51/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 5 мај 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 93 став 2 од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/1997 и 44/2002).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 93 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 53 од Уставот на Република Македонија. Како аргументи за тоа во иницијативата најпрво се наведува дека оваа одредба немала никаква примена и практична вредност. Во прилог на ова свое тврдење подносителот на иницијативата ги посочува членовите 61 став 2, 63 и 66 од Законот за кривичната постапка за кои смета дека се во согласност со членот 53 од Уставот, што не било случај со оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 93 став 2 од Законот, полномошник што не е адвокат нема право на награда, освен на надомест на нужните издатоци.

4. Во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е утврдено дека темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е принципот на владеењето на правото.

Согласно членот 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Со оглед на тоа што една од причините поради која се оспорува уставноста на оспорената законска одредба е нејзината неприменливост затоа што во одредбите од Законот кои ги наведува подносителот во иницијативата не било предвидено полномошник во кривичната постапка да биде лице кое не е адвокат, Судот при разгледување на оваа иницијатива ги имаше предвид следните одредби од Законот за кривичната постапка.

Во Глава В “Оштетен и приватен тужител” од Законот за кривичната постапка, која ги опфаќа членовите од 48 до 62, е регулирана положбата на оштетениот и приватниот тужител и се утврдуваат процесните дејствија и роковите за нивно преземање во случај кога кривичните дела се гонат по предлог или по приватна тужба, односно кога кривичната постапка се води по предлог или приватна тужба поднесени од оштетениот, односно од приватниот тужител.

Во членот 61 став 1 од Законот е утврдено дека приватниот тужител, оштетениот и оштетениот како тужител, како и нивните законски застапници можат своите законски права во постапката да ги вршат и преку полномошник. Во ставот 2 на истиот член од Законот е утврдено дека на оштетениот како тужител, кога постапката се води по негово барање за кривично дело за кое со закон е пропишана казна затвор во траење над пет години, судот може, по негово барање, да му постави полномошник ако е тоа во интерес на постапката и ако оштетениот како тужител, според својата имотна состојба, не може да ги поднесува трошоците на застапувањето. За барањето одлучува истражниот судија, односно претседателот на советот, а полномошникот го назначува претседателот на судот од редот на адвокатите.

Во Главата ВИ, или поконкретно во членот 63 од Законот е утврдено дека секое лице има право на бранител во преткривичната и судската постапка, со тоа што бранител на осомничениот во преткривичната постапка и на обвинетиот според овој член може да биде само адвокат независно од тоа дали одбраната на обвинетиот е задолжителна (член 66) или факултативна.

Од наведените законски одредби произлегува дека Законот за кривичната постапка има различен пристап кога го уредува застапувањето на странките во постапката. Така, кога е во прашање оштетениот, оштетениот како тужител или приватниот тужител, Законот не предвидува нивни полномошник секогаш да е адвокат (со исклучок на членот 61 став 2), за разлика кога се работи за бранителот на осомничениот и на обвинетиот, за кој е предвидено дека мора да биде адвокат.

Овие законски решенија за бранителот и полномошникот нашле свој одраз и во членот 93 од Законот во кој се утврдува кој е должен да ги плати наградата и нужните издатоци на бранителот и на полномошникот на приватниот тужител или на оштетениот, со тоа што во оспорениот став од овој член се утврдува дека полномошникот кој не е адвокат нема право на награда, освен на надомест на нужните трошоци.

Разгледувајќи ја оспорената законска одредба интегрално со напред наведените законски одредби, Судот смета дека подносителот на иницијативата изведува погрешен заклучок дека како полномошник на странките во кривичната постапка може да биде само адвокат, а не и друго лице. Ова затоа што подносителот не го имал предвид членот 61 став 1 од Законот од чија смисла и содржина, според мислењето на Судот, произлегува дека, освен во случајот утврден во ставот 2 на овој член, како полномошник на приватниот тужител, оштетениот и оштетениот како тужител може да биде ополномоштено и друго лице, што не е адвокат, а што зависи од нивната волја.

Со оглед на тоа што оспорената законска одредба е конкретна, јасна, а истовремено и применлива, бидејќи нејзиното утврдување и опстојување има основ во другите одредби на Законот за кривичната постапка, Судот утврди дека со неа не се повредува принципот на владеењето на правото, поради што и не го постави прашањето за нејзината согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, во однос на кој се оспорува нејзината уставност.

Во врска со наводите во иницијативата дека оспорената одредба не е во согласност и со членот 53 од Уставот, Судот утврди дека и од аспект на овој член од Уставот не може да се доведе во прашање нејзината уставност, затоа што од членот 53 од Уставот, според мислењето на Судот, не произлегува дека адвокатурата е единствено надлежна за обезбедување на правна помош.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.51/2004
5 мај 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова