар во државните средни училишта фондот на наставните часови треба да изнесува помеѓу 20 и 22 часа и ова известување е потребно да се достави до сите државни средни училишта.

4. Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Оспореното Известување бр.11-4720/1 од 13 август 2003 година на Министерството за образование и наука се однесува на службените лица вработени во подрачните единици на Министерството и упатува преку нив да се достави до сите државни средни училишта. Со Известувањето се дава работна насока за неделниот фонд од 20 до 22 часа на наставниот кадар во државните средни училишта само за наставните часови (кои се однесуваат на теорија), при што не се опфатени бројот на часовите по практична настава и по вежби, во рамките на законски определеното работно време во неделата кое изнесува 40 часа.

Оттука, според Судот оспореното Известување претставува интерен акт на Министерството за образование и наука, кој се однесува на службените лица во работните единици на овој управен орган и на вработените во наставниот кадар на државните средни училишта, и не утврдува права и обврски од работен однос, поради што Известувањето нема карактер на пропис и не е подобно за уставно судска оценка.

Поаѓајќи од оценката дека оспорениот акт нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, а согласно членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, според кој Судот ќе ја отфрли иницијативата ако утврди дека не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата, Судот утврди дека во случајов се исполнети процесните претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на погоре изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.187/2003
16 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова