У.бр.64/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 јуни 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

а) уставноста на членот 213 став 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2002, 98/2002, 25/2003 и 71/2003) во делот “условите за стекнување на воено подобранско звање” и

б) уставноста и законитоста на Правилникот за условите за стекнување на воено подобранско звање, вршењето на падобранската служба, падобранската облека и опрема и обликот и содржината на падобранската книшка (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/2004), во делот од насловот на Правилникот “условите за стекнување на воено падобранско звање”, член 1 во делот: “условите за стекнување на воено падобранско звање”, Главата 2. “УСЛОВИ ЗА СТЕКНУВАЊЕ НА ВОЕНО ПАДОБРАНСКО ЗВАЊЕ и на членовите 2 и 7 од овој правилник.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен под а) во точката 1 од ова решение и уставноста и законитоста на правилникот означен под б) во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата условите за стекнување на военопадобранско звање не можеле да се пропишуваат со подзаконски прописи ниту министерот за одбрана бил овластен да ги пропишува овие услови.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 213 став 1 од Законот поблиски прописи за условите за стекнување на воено падобранско звање, вршењето на падобранската служба, падобранската облека и опрема, како и обликот и содржината на падобранската книшка, донесува министерот за одбрана.
Судот, исто така, утврди дека членот 1 од Правилникот предвидува условите за стекнување на воздухопловно-техничко звање, вршењето на воздухопловно-техничката служба, облеката и опремата на воздухопловно-техничкиот персонал и обликот и содржината на воената дозвола за работа на воен воздухоплов да се пропишуваат со овој правилник.

Согласно членот 2 од Правилникот звање воено воздухопловен помошник механичар, стекнува професионален војник доколку ги исполнува следните услови: да има завршено средно образование (четири годишно) машинска или електротехничка насока; да има завршено стручно оспособување и усовршување за една од специјалностите од член 29 на овој правилник (1. АМС – авион, мотор и системи; 2. ИРЕ – инструменти, радиорадарска и електро опрема и 3. ВОВ – воздухопловно одржување) и да има најмалку шест месеци работно искуство на работи на одржување, обнова и подготовка на воени воздухоплови.

Согласно членот 7 од Правилникот звање воздухопловен инженер за техничка подготовка, стекнува воен старешина доколку ги исполнува следните услови: да има завршено високо образование, Машински или Електротехнички факултет, Воена академија или завршена Воена воздухопловна – техничка академија; да има завршено стручно оспособување и усовршување за една од специјалностите од член 29 на овој правилник и да има најмалку шест месеци работно искуство на работи на одржување, обнова и подготовка на воени воздухоплови.

4. а) Согласно член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Макеоднија е поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Во членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002) е предвидено дека министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Во членот 56 став 1 од овој закон е предвидено дека со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека во Република Македонија постои поделба на законодавна, извршна и судска власт чии носители се: Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија и судовите.

Притоа Владата, како носител на извршната власт е задолжена за извршување на законите и другите прописи што ги донесува Собранието на Република Македонија. Во тој контекст соодветните министерства како органи на државната управа (член 95 од Уставот), односно министрите како нивни претставници, меѓу другото, донесуваат правилници во функција на извршување на законите и другите прописи.

Согласно член 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, под служба во Армијата се смета вршење на воени должности во неа.

Согласно членот 3 од овој закон, служба во Армијата вршат воени и цивилни лица. Според ставот 2 на овој член од Законот воени лица во смисла на овој закон се: воени старешини, офицери и подофицери; професионални војници; војници на служење воен рок; питомци на Воената академија; лица на стручно оспособување и усовршување и подофицери и воени обврзници во резервниот состав на Армијата додека се повикани да извршуваат права и должности од областа на одбраната во врска со извршувањето на воената обврска.

Во членот 197 од Законот кој спаѓа во главата Воени летачи, воздухопловно-технички персонал, падобранци и нуркачи, е предвидено дека воени летачи, воздухопловно-технички персонал, воени падобранци и воени нуркачи се воени лица кои имаат едно од звањата утврдени со овој закон.

Во тој контекст, членот 199 од Законот предвидува дека военото летачко звање означува стручна оспособеност на членот на екипажот за извршување на определени должности во воениот воздухоплов во текот на летот.

Согласно членот 204 од Законот поблиски прописи за условите за стекнување на воено летачко звање, условите за распоредување во категорија на стручна и борбена оспособеност, вршењето на летачката служба според препораките и стандардите на НАТО и Меѓународната цивилна воздухопловна организација, донесува министерот за одбрана.

Исто така, согласно членот 209 став 2 од Законот поблиски прописи за условите за стекнување на воздухопловно-техничко звање, вршењето на воздухопловната служба и сл. донесува министерот за одбрана.

Членот 210 од Законот предвидува дека воени падобранци се воени старешини, професионални војници и војници кои имаат едно од воено – падобранските звања утврдени со овој закон, а оспорениот став 2 на член 213 предвидува поблиски прописи за условите за стекнување на воено падобранско звање, вршењето на падобранската служба, падобранската облека и опрема, како и обликот и содржината на падобранската книшка, да донесува министерот за одбрана.

Од наведените законски одредби произлегува заклучок дека лицата што вршат падобранска служба во Армијата на Република Македонија се лица во служба во Армијата на Република Македонија односно се во редовен работен однос во Министерството за одбрана; дека условите за нивниот прием во Армијата на Република Македонија се определени со истоимениот закон а дека воено падобранските звања како такви се предвидени во Законот (ученик падобранец, падобранец, падобранец инструктор и наставник по падобранство). Притоа, Законот упатува министерот за одбрана со правилник да ги определи условите за стекнување на едно од законски веќе предвидените звања, а според Судот таквиот пропис министерот го донесува во функција на операционализација на Законот.

Од тие причини Судот смета дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на ставот 2 на членот 213 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, кој упатува поблиски прописи за исполнување на условите за стекнување на воено падобранско звање да донесува министерот за одбрана.
б) Што се однесува до оспорениот Правилник со кој се утврдуваат условите за стекнување звања во падобранската служба (воздухопловен техничар, воздухопловен помошник механичар, воздухопловен инженер), имајќи го предвид изнесеното Судот смета дека основот за неговото донесување е содржан во членот 213 став 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, кој е согласен со Уставот, односно дека министерот со овој правилник всушност ги доразработил одредбите од Законот за служба во Армијата на Република Македонија што се однесуваат на воените летачи, воздухопловно технички персонал, падобранци и нуркачи.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не стојат наводите во иницијативата според кои министерот со предвидувањето на условите за стекнување на едно од веќе предвидените звања во Законот, донел пропис со дејство ерга омнес.

Напротив, овие услови важат само за вработените лица во Министерството за одбрана кои засновале редовен работен однос според условите предвидени во овој закон.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.64/2004
16 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова