206/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 јуни 2004 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 423 од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003 и 19/2004).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по сопствена иницијатива со Решение У.бр.206/2003 од 15 април 2004 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 423 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 423 од Кривичниот законик е предвидено министерот за правда да донесе упатство за постапување на судовите за водење на казнената евиденција во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој законик. Со одредбата од членот 233 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/2004), по членот 423 е додаден нов член 423-а, според кој со Судскиот деловник се уредува постапувањето на судовите за водење на казнената евиденција согласно со членот 106 од Кривичниот законик, во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Уставот на Република Македонија во членот 98 став 1 и 2 утврдил дека судската власт ја вршат судовите кои се самостојни и независни и судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Според одредбите од став 3, 4 и 5 од оваа уставна норма, организацијата на судството е единствена, забранети се вонредните судови, а видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.

Врз основа на оваа уставна одредба е донесен Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/1995, 45/1995 и 64/2003), кој посебно ги уредил прашањата на правосудната и судската управа во единствениот судски систем. Според одредбите на овој закон работите на правосудната управа ги врши министерството за правда во соработка со претседателот на соодветниот суд.

Според членот 78 од овој закон, министерот за правда донесува Судски деловник, по претходно мислење на Врховниот суд на Република Македонија.

Судот, исто така, утврди дека со одредбите од општиот дел од Кривичниот законик е уредено прашањето на казнената евиденција. Според членот 106 став 1 казнената евиденција ја води првостепениот суд надлежен според местото на раѓање на осудениот. Според ставот 2 на истиот член, за лицата родени во странство или за оние чие место на раѓање е непознато како и за правните лица казнената евиденција ја води судот определен со закон.

Со одредбите од ставот 3 и 4 од овој член од Кривичниот законик е пропишан ограничен круг на овластени субјекти на кои можат да им се направат достапни податоците од казнената евиденција. Имено, овие податоци можат да му се дадат на судот и на јавното обвинителство во врска со кривичната постапка што се води против порано осудениот и на надлежните органи што учествуваат во постапката за давање амнестија и помилување. Податоците од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат на државните органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.

Согласно ставот 5 на овој член, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност, а според ставот 6 на граѓаните по нивно барање, може да им се дадат податоци за нивната осудуваност или неосудуваност само ако овие податоци им се потребни заради остварувањето на нивните права во странство.

6. Од изнесените уставни и законски определби Судот оцени дека Кривичниот законик со одредбата од членот 423 предвидел министерот за правда со упатство да го уредува прашањето за постапување на судовите за водење на казнената евиденција, меѓутоа со новата одредба од членот 423-а од измените и дополнувањата на овој законик, е предвидено ова прашање да биде предмет на уредување во Судскиот деловник, кој министерот за правда го донесува по претходно мислење на Врховниот суд на Република Македонија.

Поаѓајќи од тоа дека со новото законско решение се поместува уредувањето на прашањето за постапување на судовите за водење на казнената евиденција во Судскиот деловник, за кој во постапката на донесување е вклучено и мислење на Врховниот суд на Република Македонија со што се афирмираат елементите определени со Уставот кои се однесуваат на судството, законското решение во оспорената одредба од членот 423 не ги содржи овие елементи и третира прашање кое е уредено на поинаков начин со наведената одредба од членот 423-а од Кривичниот законик.

Од овие причини како и поради постоењето на различни законски решенија за исто прашање, што не обезбедува усогласен сооднос со уставното начело на владеење на правото предвидено во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, Судот утврди дека оспорената одредба од членот 423 од Кривичниот законик не е во согласност со Уставот.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.206/2003
9 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова