Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 12 мај 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на делот “и член 251 точка 18” од Уводот, на делот “и цивилните” од називот и точката 1, на делот “пред стројот на војниците во единицата – установата” од точката 10, на точката 13 и на точката 18 од Упатството за начинот на спроведување на постапката за утврдување на дисциплинска одговорност на воените и цивилните лица во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/2003).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Упатството означени во точката 1 од ова решение.
Со поднесената иницијатива уставноста и законитоста на уводот на Упатството се оспорува затоа што во него како основ за донесување на ова упатство бил наведен и членот 251 точка 18 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, а од точката 19, а не 18, на овој член не произлегувало овластување на Министерот за одбрана да донесува поблиски прописи за дисциплинската одговорност на цивилните лица на служба во Армијата на Република Македонија. Имено, подносителот на иницијативата смета дека членот 137 од Законот, врз чија основа, исто така, е донесено Упатството, содржи овластување на министерот за одбрана да донесува поблиски прописи за дисциплинската одговорност само на воените, а не и на цивилните лица во служба на Армијата на Република Македонија.
Поради овие причини подносителот смета дека со оспорениот дел од уводот на Упатството, како и со оспорените делови од називот и точката 1 од Упатството, се повредувале членовите 8 став 1 алинеите 3 и 4, 51 и 96 од Уставот на Република Македонија, членот 137 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија и членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Во однос на оспорениот дел од точката 10 од Упатството се наведува дека е во спротивност со членот 135 став 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, затоа што во овој член од Законот било предвидено дека дисциплинските мерки се соопштувале јавно, но не и пред стројот на војниците во единицата – установата.
Поради тоа, оспорениот дел на точката 10 од Упатството бил во спротивност и со напред означените уставни и законски одредби.
Точката 13 од Упатството била во спротивност со членот 134 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, затоа што според овој член од Законот на сторителот на повредата на воената дисциплина морало да му се овозможи да се произнесе по сите наводи што постојат против него, а оспорената точка не го овозможувала тоа.
Според тоа, со оспорената точка 13 од Упатството, освен што се повредувал наведениот член од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, се повредувале и членовите 8 став 1 алинеите 3 и 4, 51 и 96 од Уставот, како и членот 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Точката 18 од Упатството не била во согласност со членот 52 став 3 од Уставот, затоа што според оваа точка Упатството влегувало во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а не најрано осмиот ден од денот на објавувањето, како што смета подносителот.
3. Судот на седницата утврди дека Упатството чии делови и одредби се оспоруваат со иницијативата, министерот за одбрана го донел врз основа на член 137 и член 251 точка 18 (оспорен дел) од Законот за служба во Армијата на Република Македонија.
Од називот и точката 1 на Упатсвото произлегува дека со ова упатство се пропишува начинот на спроведување на постапката за утврдување на дисциплинската одговорност на воените и цивилните лица (оспорен дел) на служба во Армијата на Република Македонија.
Во точка 10 од Упатството е утврдено дека “Дисциплинските мерки од ставот 2 од член 135 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија се соопштуваат јавно пред стројот на војниците во единицата – установата, од страна на овластено лице што ја изрекло дисциплинската мерка и ги запишува во книгата за дневен извештај на единицата”.
Во оспорената точка 13 од Упатството е утврдено дека “Евентуалната спреченост за присуство на расправата, лицето против кого е покрената постапката благовремено ја оправдува, а во спротивно доколку доставата е уредна, комисијата ќе одлучува во негово отсуство”.
Според оспорената точка 18 од Упатството, ова упатство влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Во член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Во член 51 од Уставот е утврдено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Во член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), се утврдени видовите на акти, односно прописи што може да ги донесе министерот во случај кога за тоа е овластен со закон, меѓу кои, како посебен вид се и упатствата. Според членот 56 став 3 од истиот закон, со упатството се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби на законите и други прописи.
Во членот 61 став 1 од означениот закон, генерално е утврдено дека со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и правните лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.
Во членот 137 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2002, 98/2002, 25/2003, 71/2003) е утврдено дека поблиски прописи за дисциплинската одговорност на воените лица донесува министерот за одбрана. Во членот 251 точка 18 од овој закон (точката 19, на која се повикува подносителот, со измените и дополнувањата на Законот објавени во “Службен весник на Република Македонија” бр.25/2003 станува точка 18) е утврдено дека на цивилно лице на служба во Армијата соодветно се применуваат одредбите од овој закон кои се однесуваат на воените лица, а се однесуваат на дисциплинска одговорност, отстранување од должност или служба и заштитни мерки (членовите 121, 122, 126, 129 и 131 до 143).
Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, како и фактот дека министерот за одбрана го донел Упатството врз основа на членовите 137 и 251 точка 18 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, Судот утврди дека наводите во иницијативата поради кои се оспорува уводниот дел на Упатството, делот од неговиот наслов, како и делот од точката 1, кои се однесуваат на цивилните лица се неосновани.
Имено, при изнесување на причините за оспорување на овие делови од Упатството подносителот на иницијативата, според мислењето на Судот тргнува од неправилно и погрешно толкување на членот 251 точка 18 од Законот. Наместо значењето на оваа одредба да го толкува конзистентно и поврзано со другите одредби од Законот на кои се упатува во самата одредба, а меѓу кои е и членот 137, подносителот оваа одредба ја толкува сама за себе и изолирано од овие одредби од Законот.
Затоа, доколку членот 251 точката 18 од Законот се толкува во корелација со членот 137 од Законот јасно произлегува дека овластувањето на министерот за одбрана утврдено во овој член од Законот еднакво се однесува за донесување поблиски прописи за дисциплинската одговорност и за воените и за цивилните лица на служба во Армијата на Република Македонија. Од тие причини Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од уводот на Упатството во делот “и член 251 точка 18” од Законот, како и на оспорените делови од насловот и точката 1 од Упатството “и цивилните лица” со наведените уставни и законски одредби во иницијативата.
Во членот 135 став 1 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија е утврдено дека дисциплински мерки се изрекуваат со решение. Според ставот 2 на овој член, по исклучок од ставот 1, дисциплинските мерки на војниците на отслужување воен рок, питомците на Воената академија и лицата на стручно оспособување и усовршување за офицери и подофицери (освен дисциплинските мерки одземање чин, војничка изолација и отстранување од Воената академија, односно стручното оспособување и усовршување за офицери и подофицери) не се изрекуваат со решение, туку се соопштуваат јавно и се запишуваат во книгата за дневен извештај на единицата.
Во член 136 од Законот, меѓу другото, е утврдено дека против решението со кое е изречена дисциплинска мерка, односно соопштувањето на одлуката запишана во книгата за дневен извештај на единицата, военото лице има право на приговор во рок од осум дена од денот на врачувањето, односно соопштувањето на одлуката со која е изречена дисциплинската мерка.
Од наведените законски одредби произлегува дека дисциплинските мерки, по правило, се изрекуваат со решение, а само по исклучок за определени воени лица, освен наведените во членот 135 став 2, овие мерки не се изрекуваат со решение, туку се соопштуваат јавно и се запишуваат во книгата за дневен извештај на единицата. Независно од начинот на кој се изрекуваат дисциплинските мерки, военото лице во секој случај има право на приговор.
Имајќи го предвид наведеното, како и тоа дека оспорениот дел од точката 10 од Упатството “пред стројот на војниците во единициата – установата”, е во функција на поблиску определување на формата, односно начинот на кој што се обезбедува јавното соопштување на дисциплинските мерки од член 135 став 2 од Законот, Судот оцени дека ова решение е во рамките на овластувањето на министерот за одбрана утврдено во членот 137 од Законот, како и членовите 55 став 1 и 56 став 3 од Законот за организација и работа на органите на државната работа, поради што и не го постави прашањето за неговата согласност со овие законски одредби, ниту, пак, со одредбите од Уставот наведени во иницијативата.
Во членот 134 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија е утврдено дека во текот на дисциплинската постапка на сторителот на повредата на воената дисциплина мора да му се овозможи да се произнесе по сите наводи што постојат против него.
Со оглед на тоа дека точката 13 од Упатството во прв ред се оспорува од аспект на член 134 од овој Закон, а поврзано со него и со одделни членови на Уставот и членот 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, Судот смета дека подносителот на иницијативата и овој член од Законот погрешно го интерпретира. Имено, подносителот тргнува од тоа дека според членот 134 од Законот, на сторителот на повредата на воената дисциплина во секој случај, независно дали е оправдано или неоправдано спречен, мора да му се овозможи да се произнесе по наводите поради кои е поведена дисциплинската постапка. Таквото толкување, според мислењето на Судот е нелогично и неправилно, бидејќи во таков случај би се довело во прашање водењето на дисциплинската постапка во рокот за застареност утврден од членот 138-а од Законот, а со тоа и постигнувањето на целта поради која е утврдена дисциплинската одговорност.
Смислата на одредбата од членот 134 од Законот, според Судот, е на сторителот на повредата на воената дисциплина да му се овозможи да се произнесе по наводите што постојат против него се додека постојат оправдани причини за негова спреченост да присуствува на расправата доколку поканата за расправа му е уредно доставена, а во спротивно да се одлучува во негово отсуство. Бидејќи оспорената точка 13 од Упатството предвидува претходно да бидат исполнети овие два услови (доставата да е уредна, а спреченоста благовремено да не се оправда), па потоа Комисијата да може да одлучува во негово отсуство, Судот смета дека таа не е во несогласност со членот 134 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, а поради тоа ниту со одредбите од Уставот во однос на кои се оспорува нејзината уставност. Точката 13 од Упатството не е во несогласност ниту со член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите за државната управа, затоа што во неа не се утврдуваат права и обврски на граѓаните, ниту надлежност на органи, како што смета подносителот на иницијативата. Напротив, во оваа точка од Упатството (како и во точката 12) се утврдува само начинот на кој што Комисијата која ја спроведува постапката за утврдување на дисциплиската одговорност (а тоа е онаа што согласно член 132 од Законот ја формира министерот за одбрана) треба да постапува во извршувањето конкретно на членот 134 од Законот.
На крајот, со оглед на тоа што точката 18 од Упатството се оспорува во однос на членот 52 став 3 од Уставот, Судот при оценување на нејзината уставност ја имаше предвид содржината на овој став од членот 52 од Уставот.
Имено, според член 52 став 3 од Уставот, законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето (во “Службен весник на Република Македонија”), а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.
Согласно оваа уставна одредба подносителот смета дека Упатството можело да влезе во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а не со денот на објавувањето, како што било утврдено во оспорената точка 18.
Меѓутоа, според Судот и овие наводи во иницијативата се неосновани затоа што роковите за влегување во сила утврдени во членот 52 став 3 од Уставот се однесуваат само на законите, а не и на другите прописи.
Оттука, а со оглед на тоа што во оспорената точка 18 од Упатството се определува тоа да влезе во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а во членот 52 од Уставот не е утврдено ограничување другите прописи да можат да влезат во сила пред истекот на определено време од објавувањето како за законите, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на точка 18 од Упатството со членот 52 од Уставот во целина, ниту со ставот 3 на овој член, во однос на кој посебно се оспорува нејзината уставност.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.82/2004
12 мај 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова