203/2003-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 12 мај 2004 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 246 од Законот за супервизија на осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/2002).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата на Иван Чукиќ од Скопје, со Решение У.бр.203/2003 од 10 и 11 март 2004 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 246 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со членот 6 во основните одредби од Законот за супервизија на осигурување (“Службен весник на Репуб-лика Македонија” бр.27/2002), е предвидено:

(1) Друштвото за осигурување може да врши работи на осигурување во една или повеќе класи на осигурување, во рамките на една од групите на осигурување:

1) неживотно осигурување, кое ги опфаќа класите од точките 1 до 18 од членот 5 на овој закон и

2) осигурување на живот, кое ги опфаќа класите од точките 19 до 23 од членот 5 на овој закон.

(2) По исклучок на одредбите од ставот 1 на овој член, друштвото за осигурување што врши работи на осигурување во групата на осигурување на живот, може исто така да врши работи на осигурување од класите на осигурување во кои спаѓаат здравственото осигурување и осигурувањето од последици на несреќен случај – незгода, наведени во членот 5 точките 1 и 2 од овој закон, под услов на нив да се применуваат табелите на веројатност и пресметки слични на осигурувањето на живот.

(3) По исклучок на одредбите од ставот 1 на овој член, друштвото за осигурување кое врши работи на осигурување во групата на осигурување на живот, може исто така во согласност со Законот за капитално финансирано пензиско осигурување да управува со пензиски фондови, доколку ги исполнува условите предвидени со тој закон.

(4) По исклучок на одредбите од ставот 1 на овој член друштвата за реосигурување можат да вршат работи на реосигу-рување за двете групи на осигурување.

Според членот 246 кој е во преодните и завршни одредби од Законот е предвидено:

(1) По исклучок на членот 245 став 1 од овој закон, друштво за осигурување кое на денот на влегувањето во сила на овој закон истовремено врши работи на осигурување на живот и работи на неживотно осигурување, не е должно да ги усогласи својата органи-зација и работење со членот 6 став 1 од овој закон.

(2) И покрај одредбите од ставот 1 на овој член, друштвото за осигурување кое истовремено врши работи на осигурување на живот и работи на неживотно осигурување е должно да ги усогласи својата организација и работење во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон со следниве одредби:

1) посебно да управува со работењето на начин кој обезбедува вршењето на работите на осигурување на живот да е разграничено од вршењето на работите на неживотно осигурување;

2) да води засебно сметководство на начин кој обезбедува евидентирање на сите приходи и расходи на друштвото за осигуру-вање засебно за осигурување на живот и за неживотно осигурување, а во зависност од тоа на која група на осигурување истите се однесу-ваат и

3) засебно да го пресметува капиталот и потребното ниво на маргината на солвентност за осигурување на живот и за неживотно осигурување.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 7 од Уставот на Република Маке-до-нија владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во делот на уставните норми кои се однесуваат на осн-о-вите на економските односи, со членот 55 од Уставот е предвидено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

6. Законот за супервизија на осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/2002), во членот 1 определил дека предмет на уредување на овој закон се условите под кои можат да се вршат работи на осигурување на живот, неживотното осигу-рување и реосигурување, осигурително брокерски работи, основање, работење, супервизија и престанок со работа на трговските друштва за осигурување и реосигурување (друштва за осигурување), осигури-телните брокерски друштва и Националното биро за осигурување.

Според членот 3 став 1 од овој Закон, друштво за осигу-рување се основа како акционерско друштво со седиште во Република Македонија, под условите утврдени со овој закон и со Законот за трговските друштва.

Понатаму, со членот 245 став 1 од Законот е уредено дека постојните друштва за осигурување се должни својата организација, основачките акти и актите на деловната политика да ги усогласат со одредбите од овој закон во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Од анализата на оспорениот член 246 од Законот произ-легува дека интенцијата на законодавецот е во однос на друштво за осигурување кое до влегувањето во сила на овој закон истовремено вршело работи на осигурување на живот и неживотно осигурување, затекнатата состојба да ја задржи како исклучиво право наспрема востановениот правен режим со овој закон за останатите друштва за осигурување кои истовремено не вршеле работи од двете групи на осигурување, а тоа не можат да го вршат ниту според одредбите на овој закон (член 6).

Врз основа на изнесеното Судот утврди дека е право на законодавецот со закон да го пропишува правниот режим на осигурувањето на начин за кој смета дека вршењето на оваа дејност ќе биде во согласност со правилата и стандардите на осигурувањето заради заштита, пред се, на интересите на осигурените лица и други субјекти, при што се констатира дека тој режим се совпаѓа со режимот на осигурување утврден во правото на Европската Унија односно во Директивата 2002/83/ЕЦ од 5 ноември 2002 година, која се однесува на осигурување на живот.

Поаѓајќи од тоа дека утврдениот правен режим се однесува за сите субјекти во правото, произлегува дека со одредбите од членот 6 од Законот врз основа на економските принципи за слободно пазарно работење и еднаквата правна положба на субјектите на пазарот кои воедно ја исклучуваат монополската позиција на едни субјекти наспроти други, се поставени еднакви законски правила за субјектите во системот на осигурувањето.

Оттука, со оглед на тоа што со оспорениот член 246 од Законот се предвидува исклучок од пропишаниот начин на вршење на работите на осигурувањето само за одредени правни субјекти кои до донесувањето на овој закон на поинаков начин ги вршеле работите на осигурувањето од ново воспоставениот правен режим со овој закон и се допушта тоа да продолжи наспроти утврдените законски правила за останатите субјекти, Судот утврди дека оспорената одредба не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и 7 од Уставот кои се однесуваат на владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото и со членот 55 од Уставот, со кој се обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Имено, востановениот правен режим со Законот за супервизија на осигурувањето треба да се однесува подеднакво за сите субјекти кои ги вршат работите на осигурување и усогласувањето на друштвата за осигурување со законските норми кои го пропишуваат начинот на работење треба да биде во функција на важење на единствен, а не двоен правен режим.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.203/2003
12 мај 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова