41/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 9 јуни 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 172 став 4 од Колективниот договор на Акционерското друштво за телекомуникации – Македонски телекомуникации – Скопје, склучен меѓу АД за телекомуникации Македонски телекомуникации и Синдикалната организација на Македонски телекомуникации на 8 март 2002 година.

2. Дејан Кнезовиќ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата одредбата од член 172 став 4 од Колективниот договор била несогласна со Уставот и со Законот затоа што предвидувала до склучување на нов колективен договор, да важат одредбите од овој договор.

Имено, тој смета дека оваа одредба од Колективниот договор била несогласна со членот 103 став 3 од Законот за работни односи од аспект на престанок на важење на колективниот договор, затоа што според оваа законска одредба важењето на колективниот договор склучен на неопределено време можел да престане со спогодба на учесниците на начин утврден со договор.

Според него, одредбата од член 172 став 4, исто така, била во колизија со општите принципи на правниот систем и слободата на договарањето ако се имало предвид дека согласно член 347 од Законот за облигационите односи, договорните односи на неопределено време можеле да бидат еднострано откажани со соодветен отказен рок, што можело по аналогија да се примени и на целината на договорното право, а со тоа и на колективното договарање.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 172 став 4 од Колективниот договор до склучувањето на нов колективен договор важат одредбите од овој договор.

4. Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закони и со колективни договори.

Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Судот одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Од наведените одредби од Уставот произлегува дека со колективните договори се уредуваат правата на вработените и нивната правна положба и дека овие колективни договори мораат да бидат во согласност со Уставот и законите.

Понатаму, согласно членот 84 од Законот за работни односи со колективен договор, во согласност со закон и со други прописи, се доуредуваат правата, обврските и одговорностите на работниците и на работодвецот од работен однос, како и обемот и начинот на остварување на правата и обврските и другите одредби за прашања од интерес за работниците и работодавецот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.

Согласно членот 85 од овој закон, колективниот договор се склучува во писмена форма на неопределено или на определено време.

Одредбата од членот 86 од Законот предвидува дека колективниот договор не може да содржи одредби со кои на работниците им се утврдуваат помали права или понеповолни услови за работа од правата и условите утврдени со закон, а ако содржи такви одредби се применуваат соодветните одредби од законот.

Согласно членот 89 од Законот на ниво на гранка колективен договор склучуваат надлежната организација на синдикатот и надлежната организација на работодавците определени
со статутот на организацијата на синдикатот и на организацијата на работодавците.

Во членот 95 став 1 од Законот е предвидено дека колективниот договор престанува да важи со истекот на времето за кое е склучен.

Ставот 3 на овој член од Законот предвидува дека важењето на колективниот договор склучен на неопределено време може да престане со спогодба на учесниците на начин утврден со договорот.

Од наведените одредби од Законот за работни односи произлегува дека: со колективните договори, во согласност со закон, се доуредуваат правата и должностите на работниците од работниот однос; колективните договори се склучуваат на неопределено и определено време; со колективниот договор не може на работниците да им се утврдуваат помали права од оние утврдени со Законот за работни односи и дека колективниот договор склучен на неопределено време може да престане со спогодба на учесниците при што Законот упатува начинот на престанување да се утврди во договорот.

Во конкретниов случај, оспорениот колективен договор е склучен на неопределено време со тоа што истиот го предвидува начинот на неговото престанување, односно предвидува можност учесниците да го откажат важењето на овој договор со тоа што откажувањето треба да се соопшти три месеци однапред.

Оспорената одредба, пак, од членот 172 став 4 од Колективниот договор спаѓа во главата на преодните и завршните одредби со кои, како што е познато се уредува преодниот режим на кој ќе се изврши преоѓањето од постоечките нови правни норми.

Од тие причини, Судот оцени дека одредбата од членот 172 став 4 од Колективниот договор со која се предвидува дека до склучувањето на нов колективен договор важат одредбите од овој договор е согласна со Уставот и со Законот.

Во однос на прашањето покренато во иницијативата дека Колективниот договор е несогласен со членот 347 од Законот за облигационите односи, Судот оцени дека наводите не се основаат поради следното:

Со колективен договор се уредуваат прашања во врска со остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работниците од работниот однос.

Со Законот за облигационите односи се уредуваат основите на облигационите односи, договорните и други облигациони односи во прометот на стоки и услуги.

Посочената одредба, пак, од членот 347 од Законот спаѓа во главата Истек на време, отказ, односно во подглавата Отказ на траен долговен однос.

Така, ставот 1 на член 347 од овој закон предвидува дека ако времето на траењето на долговниот однос не е определено, секоја страна може да го прекине со отказ.

Понатаму во ставовите 2, 3, 4, 5 и 6 на овој член од Законот се уредува начинот и постапката во врска со рокот за давањето отказ за прекинување на долговниот однос.

Имајќи ги предвид наведените одредби за Судот е неспорно дека подносителот на иницијативата ги става под заеднички именител правата на работникот од работниот однос со облигационите односи во прометот на стоки и услуги, па оттука го повикува во игра членот 347 од Законот за облигационите односи поврзувајќи го престанувањето на колективниот договор со роковите за отказ поради траен долговен однос.

Од тие причини, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста и законитоста на одредбата од ставот 4 на член 172 од оспорениот колективен договор.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.41/2004
9 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова