Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 мај 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 6, поднасловот “Застапување пред суд” и член 138 од Законот за вршење на нотарските работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/1996, 25/1998 и 6/2002).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 6, поднасловот “Застапување пред суд” и член 138 од законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорените одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 53 од Уставот, затоа што со утврденото право на нотарот да ги застапува странките пред судовите и други органи се доведува во прашање уставната положба на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош.
3. Судот на седницата утврди дека во член 6 став 1 од Законот за вршење на нотарските работи е предвидено дека нотарот е овластен да ги застапува странките во неспорни работи пред судовите и другите органи, ако тие работи се во непосредна врска со исправата што тој ја составил, а согласно став 2 на овој член, во случаите од став 1 нотарот има право и должност како адвокат.
Понатаму, Судот исто така утврди дека во членот 138 од Законот кој е поместен во поднасловот “Застапување пред суд” е предвидено дека ако нотарот ја застапува странката како полномошник пред судот или друг орган, има право на награда и надоместок на трошоците според тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите и тоа во случаите кога нотарот е овластен да ги застапува странките пред судот.
4. Судот исто така утврди дека оспорените членови биле предмет на оценка пред Уставниот суд и Судот со Решение У.бр.212/1997 од 1 јули 1998 година не повел постапка за оценување на нивната уставност.
Имено, во наведеното решение Судот изразил став дека правото на нотарот да се јавува како застапник на странките во строго определени случаи не ги доведува во прашање овластувањата на адвокатите ниту им одзема дел од работите кои и натаму може да ги вршат ако странките побараат правна помош од нив. Во тој контекст оспореникот член 6 од Законот е истовремено и ограничување на нотарот во скалд со генералната забрана од член 32 од Законот, нотарот да работи како адвокат, а правото на застапување во неспорни работи како исклучок произлегува од природата на нотарските работи чија финализација во определени случаи е поврзана со акти на судовите и други органи.
Од тие причини Судот оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 6 од Законот со Уставот.
Судот исто така, утврдил дека со оглед на тоа што членот 138 од Законот е логична последица на член 6 пропишувајќи право на награда на нотарот за застапништво во согласност со стандардите на адвокатурата не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
5. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
6. Со оглед на изнесеното, а имајќи ги предвид наводите од иницијативата кои во основа се идентични со наводите од иницијативата по предметот У.бр.212/1997, Судот смета дека нема основи за поинакво одлучување и одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.28/2004
19 мај 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова