Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 5 мај 2004 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 89, член 90 став 2 во делот “Ако во овој случај полномошното му се издава на лице кое не е адвокат, потребно е присуство на двајца сведоци кои ќе се потпишат на полномошното” и член 93 став 2 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/98 и 44/2002).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорените одредби од Законот се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 53 од Уставот на Република Македонија, затоа што со нив се дозволувало правна помош да даваат и лица кои не се адвокати, а според подносителот на иницијативата од членот 53 од Уставот произлегувало дека само адвокатурата е таа што обезбедува правна помош.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 89 од Законот, ако странката во полномошното не ги определила поблиску овластувањата на полномошникот, полномошникот кој не е адвокат врз основа на ваквото полномошно може да ги врши сите дејствија во постапката, но секогаш му е потребно изречно овластување за повлекување на тужба, за признавање или одрекување од тужбеното барање, за склучување на порамнување, за одрекување или откажување од правен лек и за пренесување на полномошното врз друго лице, како и за поднесување на вонредни правни лекови.
Во член 90 став 2 од Законот е утврдено дека странката која не е писмена или не е во состојба да се потпише на писменото полномошно наместо потпис ќе стави отпечаток од показалецот. Ако во овој случај полномошното се издава на лице кое не е адвокат, потребно е присуство на двајца сведоци кои ќе се потпишат на полномошното (оспорен дел).
Во членот 93 став 1 од Законот е утврдено дека ако на полномошникот му е дадено овластување да ги врши сите дејствија во постапката, а странката односно нејзиниот законски застапник ќе умре или ќе стане деловно неспособен, или ако законскиот застапник биде разрешен од должност, полномошникот е овластен и натаму да ги преземе дејствијата во постапката, но наследникот, односно новиот законски застапник може да го отповика полномошното.
Според оспорениот став 2 на членот 93 од Законот, во случаите наведени во ставот 1 на овој член, на полномошникот кој не е адвокат секогаш му престануваат овластувањата што во полномошното мора изречно да се наведат (член 89).
4. Во членот 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другите, се утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и принципот на владеењето на правото.
Според членот 53 од Уставот, кој што е поместен во поглавјето “3. Гаранции на основите слободи и права” на делот втори од Уставот, во кој се утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согланост со закон.
Од содржината на наведените уставни одредби, како и од нивната систематика во Уставот произлегува дека основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот не само што се утврдени како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, туку за нивното остварување и заштита во Уставот се утврдени и гаранции, меѓу кои е и адвокатурата која е дефинирана како јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Меѓутоа, утврдувањето на адвокатурата во членот 53 од Уставот со означениот статус и својство, како една од уставните гаранции на основните слободи и права, според мислењето на Судот не значи дека таа е и единствено надлежна за обезбедување на правна помош. Секое толкување на членот 53 од Уставот во смисла дека тој ја исклучува можноста правна помош да обезбедуваат и други субјекти, освен адвокатурата, според Судот би било многу рестриктивно и не би соодветствувало на уставната концепција за улогата и значењето на слободите и правата на човекот и граѓанинот.
Она што, исто така, треба да се има предвид е фактот што и самиот член 53 од Уставот упатува дека адвокатурата правната помош ја обезедува во согласност со закон. Оттука, според мислењето на Судот, во рамките на ова уставно овластување законодавецот има право со закон да утврди под кои услови и во кои случаи адвокатите ја обезбедуваат правната помош, а истовремено да утврди во кои случаи и под кои услови оваа помош може да ја обезбедуваат и други лица, односно субјекти. Според постојната законска регулатива, по правило, тоа се сите оние случаи во кои обезбедувањето на правната помош, а во тие рамки и на застапувањето на странките во постапките пред судовите и другите државни органи, со оглед на специфичностите, не е резервирано само за адвокатите, како што е на пример застапувањето, односно одбраната на обвинетиот во кривичната постапка.
Имајќи го предвид изнесеното, како и тоа дека оспорените законски одредби се поместени во Глава петта “Полномошници” од Законот за парничната постапка, во чии одредби генерално се утврдува дека како полномошник на странките во оваа постапка освен адвокат може да биде и секое друго лице кое е наполно деловно способно, освен лица кои се занимаваат со надриписарство, Судот смета дека со оспорените законски одредби во кои се утврдуваат посебни услови за валидноста и дејството на полномошното доколку тоа се издава или е издадено на лице кое не е адвокат, не се загрозува уставно утврдената положба на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош во согласност со закон, ниту пак, се повредува член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.27/2004
5 мај 2004 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова