17/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 алинеја 3 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 12 мај 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на

а) законитоста на Статутот на Здружението на пензионери “Куманово”, донесен од Собранието на Здружението на 15 декември 1998 година и

б) уставноста и законитоста на Деловникот за работа на Здружението на пензионерите “Куманово” – Куманово, донесен од Собранието на Здружението на седницата од 26 ноември 2002 година.

2. Љупчо Арнаудов од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на статутот означен под а) во точката 1 од ова решение и уставноста и законитоста на деловникот означен под б) во точката 1 од ова решение.

3. Судот на седницата утврди дека:

– во членот 10 став 3 од Статутот, меѓу другото, е предвидено бројот на членовите на Собранието на Здружението да се определува со посебна одлука на Собранието на предлог на Извршниот одбор;

– во членот 11 став 2 е предвидено претседателот на Собранието едновремено да е и претседател на Извршниот одбор на Здружението, и

– во членот 14 став 2 е предвидено Собранието да може да работи ако на него присуствуваат најмалку 2/3 од вкупниот број на членови на Собранието.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и законите.

Исто така, согласно член 110 алинеја 7 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Од наведените одредби произлегува дека Статутот на Здружението на пензионери “Куманово” во Куманово може да биде предмет на оцена пред Судот но, од аспект на неговата согласност со Уставот.

Со оглед на тоа што во иницијативата само формално се напоменува дека се бара оцена на уставноста на оспорениот статут, а всушност сите наводи се однесуваат на согласноста на Статутот со Законот за здруженијата на граѓани и фондациите, имајќи ја предвид веќе посочената одредба од член 110 став 7 од Уставот според која Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за уставноста на статутите на здруженијата на граѓаните, Судот оцени дека, во случајов, не е надлежен за оценување на законитоста на оспорениот статут.

Што се однесува до барањето во иницијативата Судот да ја оценува уставноста и законитоста на Деловникот за работа на Собранието на Здружението на пензионери “Куманово”, исто така согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува по тоа прашање.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.17/2004
12 мај 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова